Достапни линкови

Протести на курдите во Турција


Во Турција деновиве имаше судири откако Уставниот суд ја забрани најголемата прокурдската партија поради наводните нејзини врски со курдските бунтовници. Во знак на протест, партијата соопшти дека ги повлекува своите пратеници.

Уставниот суд на Турција гласаше да се забрани Партијата на демократско општество поради тоа што била поврзана со забранетата Курдска работничка партија.

,,Решено е Партијата на демократско општество да биде затворена во согласност со членовите 68 и 69 од Уставот, како и членовите 101 и 103 од Законот за политичките партии со оглед на тоа што акциите на партијата станаа дел од меѓународниот тероризам против интегритетот на државата.,,

Соопшти претседателот на Уставниот суд Хасим Килич.

Во реакцијата, копретседателот на оваа партија Ахмет Турк објави дека партијата ги повлекува пратениците од сите парламентарни активности. Тој го осуди затворањето на партијата како удар врз нејзината верба во мирот во земјата. Партијата на демократско општество соопшти дека нема органски врски со Курдската работничка партија и оти не е терористичка организација.

Оваа партија остана со 19 пратеници во 550 члениот парламент откако на двајца пратеници, вклучувајќи го и и Турк им беа одземени нивните места како дел од пресудата на Уставниот суд. Преостанатите пратници ќе можат да останат во парламентот како независни пратеници или пак да формираат нова партија.
Партијата на демократско општество соопшти дека нема органски врски со Курдската работничка партија и оти не е терористичка организација...

Европската унија, во која Турција се надева дека ќе се приклучи, изрази загриженост во врска со пресудата, додека американскиот Стејт департмент предупреди дека мерките со кои на граѓаните им се ограничува политичката слобода треба да се остваруваат со голема претпазливост.

По забраната, во Турција се разгореа насилните протести, главно во југоисточниот дел на земјата каде што претежно живеат курди. Судири имаше и во најголемиот турски град Истанбул, каде што полицијата се судри со стотици Курди кои подигнаа барикади на главните патишта. Во југоисточниот град Хакари, како што јави агенција Анадолија, дека демонстрантите фрлале камења врз безбедносните сили и се обиделе да линчуваат неколку полицајци. Во нередите имало и десетици повредени.

Претседателот Абдула Ѓул ја обвини Курдската работничка партија дека се обидува да ги саботира реформските планови на Анкара за Курдите. Имено, владата вети нов почеток во односите на државата со нејзиното најголемото малцинство, меѓу другото и поголема слобода на изразување.

Курдите сочинуваат околу 20 проценти од населението на Турција кое брои околу 70 милиони луѓе. Над 40 илјади луѓе загинале откако Курдската работничка партија кон средината на осумдесетите години од минатиот век започна вооружена кампања во југоисточниот дел на земјата. Оваа партија се наоѓа на списоците на терористички организации во Соединетите држави и Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG