Достапни линкови

ОН со нови санкции за Иран


Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и иранскиот министер за надворешни работи Манучеир Мотаки во ОН
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и иранскиот министер за надворешни работи Манучеир Мотаки во ОН

Советот за безбедност на ОН денеска го донесе 4 пакет санкции против Иран поради неговата нуклеарна програма. За резолуцијата гласаа 12 од 15 те земји членки на Советот.

Советот за безбедност на ОН ја донесе резолуцијата за четвртиот круг на санкции против Иран поради неговата нуклеарна програма. За резолуцијата гласале 12 држави, Либан бил воздржан , а Турција и Бразил гласаа против.
Според бразилскиот амбасадор во ОН, санкциите нема да вродат со плод, и од нив ке имаат корист само оние кои се против дијалогот. Како што е познато, Бразил и Турција подржаа договор со Иран според кој дел од нуклеарниот материјал ке се носеше во Турција за возврат за нуклеарно гориво.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека последните санкции ќе бидат досега најостри со кои се соочил Техеран. Според новинските агенции, клучните сили во Советот за безбедност се договориле за пописот на нови ирански поединци и фирми кои ќе се најдат на удар на четвртиот круг санкции. Нацрт резолуцијата ја поддржаа 12 од вкупно 15 членки на Советот, меѓу кои и сите пет земји со право на вето.

Во пресрет на гласањето во Обединетите Нации за нова рунда санкции против Иран, Соединетите Држави соопштија дека вратата се уште е отворена за Техеран со дипломатија да ги избегне економските санкции.

Портпаролот на Стејт Департментот Филип Кроули вели:

„Дали дипломатски пат им се достапен? Се разбира! Но во исто време, ние ќе примениме поголем притисок врз Иран за да му биде јасно дека неисполнувањето на обврските ке има последици.“

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, пак, порача дека неговата земја ќе отфрли какви било разговори за нуклеарната програма доколку резолуцијата биде изгласана во Советот за Безбедност.

Лобирање за тешки санкции

Заедно со Кина, Русија е една од постојаните членки на Советот врз кои САД лобираа во текот на изминатите неколку месеци со цел да се донесат жестоки санкции доколку Иран продолжи да ги игнорира своите меѓународни обврски согласно договорот за неширење на оружјето. Иако и двете земји беа против, овој пат се очекува Пекинг и Москва да гласаат за санкиции против Иран во ОН. Имено, се наведува дека оваа нацрт верзија е сепак малку послаба од верзијата на која притискаа западните сили. Американскиот амбасадор во ОН Сузан Рајс пак го опиша предлог за санкции како многу силен.

„Постојат забрани за ирански инвестиции во капацитети за ураниум и за активности во странство. Има ограничување за оружјето. Има забрани за балистички проектили со нуклеарни глави, како и серија обврзувачки мерки за инспекции.“
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG