Достапни линкови

Како со корејската криза?


Јужнокорејскиот остров Јеонпјеонг по нападот на Северна Кореа
Јужнокорејскиот остров Јеонпјеонг по нападот на Северна Кореа

Јужна Кореја ја зајакнува безбедноста на неколку острови во близина на оној што пред два дена беше цел на артилериски напад од Северна Кореја. Во меѓувреме, Пјонгјанг предупреди на нова одмазда доколку Сеул ги продолжи воените провокации. Големите сили во потрага по заеднички одговор на новата криза.

Кинескиот премиер Вен Џиабао побара од двете страни да покажат максимална воздржаност, додавајќи дека Кина се противи на секаква воена провокација.

Пекинг ги повика двете земји што поскоро да почнат преговори за да се избегнат слични настани.

Претходно, Соединетите Држави ја повикаа Кина да изврши притисок врз Северна Кореја за да ги прекине провокациите.

„Како единствен сојузник на изолираната Северна Кореја, Кина има пресудна улога во намалувањето на тензиите“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Официјални претставници во Вашингтон укажуваат дека Соединетите Држави имаат намера да развијат долгорочна стратегија која ќе ги вклучи земјите кои учетвуваат во шестпартитните разговори за денуклеаризирање на Северна Кореја.
Како единствен сојузник на изолираната Северна Кореа, Кина има пресудна улога во намалувањето на тензиите на Корејскиот полустров.

„Ние ќе работиме со Кина, ние ќе работиме со сите наши партнери во договорањето на одговорот. Но, повторно истакнувам дека тоа ќе биде одмерен и обединет одговор“, изјави портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер.

На ист став е и шефот на американскиот генералштаб, адмирал Мајк Мјулен кој изјави дека е многу важно Кина да го преземе водството во новата ситуација.

Уништени куќи на бомбардираниот остров Јеонпјеонг во Жолто Море

Тој додаде дека Вашингтон работи со своите сојузници на начините како да се одговори на нападот.

Пред тоа претседателот Барак Обама му порачал на својот јужнокорејски колега Ли Мјунг Бак дека Соединетите Држави стојат рамо до рамо со неговата земја.

Според аналитичарите, сето ова покажува дека Вашингтон е за дипломатско, а не за воено решение на проблемот. Сепак, при покренувањето на дипломатските не се заборавени и воените чекори.

Имено, Соединетите Држави соопштија дека во наредниве денови ќе одржат заедничка поморска вежба со Јужна Кореја во која ќе биде вклучен и еден носач на авиони.

Ваквите планови предизвикаа загриженост на Пекинг.

„Ние сме против секаков акт со кој се нарушуваат мирот и стабилноста на Полустровот“, изјави портпаролот на кинеското министертво за надворешни работи Хонг Леи.

Северна Кореја пред два дена изврши артилериски напад врз јужнокорејскиот остров Јеонпјеонг на Жолто Море во кој загинаа четири лица.

Соопштено е дека тоа било одговор на бомбардирањето од страна на јужнокорејските сили.

Станува збор за еден од најтешките инциденти по корејската војна во педесетите години на минатиот век.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG