Достапни линкови

Како против поплавите и сушите?


Деновиве Европа ја зафати невреме со голем мраз и снег на северот, и со катастрофални поплави на Балканот. За се позачестените поплави и суши се обвинува глобалното затоплување кое пак е предизвикано од испуштањето штетни гасови во атмосферата. Во светот веќе со години безуспешно се бара договор за спречувањето на глобалното затоплување и за ублажувањето на неговите ефекти.

Во мексиканскиот град Канкун е во тек двонеделна конференција во барањето договор за глобалното затоплување, но очекувањата и од овој собир се повеќе од скромни.

Според некои посматрачи, таа е само обид за бришење на сеќавањата од скоро катастофалниот неуспех од минатогодишниот собир на истата тема во Копенхаген.

Тој заврши без обврзувачка резолуција за спречување на емисијата штетни гасови, кои се ослободуваат од горењето на фосилните горива како што се нафтата, јагленот и гасот.

Овојпат, Кристијана Фигурес, извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која е домаќин на разговорите во Канкун, ги повика земјите конечно да постигнат компромис.

„Кога влоговите се високи и прашањата се предизвикувачки, компромисот е чин на мудрост што на креативен начин може да ги обедини различните позиции. Исходот треба да биде насочен кон нашата работа за подобра иднина на светот.“

Но, очекувањата од оваа конференција дефинитивно се поскромни отколку што беа во Копенхаген.
Кога влоговите се високи и прашањата се предизвикувачки, компромисот е чин на мудрост што на креативен начин може да ги обедини различните позиции. Исходот треба да биде насочен кон нашата работа за подобра иднина на светот.


Тука пред се станува збор за неволноста на земјите да се отакажат од зависноста од фосилни горива, како и борбата меѓу развиените и неразвиените земји околу тоа кој треба да ја сноси одговорноста.

Сепак, делегатите се надеваат дека ќе се постигне договор за воспоставување таканаречен Зелен фонд, од стотици милијарди долари за помош на најпогодените од климатските промени, како например некои островски држави.

Од Алијансата на 43 мали островски држави сметаат дека тие се соочуваат со крајот на нивната историја со оглед на тоа што ништо не се презема за намалување на нивото на морињата.

Може да се постигне договор и за трансфер на технологии меѓу земјите со цел спречување на емисиите на јаглероден диоксид поради уништувањето на шумите.

Од конференцијата во Канкун

Но, што се однесува до поамбициозните цели, како што е замената на Протоколот од Кјото, кој истекува во 2012 година, во Канкун не се очекува скоро ништо.

Овој протокол беше одбиен од Соединетите Држави, а сега против него е и Кина со образложение дека ќе им нашети на нивните економии.

„Нашите односи со Кина се исклучителни важни. Ние сме на првите две места по испуштање гасови во атмосферата. Ние сме и двете најразвиени светски економии и имаме огромни ресурси, но и сложени домашни околности кои ги диктираат нашите постапки. Мислам дека голем успех во Канкун ќе биде ако двете земји дојдат до некаква согласност“, вели Џонатан Першинг, заменик на американскиот специјален пратеник за климатски промени.

И покрај очигледните пречки во Канкун, повеќето се согласуваат дека глобалното затоплување станува алармантно.

Во извештајот што го објави Европската агенција за животна средина се предвидува дека алпските глечери за неколку децении целосно ќе се стопат и оти арктичкиот мраз ќе се намалува побрзо од предвиденото, додека јужните земјоделски култури се повеќе ќе се селат на север.

Впрочем оваа година, според американските експерти, беше една од најжешките досега.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG