Економијата и енергетиката се заеднички приоритети на Македонија и на Косово и со нив ќе испратиме конкретни сигнали дека заедничката соработка е најдобар пат за стабилен и регионален напредок. Ова го изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по отварањето на македонската амбасада денеска во Приштина. Тој додаде дека билатерлната соработка ќе придонесе за повеќе стабилност, мир и поголем економски развој во регионот на Западниот Балкан. Косовкиот министер за надворешни работи Скендер Хисени побарал интензивирање на соработката во сите области. Министерот Милошоски денеска разговараше во Приштина со државниот врв на Косово.
Македонско - косовски односи
Добри билатерални односи, но претпазливост во однос директните контакти. Вака изгледаат односите меѓу Македонија и Косово година и пол по признавањето на независноста на Косово од македонска страна. Денешната посета на шефот на дипломатијата Антонио Милошоски на Приштина и неговото присуствување на отварањето на новите простории на амбасадата, веројатно ќе понуди поинакви аргументи во однос на меѓусебните контакти за коишто како што пренесоа дел од медиумите, имало повеќе иницијативи од косовската, но без позитивен одговор од македонска страна. Сепак останува впечатокот кај дел од експертите дека таа е само еден од бавните чекори кон целосно воспоставување на дипломатските односи со Косово коишто според аналитичарот Алберт Муслиу од низа причини се држат на досегашното темпо.
Зборуваме за прв сосед, а зборуваме за односи кои што се на минимилано ниво. Се е тоа во сенка на односите со Србија, на некоја внатрешна нелагодност за реакцијата која што ќе ја има официјален Белград
„Зборуваме за прв сосед, а зборуваме за односи кои што се на минимилано ниво. Се е тоа во сенка на односите со Србија, на некоја внатрешна нелагодност за реакцијата која што ќе ја има официјален Белград. Дел од причините се и старите стереотипи кои се однесуваат на Косово.“
Денешната посета која за нијанса интервенира во досегашното темпо на меѓусебните релации, Муслиу ја гледа како резултат на притисокот од јавноста, можеби и од коалициониот партнер во Владата, ДУИ но најмногу на сличните потези од странана некои земји во регионот како што се Хрватска и Словенија како и посетата на Белград од страна на албанскиот министер за надворешни работи која во нашиот случај според него би можела да значи и амортизирање на евентуалните реакции од Белград. Во економска смисла соработката со косово е исклучително важна зошто единствената иднина кон којашто е неопходно да се приклонат државите од регионот е взаемната развиена економска соработка којашто би била услов и за отварање кон Европа, коментира професоеорот Ванчо Узунов. Па во таа смисла економската соработка меѓу Македонија и Косово треба да биде и поорганизирана.
Во смисла да се направат заеднички проекти со Косово, со косовските општини или пак помеѓу владите
„Па во смисла да се направат заеднички проекти со Косово, со косовските општини или пак помеѓу владите, потоа бизнисмени да се сретнуваат почесто.“
Македонија ја призна независноста на Косово во октомври 2008 година што предизвика сериозни рекации од Белград при што беше протеран македонскиот амбасадор и прогласен за непожелна личност. Официјални дипломатски односи меѓу Македонија и Косово беа воспоставени една година подоцна.