Вести
ВМРО ДПМНЕ - Имотот на функционерите е од пред да станат власт
Сите тие, посочи тој, влегоа во политиката од работни места на исклучително големи компании и познати светски брендови, значајни светски институции или беа веќе со сериозно развиен приватен бизнис.
„Сите знаат дека Петре Латиновски поседува бизнис повеќе од дваесет години. Жика Стојановски пред да стапи на функцијата градоначалник повеќе години наназад имаше успешен бизнис. Владимир Пешевски е еден од најуспешните менаџери во Република Македонија. Сите знаат дека Зоран Ставревски работеше во Светска Банка и веќе поседуваше стан во Вашингтон. Иво Ивановски пред да стапи на функцијата работеше во најголемата фабрика за производство на пластика, а Мијалков пред да стапи на функција веќе поседуваше стан во Чешка“., рече Бичиклиски.
Тој му препорача на Стевчо Јакимовски да се позанимава со своите богати партиски колеги, поради тоа што, како што рече, Зоран Заев со својата фамилија и бизнис партнерите сами тежат повеќе од сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ заедно.
види ги сите денешни вести
Трамп предлага нови санкции кон Русија ако Путин не прифати мировни преговори
Американскиот претседател Доналд Трамп сугерираше дека ќе направи удар врз Русија со дополнителни санкции доколку претседателот Владимир Путин не прифати мировни преговори за ставање крај на војната во Украина. Трамп исто така во телефонски разговор го повика кинескиот лидер Кси Џинпинг да помогне да се стави крај на конфликтот.
„Звучи дека ќе биде така“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа на 21 јануари на прашањето дали Вашингтон ќе воведе нови санкции за Русија доколку Путин не дојде на преговарачка маса.
Трамп не понуди детали за потенцијалните нови мерки кои би се надоврзале на огромната низа санкции кои веќе ја таргетираат Русија за нејзината целосна инвазија врз Украина што ја почна во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, ја повтори својата намера да разговара со Путин во блиска иднина, без да даде временска рамка.
„Разговараме со [украинскиот лидер Володимир] Зеленски. Ќе разговараме со претседателот Путин многу наскоро. Ќе го разгледаме тоа“, рече Трамп.
Американскиот претседател на 20 јануари рече дека Зеленски му кажал дека сака мировен договор за ставање крај на војната.
Осврнувајќи се на блискиот сојузник на Путин, кинескиот лидер Кси, Трамп рече дека во разговорот го повикал да помогне да се стави крај на бруталниот конфликт.
Трамп, исто така, рече дека неговиот тим ја разгледува можноста за испраќање дополнително оружје во Украина. За време на неговата претседателска кампања, Трамп енергично зборуваше против нивото на помош што го обезбедуваше администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Сепак, Трамп на моменти велеше дека е отворен за идејата за програма за заеми со која Украина ќе им врати на САД за пратките на оружје со текот на времето.
Во неговите последни забелешки, тој исто така го повтори својот став дека другите сојузници треба да ги зголемат трошоците за одбраната на Украина, повикувајќи ја Европската унија да ги „изедначи“ трошоците за помош за да одговараат на нивото на помош на САД.
Забелешките доаѓаат на вториот ден од новиот мандат на Трамп во Белата куќа.
За време на претседателската кампања, Трамп вети дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Тој ги отфрли тие коментари во последниве недели, но сепак вети дека брзо ќе стави крај на војната.
Многу аналитичари велат дека ќе биде тешко да се стави крај на војната во блиска иднина, бидејќи Путин верува дека победува и нема поттик да ги прекине борбите, иако Русија трпи катастрофални загуби во луѓе и опрема.
Обвинителството истражува дали бегството на Груби било организирано
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Јавното обвинителство води постапка за тоа дали бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е организирано и дали имало други вмешани.
Внатрешна истрага веднаш по бегството пред едене месец била отворена во Одделот за внатрешна контрола во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР), додаде тој, по што доказен материјал е доставен во Обвинителството да се утврди дали станува збор за организирано бегство на Груби или станува збор само за пропуст на предметниот полициски службеник.
„Од досега собраните докази кои ги имаме за да може да интервенираме во утврдена фактичка состојба во делот на службеникот, сме поднеле кривична пријава и се преземени чекори во насока на суспензија и во насока на констатирање на негова вина, кривична одговорност согласно доказите кои се неспорни. Неспорно е дека полицискиот службеник не погледнува во мониторот и му дозволува да излезе. Тоа е неспорен факт и тука имаме кривична пријава“, рече Тошковски.
Артан Груби е во бегство од 15 декември кога беа објавени информации во јавноста дека ја напуштил земјата, откако заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.
По информациите дека ја напуштил земјава, Артан Груби самиот напиша на Фејсбук дека не е во бегство и дека се наоѓа во приватна посета во Косово.
„Веднаш штом завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.
Ден потоа кога полицијата вршеше претрес на две негови локации, не го пронајде дома. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“, а за Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потоа кажа дека е оформен предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
По една недела следуваше уште еден предмет на Обвинителството против Груби. Овојпат се отвори истрага, каде тој е еден од шестмината осомничени за набавката на ВЛТ апаратите во Државна лотарија. МВР поднесе кривична и против експремиер, но тој засега не е опфатен со отворената истрага. Со Груби, осомничени се и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и четворица членови на Комисијата за јавни набавки.
Мулино: Каналот не е подарок од САД, тој и припаѓа на Панама
Панамскиот претседател Хосе Раул Мулино изјави дека Панамскиот канал припаѓа на Панама и никогаш не бил подарок од САД, одговарајќи на изјавите на Доналд Трамп дека САД ќе си ја повратат контролата над каналот.
„Ние во целост го отфрламе сето она што го кажа г-дин Трамп. Прво затоа што е лага, а второ затоа што Панамскиот канал и припаѓа на Панама и ќе продолжи да и припаѓа на Панама“, рече Мулино за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Додаде дека Панамскиот канал не бил отстапка или подарок од САД, туку резултат на повеќедецениски договори.
Трамп, во своето инаугуративно обраќање во понеделникот, го повтори обвинувањето дека Кина „управува“ со Панамскиот канал преку нејзиното растечко присуство околу пловидбата.
„Не и го дадовме на Кина, туку на Панама. И го враќаме назад“, рече тогаш Трамп.
Каналот, отворен во 1914 година, беше изграден од САД, но предаден на Панама на 31 декември 1999 година, според договорите потпишани околу две децении порано.
Панама се пожали до Обединетите Нации поради забелешките на Трамп, повикувајќи се на член од Повелбата на ОН со кој се спречува која било членка да врши „закана или употреба на сила“ против територијалниот интегритет или политичката независност на друга.
„Каналот е наш и ќе остане наш. Не дозволуваме ваквите изјави да нè вознемират,“ рече Мулино.
Кина, исто така, реагираше посочувајќи дека „никогаш не се мешала во работите на каналот“.
Панамскиот канал е стратешки воден премин долг 80 километри што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан, изграден од САД и пуштен во употреба во 1914 година.
Нови линии од скопскиот аеродром до Париз и Женева
Министерството за транспорт денеска (22 јануари) соопшти дека од Меѓународниот аеродром Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии и тоа Скопје - Женева и Скопје - Париз (аеродром Орли).
Овие две дестинации, се наведува во соопштението, се воведуваат на барање на дијаспората, а ќе ги оперира авиокомпанијата Изиџет, со тоа што линијата Скопје – Париз ќе започне да се оперира од 2 април, додека линијата Скопје -Женева од 3 ноември, оваа година.
Од ресорното министерство, овие две дестинации се дел од финансиската подршка што ја овозможува Владата преку Министерството за транспорт, а се во рамките на отворениот јавен повик за подршка за воведување на нови авиолинии.
Јавниот повик е се уште отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат критертиумите предвидени со повикот.
„Верувам дека ќе поттикнеме и други авиокомпании да се јават на повикот, со некои и веќе преговараме и очекувам воведување и на други дестинации од домашните аеродорми. Имаме потенцијал, имаме капацитет и верувам дека повторно ќе ја зголемиме конкурентноста на аеродормите во регионот. Дополнително на граѓаните им овозможуваме нови дестинации, а на нашите од дијаспората олеснување во комунакцаијата со своите блиски овде во Македонија“, истакнува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Со овие две нови линии се зголемува бројката на 9 нови дестинации. Претходно се потпишаа договори за воведување на линиите: Охрид-Истанбул, Охрид-Базел Мулхаус, Скопје-Дубаи, Скопје - Штутгарт, Скопје-Лион, Скопје-Барселона и за истите се овозможува финансиска подсршка по принципот на патник во доаѓање.
Продолжува штрајкот на наставниците во дел од училиштата во Србија
Дел од вработените во училиштата во Србија и на 22 јануари продолжија со прекин на работата до конечната одлука за генерален штрајк во образованието.
Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС) соопшти дека во голем број училишта низ државата нема настава или часовите се скратени од 45 минути на 30. Просветните работници кои штрајкуваат во Србија бараат повисоки плати и подобри услови за работа во училиштата.
Тие ги поддржаа студентите кои веќе два месеца ги блокираат факултетите барајќи одговорност од властите за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Српското Министерство за образование на 21 јануари објави дека наставата се одвива во повеќе од 96 отсто од вкупно 1773 основни и средни училишта.
Во изминативе денови, во Белград и во некои други градови, на јавни места се појавија графити и транспаренти со црвена тупаница и паролата „Рацете ви се крвави“ како своевиден „одговор“ на симболот на студентските протести во Србија, преку кои се бара одговорност од властите за смртта на петнаесет лица во Нови Сад.
Студентите во блокадата на белградскиот универзитет на 21 јануари испратија писмо до синдикатите на сите просветни работници во Србија, синдикатите на работниците во Српската пошта и работниците во Електростопанството на Србија (ЕПС), во кои официјално ги повикаа на штрајк за поддршка на студентите „со цел да се радикализираат акциите на општеството за исполнување на студентските барања“.
Во писмото до синдикатите, кое го доставија до медиумите за време на блокадата, тие наведуваат дека студентските заложби за функционирање на институциите во Србија трае веќе со недели и дека нивните барања би биле незамисливи во функционална држава.
Во знак на протест, студентите блокираат повеќе од 60 факултети ширум земјата, барајќи одговорност за трагедијата во Нови Сад на 1 ноември.
Фон дер Лајен: Во геополитички променет свет, ЕУ мора да ги одбрани своите вредности
Првите три недели од 2025 година се показател за промената во глобалната политика и влеговме во нова ера на сурова геостратешка конкуренција, каде имаме работа со сили со големина на континент, кои се ангажираат меѓу себе главно врз основа на интереси, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.
„Оваа нова динамика се повеќе ќе доминира во односите меѓу глобалните актери. Правилата за ангажман се менуваат. Можеби на некои во Европа не им се допаѓа оваа нова реалност, но ние мора да се справиме со неа. Нашите вредности не се менуваат. Но, за да ги одбраниме, мора да се променат некои работи“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, за да ги заштити своите интереси и вредности ЕУ мора да биде економски силна. Таа се осврна и на цените на енергенсите, кои, како што рече, во Европа се структурно повисоки отколку во САД или Кина и значително се разликуваат низ ЕУ.
„Затоа, мораме да ги намалиме, додека го завршиме постепеното исфрлање на руските фосилни горива. Мора да продолжиме да ги диверзифицираме нашите енергетски извори, да инвестираме во технологии за чиста енергија и да мобилизираме поголем приватен капитал за да ги модернизираме нашите мрежи и инфраструктура“, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека овие заложби ќе бидат дел од новиот Енергетски план, што Европската комисија ќе го претстави во февруари.
Фон дер Лајен оцени и дека ЕУ мора да ја зајакне својата економска отпорност и безбедност, во услови кога глобалните сили се борат за пристап до суровини и витални синџири на снабдување, за што е потребно зајакнување и проширување на партнерствата на Унијата ширум светот.
Таа додаде дека во односите со новата американска администрација, ЕУ секогаш ќе ги има на ум оваа поврзаност и пријателствата, семејните врски, заедничка историја и култура од двете страни на Атлантикот.
„Нашиот прв приоритет ќе биде што поскоро да се ангажираме, да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени за преговарање. И кога ќе дојде време за преговарање, ќе бидеме прагматични во барањето заеднички јазик. Но, исто така, сакам да знаете дека ние секогаш ќе стоиме на нашите европски принципи“, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците.
Русија гледа „мал прозорец на можности“ за преговори со Трамп
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва гледа „мал прозорец на можности“ за склучување договори со новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на новинската агенција Интерфакс.
„Не можеме да кажеме ништо денес за степенот на капацитетот на претстојната администрација да преговара, но сепак, во споредба со безнадежноста во секој аспект на претходниот шеф на Белата куќа (Џо Бајден), денес постои прозорец на можности, иако е мал“, рече Рјабков и додаде:
„Затоа, важно е да се разбере со што и со кого ќе треба да се справиме, како најдобро да ги изградиме односите со Вашингтон, како најдобро да ги максимизираме можностите и да ги минимизираме ризиците“, рече тој, говорејќи во Институтот за американски и канадски студии во Москва.
Трамп, кој ја презеде функцијата во понеделникот (20 јануари), рече дека може брзо да ја заврши војната во Украина, без да прецизира како.
Тој во вторникот предупреди дека најверојатно ќе воведе повеќе санкции кон Русија доколку претседателот Владимир Путин одбие да преговара за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.
Трамп не даде детали за можните дополнителни санкции кон Русија, која веќе е под значителни западни санкции поради нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Украина соопшти дека соборила 65 руски беспилотни летала во текот на ноќта
Воздухопловните сили на Украина во среда (22 јануари) соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила напад со 99 беспилотни летала, од кои 65 се соборени, а 30 други исчезнале од радарите без да стигнат до своите цели.
Воздухопловните сили пријавија штета во шест региони низ Украина како резултат на нападот.
Русија лансираше речиси секојдневни напади со беспилотни летала кон својот сосед во изминатите неколку месеци.
Во меѓувреме, руските војници ја презедоа контролата врз населбата Западне во северниот дел на украинската област Харкив, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на Министерството за одбрана.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие извештаи од фронтот.
Епидемија на грип во пет градови во Бугарија
Во пет области во Бугарија е прогласена епидемија на грип, објавија денеска (22 јануари)локалните медиуми.
Епидемија е прогласена во Хасково, Видин, Јамбол, Пловдив и Благоевград.
Во Хасково и Видин мерките се веќе на сила, а во Јамбол од денеска децата се префрлени на онлајн настава.
Во Пловдив и Благоевград се забранети посети во болниците. Во градинките и училиштата нема да се примаат болни деца. Во изминатите четири дена бројот на заболени од грип во Пловдив е зголемен за 35 отсто.
Во Благоевград се воведува обврска медицинскиот персонал да носи заштитни маски во медицинските установи.
Се очекува од утре и Варна да прогласи епидемија на грип. Таму веќе се воведуваат посебни мерки за спречување на ширењето на грипот, јавија бугарските медиуми.
Калас: Трамп е во право дека ЕУ „не троши доволно“ за одбрана
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас изјави дека блокот мора да го послуша барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да троши повеќе за одбраната.
На прес-конференција во Брисел, таа упати остро предупредување за закана од Русија.
„Претседателот Трамп е во право кога вели дека не трошиме доволно. Време е да инвестираме“, рече Калас.
Според неа, САД мора да останат „најсилниот сојузник на Европа“.
Американскиот претседател Трамп очекува сојузниците на Соединетите Држави во НАТО да потрошат повеќе пари за оружје и муниција. Предлогот на Трамп членките да издвојуваат пет проценти од БДП за одбраната беше отфрлен од повеќето земји.
Калас, меѓудругото повика на нов договор за одбрана што ќе го поврзе блокот со поранешната членка Британија како „клучен партнер“ во соочувањето со заканата од Русија.
„Потребен ни е взаемно корисен однос за безбедноста и одбраната. Нов договор за ова е логичен следен чекор“, порача Калас.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете