Достапни линкови

Учесниците на СП во бијатлон очекуваат добри резултати


Нордиското скијање нема голема традиција кај нас, но е еден од ретките спортови со кој Македонија редовно е присутна на големите натпреварувања. Тоа е случај и годинава, кога во спортот кој е микс од скијање и стрелаштво, ќе бидеме дел од СП од 13. до 22. февруари во Пјонг Јанг (Јужна Кореја). Таму наши адути ќе бидат Дарко Дамјановски и Ѓорѓи Ицоски, кои ќе настапат во две дисциплини-спринт на 10 и индивидуално на 20 км. Подготовките за нив траеја три месеци, по кои според селекторот Ѓоко Динески планот е делумно исполнет.

„Со оглед на тоа дека рано заминавме на снег, имамве еден добар период каде што работевме на подигнување на спортската форма, меѓутоа последниве две недели поради топлото време и недостатокот од снег имавме потешкотии околу реализацијата на планираните подготовки.“

Вели Динески, кој сепак е оптимист пред СП. Тоа се должи на солидниот настап на повеќе ФИС натпревари од Светскиот и Европскиот куп, како и на трки во Грција, Србија, Бугарија и кај нас. Преку нив се темпираше формата за Мундијалот, каде целта е норма за ОИ во Ванкувер догодина. За тоа треба екипно да сме 28-ми во светот. Пласман кој не е недостижен кога се знае дека Македонија е 31-ва во СК, а формата на Дамјановски и Ицоски е ...

„Во нагорна линија, ние изминативе неколку години работевме напорно за развој на бијатлонот и мислам дека од сезона во сезона влегуваме се поподготвени. Очекувам дека ќе ја оствариме целта.“

Додаде Динески, според кого причина плус за оптимизам носи фактот што во Кореја ќе имаме два натпреварувачи. Тоа е шанса за освојување повеќе бодови, а со тоа и за екипен напредок, со што се согласува и моментно нашиот најдобар бијатлонец Дамјаноски. Тој сезонава потврди норма за СК, што покажува дека е подготвен за наредните искушенија. Тоа треба да се потврди и на Мундијалот, каде пласманот најмногу ќе зависи од прецизното стрелање.

„Се надевам дека ќе ги потврдиме нашите норми во бијатлонот, ни треба малку и спортска среќа за да оствариме добар резултат.“

Изјави Дарко Дамјановски, кој како стипендист на МОК е нашиот најсериозен адут за освојување и поединечна норма за Олимпијадата во Ванкувер.
XS
SM
MD
LG