Достапни линкови

Ристевски, македонски претставник на ЗОИ


Најдобриот македонски скијач во моментов, Антонио Ристевски ќе биде единствениот наш претставник во алпските дисциплини на Зимските олимписки игри, кои од 12-ти до 28-ми овој месец ќе се одржат во Ванкувер.

Најдобриот македонски скијач во моментов, Антонио Ристевски ќе биде единствениот наш претставник во алпските дисциплини на Зимските олимписки игри, кои од 12-ти до 28-ми овој месец ќе се одржат во Ванкувер. За настапот на најзначајниот зимски спортски настан во светот Ристевски се избори преку четири годишната напорна работа со која бележеше постојан напредок, кој за малку не беше крунисан и со исполнување на ,,А" олимписката норма. Сепак и без неа, Антонио ќе биде дел од олимпискиот слалом и велеслалом, трки во кои ќе се обиде да докаже дека само немањето доволно среќа го спречило да ја исполни зацртаната цел.
Не ми е целта било каков пласман, сепак таму би дал се од себе за пласманот да биде што повисок. Мислам дека ќе се претставам достоинствено, како јас лично така и Македонија и очекувам со малку среќа да влезам можеби и во првите 30


,,Пред се сум многу задоволен што ќе учестувам на Олимписките Игри, се подготвував уште кога завршија минатите. Планот беше да успееме да ја исполниме таа олимписка норма, која што за малку не успеавме да ја направиме, но се надевам дека тоа ќе го докажам на ОИ. Требаше да се исполни таа норма, но можеби немав доволно среќа."

Изјави Ристевски, кој сезонава имаше неколку забележителни настапи во меѓународни рамки. Тоа особено беше случај во слаломот кој му е посилна страна и во кој се наоѓа околу 600-тото место на светската ранг листа. Тој пласман е солиден доколку се знае дека на листата има околу 8.000 лиценцирани натпреварувачи, а добар дел од оние кои ќе настапат во Ванкувер се послабо рангирани од него. Тоа, како и добрата форма во која се наоѓа, според селекторот Иван Лесевски, го подгрева оптимизмот дека може да постигне најдобар пласман на еден наш скијач на ЗОИ.

,,Олимпијадата за нас е поповолна отколку Светскиот куп, затоа што на Олимпијадата најсилните светски нации имаат ограничен настап. Значи сите светски нации се ограничени на четири натпреварувачи за разлика од Светскиот куп каде настапуваат по десет натпреварувачи од секоја нација, така што во овој случај имаме поголема шанса за прво, подобар стартен број, а адекватно на тоа и пласман."

Рече Лесевски, со чие мислење се согласува и Ристевски, кој уверува дека на Олимпијадата нема да се задоволи само со завршување на трките. Напротив, ќе атакува на колку е можно подобар пласман, а негова желба е барем еден влез меѓу 30-те најдобри.

,,Не ми е целта било каков пласман, сепак таму би дал се од себе за пласманот да биде што повисок. Мислам дека ќе се претставам достоинствено, како јас лично така и Македонија и очекувам со малку среќа да влезам можеби и во првите 30."

Додаде Антонио Ристевски, кој на патеките во Ванкувер ќе се натпреварува на 21-ви и на 27-ми февруари.
XS
SM
MD
LG