Достапни линкови

Поштите без кадар


Објектите на Македонски пошти во неколку битолски населби летово затворени поради недостаток на кадар.

Објектите на Македонски пошти во неколку битолски населби и околни села летово не работат заради недостиг на кадар. Се работи за реновирани простории, кои се под клуч зашто вработените се на одмор, а нема кој да ги замени. Ваквиот режим на работа предизвикува нервоза кај граѓаните кои за да и користат услугите на поштата на пеколни горештин од над 30 степени мора да одат во главната пошта каде се чекаат редици.

„Наместо да работат, на пазар се излезени сега сигурно. Оваа пошта овде нон-стоп не работи. Или на пазар се или пауза или ги нема. Едноставно не работи, а ја реновираа и на народот од овој дел на градот му треба. Одиме да плаќаме сметки во Безистенот или на Атпазар. На Атпазар, гужва има и таму.“

„Често е затворена. Одиме до другите пошти.Она што е најблиско е најпрактично и најкорисно, но вака мораме да патуваме до главната пошта.“

Битола - споменик на Филип втори

„Цело време не работи. Треба да стават некого за замена.Има луѓе невработени кои можат да работат. Има постари луѓе кои не можат да патуваат со сметките по други пошти. Ќе дојди една недела ќе поработи и потоа ќе ја пуштат на дриго место за замена. Некој одат на боледување, некој на одмор, нон-стоп затворена е поштата“, реагираат битолчани.

Од битолската подружница на Македонски пошти велат дека во овој период од годинава дел од службениците се на годишен одмор. Замена нема зашто поштата се соочува со недостиг на кадар, а поради светската економска криза Владата дала забрана за нови вработувања во државниот сектор. Поради годишните одмори повеќето наплатни центри и банките во градот работат со преполовен персонал, што предизвикува гужви по шалтерите и нервози кај клиентите.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG