Г-дине Кондарко, со кавки проблеми се соочува ДИК во подготвките на изборниот процес?
Не би рекол дека се проблеми, тоа се тековни дејствија кои ДИК согласно изборниот законик треба да ги преземе согласно изборните рокови. Ако треба да се нарече потешкотија во овој момент и во оваа фаза од изборите е скратените изборни рокови бидејќи се работи за предвремени парламентарни избори каде што настојуваме и успеваме да ги запазиме роковите во врска со организација на сите изборни дејствија и сите оние предуслови кои треба како ДИК да ги овозможиме како фер избори и за транспарентност во изборниот процес. Најголем предизвик и потешкотија реално беше и е спроведувањето на гласањето во странство затоа што сметам дека изборниот законик во тој дел не е доволно разбработен и е последица на недоволно обмислени законски решенија со кои ДИК се соочува во пракса при нивна реализација. Ќе се соочиме со објективни околности кои се едноставно не применливи, на пример гласањето на избирачките одбори кои од Македонија ќе одат во странство да го спроведат гласањето не е предвидена постапка дали истите тие граѓани ќе гласаат таму или тука во Македонија, значи не е предвидена никаква постапка и тие практично го губат правото на глас, за да други граѓани го добијат правото на глас. Така што тоа се апсурди кои се надевам дека за наредните избори со интервенција во законот ќе бидат исправени и регулирани. Освен овој проблем, какви очекувате да бидат изборите во дијаспората?
Во делот на спроведувањето на изборите во дијаспората ДИК има поделени надлежности со МНР, значи од аспект на ДИК сите предуслови, упатства за спроведување на изборите се направени и очекувам дека ќе бидат успешни. Сосема е друго прашањето колку граѓани го искористиле своето законско право да се пријават и да гласаат. Тоа што малку иселеници пројавија интерес за да се пријават за гласање, колку практично ДИК ќе заштеди од парите од буџетот планирани за спроведување на изборите во дијаспората?
Пристапот е да се заштедат максимално пари, меѓутоа потенцирам дека не смее да се заштедува пари, а тоа да се одрази на квалитетот и на законитоста на било кое изборно дејствие во спроведувањето на изборите. Се она што ќе се заштеди и ќе остане ќе биде вратено во буџетот. Точно е дека има пријавено релативно мал број гласачи во странство меѓутоа тоа не е работа на оценка на ДИК, туку ДИК мора да го спроведе гласањето. Точно е дека законот вели дека ако има пријавено помалку од десет лица во едно избирачко место, значи во едно дипломатско конзуларно претставништво (ДКП) тогаш не треба да се отвори избирачкото место и не треба да се испрати избирачки одбор за гласање и доколку биде да не се упатат избирачките одбори во овие избирачки места каде што има помалку од десет пријавени гласачи тогаш сигурно дека ќе се заштедат многу пари.
Колку е изложена ДИК на политички притисоци?
Јас повеќе во овој момент би го нарекол тоа политички напади или политички етикетирања и за жал или за среќа тие во изминативе месец дена откако сум на оваа функција се насочени директно кон мене како претседател на ДИК меѓутоа во ред и тоа можам да го сфатам како дел од предизборието на одредени политички партии и обид за дискредитација, меѓутоа независно од тоа јас како претседател и ДИК во целина ќе работиме и наша обврска е да го спроведуваме законот во целост, кога го спроведуваме законот без разлика на нападите, етикетирањата, тука неможе да се погреши и мислам дека единствено тоа е правилен пристап безразлика на сите работи кои беа изнесени во јавноста и кои сметам дека се недолични за некоја сериозна дебата, мислам дека работата и резултатите ќе покажат кој и како го спроведува законот.
Покрај личните напади кон вас и кон ДИК, често и информациите кои излегуваат од Комисијата се користат како алатка за политички препукувања, па како тоа влијае врз работата на ДИК. Видовме неодамна дека голем дел од членовите ја бојкотираа работата на Комисијата?
Во ДИК партиите на власт имаат мнозинство на гласови. Значи поединечниот глас на претседателот или пак неговиот потпис, не одлучува за ништо, ниту за текот на изборите. Битно е да се каже дека сигурно дека ќе има ситуации кога ќе има и различни мислења, кога ќе има и различно гласање меѓутоа битно е да се држиме и покрај различните мислења да се држиме во рамки на законот, и одлуките да бидат во рамки на законот и таквите да се спроведат во функција на законито спроведување на изборите. Предизборната кампања започна предвреме. Веќе има билборди по улиците, плакати на определени партии, реклами на интернет... Што ќе преземе Државната изборна комисија за тоа?
Точно е дека гледаме секојдневно условно речено прекршување на правилата за рекламирање на политичките партии пред почетокот на кампањата, специфична е формата на постапување и надлежност. Значи најпрво треба да бидат дефинирани листите за да некој биде дефиниран како политичка партија, организатор и учесник во изборна кампања за да може ДИК против некого да преземе нешто. За да се постапи по конкретен случај треба да се види дали се работи за презентација на изборна програма, дали се работи за промоција на лого, на кандидати, значи во законот не се разграничени однесувањето на партиите како тековни активности и како предизборни активности и многу е тешко да се направи разлика. Во секој случај ние како ДИК треба да добиме поплака, претставка, барање од некого, затоа што ние немаме капацитет, ниту имаме време фактички на теренот во цела Македонија да ги детектираме таквите работи, туку мора да имаме конкретни докази врз основа на кои ќе можеме да постапиме. За секој таков конкретен наод за кој ќе имаме обезбедено докази дека е направено прекршување на членот 69 од Изборниот закон ќе постапиме подеднакво без разлика за која партија се работи.