Достапни линкови

Заострување на санкциите против Иран


Соединетите Држави синоќа во Обединетите Нации во Њујорк ја претставија резолуцијата за нови, поостри санкции спрема Иран, поради неговото одбивање да ја запре својата нуклеарна програма. Резолуцијата е поддржана од сите пет членки на Советот за безбедност кои имаат право на вето.

Амбасадорката на САД во ОН Сузан Рајс изјави дека со резолуцијата ќе бидат заострени постојните санкции, проследени со нови мерки со кои ќе биде интензивиран притисокот врз иранската влада.
Совет за безбедност на ОН

„Нацртот има за цел да ги подржи нашите напори и да го активира Иран дипломатски. Ние рековме дека вратата за Иран да ги исполни обврските и да ги поправи врските со меѓународната заедница останува отворена. Оваа нацрт резолуција ќе се надгради врз претходните санкции и ќе биде поостра.“

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин, пак, ја поздрави иницјативата на Бразил и Турција.

„Ја цениме иницјативата превземена од Бразил и Турција и резултатите кои се добиени. Ние очекуваме Иран да испрати писмо до Меѓународната агенција за атомска енергија и тоа ќе го анализираме со нашите партнери. Се надеваме на позитивен момент.“

Дека новите санкции не значат оти не е можно дипломатско решение потврди и кинескиот амбасадор во ОН Ли Баодонг.

„Циркулирањето на оваа нацрт-резолуција не значи дека вратата за дипломатијата е затворена. Ние веруваме дека дијалогот и преговорите се најдобар начин да се реши иранското прашање.“

Резолуцијата за новиот пакет санкции како што претходно изјави американскиот државен секретар Хилари Клинтон, е поддржана од сите пет членки на Советот за безбедност кои имаат право на вето. Оваа резолуција доаѓа само ден откако Иран соопшти дека се согласил на иницјативата на Бразил, нуклеарното гориво да го испраќа во Турција за да ја намали загриженоста на Запад дека Техеран има намера да направи нуклеарна бомба. Тоа, според Белата Куќа, не го задоволува барањето на меѓународната заедница за транспарентна нуклеарна програма на Иран.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG