Достапни линкови

Иванов - Притисоци врз Македонија за името


Прашањето со уставното име на Република Македонија бара исклучителна трпеливост и внимателност, оттаму што нам ни се наложува што поскоро да се изнајде решение, како предуслов за евроатлантските интеграции, рече претседателот Ѓорѓе Иванов на денешната средба со новинарите во резиденцијата „Билјана „во Охрид.
Иванов оцени дека сите притисоци се вршат исклучително врз македонската страна, која и предлага иницијативи и средби со грчкото политичко раководство, а истовремно соседната држава прибира политички поени како конструктивен партнер во „разговорите“. Според македонскиот претседател, решението за проблемот е во надминување на недовербата на сите нивота на живеењето на овие простори, а во тој контекст и односите меѓу народите на двете соседни држави.

Иванов предлага средба со грчкиот колега

Довербата меѓу обичните граѓани бележи напредок, што не е случај со политичарите, оценува Иванов, притоа нагласувајќи дека за една година колку што е на функцијата претседател на државата, во неколку наврати јавно го повикал неговиот грчки колега на средба, на која, како што вели, можеби не би се нашло решение за прашањето околу името, но секако би била добра порака во насока на подобрување на севкупните односи меѓу народите и политичките раководства на двете земји.
Во контекст на неговите оценки дека не смее да се избрзува со какво било решение за прашањето, Иванов запраша кои би биле гаранциите од грчка страна дека ќе ги почитува договорот што би произлегол од сегашните преговори кога досегашните искуства го покажуваат спротивното. Според македонскиот претседател, Македонија е за решение, но оти притоа државата мора да води сметка за своето достоинство, бидејќи не е во прашање само името на државата, туку и идентитетот.
За меѓуетничките односи во земјата, во контекст на прашањето околу името, претседателот e со уверување дека државата функционира во сите свои сегменти, односно дека граѓаните треба да имаат доверба во институциите на системот.
Иднината на земјата и на поширокиот регион, претседателот Иванов ја гледа во отворање на државите и самите општества, како предуслов за надминување на сегашните состојби на Балканот, оттаму што според него, затвореноста води кон изолација односно генерира конфликтни ситуации.
XS
SM
MD
LG