Достапни линкови

Обама: Гадафи мора да замине


Американскиот претседател Барак Обама излезе со досега најдиректна изјава во врска со случувањата во Либија, барајќи од Моамер Гадафи да си замине, по над четири децении на власт. Во меѓувреме е воспоставен меѓународен воздушен мост за намалување на хуманитарната криза на границите на Либија каде што, според бегалците, владее хаос во кој владините сили киднапираат и убиваат цивили.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека светот е шокиран од, како што оцени, ужасното насилство врз либискиот народ.

„Ќе продолжиме да испраќаме јасна порака. Насилството мора да запре. Моамер Гадафи го загуби легитимитот да раководи и мора да замине. Оние што вршат насилство врз Либијците мора да одговараат. Аспирациите на Либијците за слобода, демократија и дигнитет мора да бидат остварени.“


Обама, исто така објави дека американското воено воздухпловство ќе преземе хуманитарна улога за да им помогне на Eгипќаните кои бегаат од Либија и кои сега се наоѓаат на границата со Тунис.

Според некои наводи, скоро 200 илјади луѓе досега избегале од Либија, повеќето од нив странски работници.

Обама изјави дека им порачал на Стејт департментот и на Министерството за одбрана да ги разгледаат сите опции, вклучувајќи и воведување зона на забранети летови, за да се избегнат можни воздушни напади врз либиската опозиција, која деновиве побара од странските сили да покренат такви напади.

Пентагон засега ја отфрла идејата за воена интервенција во Либија. Сепак, околу 400 американски маринци од воената база во Грција, според извештаите, биле ставени во состојба на готовност, а два американски воени брода се наоѓаат во водите на Медитеранот и пловат кон Либија.
Муамер Гадафи го загуби легитимитот да раководи и мора да замине. Оние што вршат насилство врз либијците мора да одговараат. Аспирациите на либијците за слобода, демократија и дигнитет мора да бидат
остварени.

Во меѓувреме, Британија и Франција соопштија дека би требало да почнат подготовките за воведување зона на забранети летови.

„Очигледно заканата на режимот на Гадафи да го бомбардира цивилното население е неприфатлива и затоа ние треба да го спречиме тоа. Затоа Франција побара од НАТО да испланира воведување зона на забранети летови“, изјави шефот на француската дипломатија Ален Жипе.

Пред два дена Гадафи, кој најави дека нема да се повлече од власт, изјави дека доколку Соединетите Држави и НАТО влезат во конфликтот, тогаш ќе загинат илјадници и илјадници Либијци и ќе почне нов Виетнам.


Најновите изјави на претседателот Барак Обама доаѓаат во време кога бунтовниците ги зацврствуваат своите позиции околу стратегиската нафтена инсталација во Брега, откако го одбија обидот на силите на Гадафи да ја преземат во нивни раце. Но, во главниот град Триполи, според очевидци, владее атмосфера на терор. Се јавува за апсења и убиства кои ги вршат силите лојални на режимот.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд Луис Морено Окампо веќе покрена истрага против Гадафи и некои негови синови за злосторства против човештвото.

„Канцеларијата ќе истражува кој е најодговорен за најсериозните инциденти и кривични дела извршени во Либија.“

Настаните во Либија се најкрвави од почетокот на бранот протести против повеќедецениските лидери во Северна Африка и на Блискиот Исток.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG