Ова што се случи со објавувањето на тајние документи од Стејт Департментот на порталот на Џулијан Асанж направи еден вид револуција во светот на информирањето. Како еден комуниколог гледа на ова?
Објавувањето на тајните документи на Стејт Департментот на веб сајтот на Викиликс, е случај не е од Џулијан Асанж, самите податоци се дадени од Пентагон, така што тоа говори за еден глобален тренд кој е најизразен во Америка, но полека се пренесува и на другите континенти во кој глобалниот заклучок е дека повеќе не постојат тајни. Тоа се одразува преку неколку показатели, прво во се поголем број од земјите во светот клеветата е декриминализирана под услов дека новинарот имал право да се сомнева во веродостојноста на тие податоци. Понатаму, во Америка, а се повеќе и на другите места, не се смета за таен документ она што јавноста имала право да го знае и во тоа спаѓа овој дел на Викиликс. Трето, во Америка повеќе од другите места, информацијата веќе станува глобална, не се контролира од национални мрежи, радио, печатени весници, туку се повеќе интернетот, блоговите, директната комуникација, па и социјалните мрежи ја преземаат улогата на примарен драјвер на дебатата. Сите тие кога ќе се соберат заедно доаѓаме до информација дека тоа е еден тренд кој се случува подолго време, кој сега само кулминира со сегашната појава на веб сајтот на Џулијан Асанж.
Сакате ли да кажете дека е настапено ново време во новинарството?
Апсолутно, глобалните трендови се дека никој нема ексклузивно право на една информација и дека нема право владата во име на народот да одлучува што е тајно, што не е тајно за некој податоци за кои јавноста имала право да ги знае, и тоа е една од главните причини зошто Џулијан Асанж сеуште не го гонат за откривање на тајни податоци.
Иако во светот се случи вистинска „бура“ со објавувањето на документите, кај нас еден невиден молк од страна на интелектуалците, академците, новинарите, никој не реагира на тоа и се прашувам дали и во Македонија може да се случи едно такво движење, бидејќи ова слободно може да го наречеме движење преку интернетот?
Знаете како, ниту во Македонија, ниту во друга земја тоа неможе да се случи, тоа треба ние кои сме заинтересирани за таа информација да го направиме. Тоа што е правило во западниот свет, за што се избориле интелектуалците и стручната јавност, кај нас некако како да е исклучок. На пример кај нас над 170 новинари се тужени за клевета, што значи не само што не е декриминализирана туку агресивно политичките елити ги гонат новинарите за откривање на информации. Понатаму нашата влада, институции, не ги даваат оние информации што по закон мора да ги дадат, информации од слободен карактер кои би требало по закон да ги направат достапни за новинарите, да не збориме за државна тајна.
Иако има и закон за слободен пристап до информации?
Апсолутно. Значи, тие тоа што треба не го прават, а камоли да го декриминализираат тоа што новинарите го дознале, и трето сеуште не се пробиени тие „андерграунд“ медиуми во доволна мерка кај нас. Се уште јавноста кај нас премногу е зависна од главните медиуми, два-три печатени весници, две-три главни телевизии, две-три радија.