Достапни линкови

Колку македонските фирми користат интернет?


Според некои анализи, претпријатијата во Македонија сеуште не доволно ги искористуваат поволностите на интернет. Од компаниите пак кои активно ја користат светската мрежа при секојдневното работење велат дека на тој начин меѓу другото, имаат пониски оперативни трошоци.

Фирмите во Македонија, посебно извозно ориентираните, слабо го користат интернетот во секојдневното работење, констатираат упатените. Од компаниите кои активно ја користат светската мрежа при секојдневното работење велат дека, меѓу другото, имаат пониски оперативни трошоци. Деновиве во Скопје се промовираше консултантски интернет портал кој треба да им помогне на извозно ориентираните при работата. Роман Пападимитров од Фондот за развој на човечки ресурси вели дека порталот seeconsultancy.net има за цел да им го олесни работењето на малите и средни претпријатија.

„Идејата е да се направи еден поголем пазар каде што ќе можат консултантите своите услуги да ги даваат пред се во целиот овој регион, значи пред се за консултантите, а од друга страна се олеснува и за малите и средни претпријатија, значи да најдат соодветни консултанти соодветни на своите потреби во еден многу поголем регион, а од друга страна да ги прошират и своите извозни капацитети.“
Сега јас неможам да дадам точна проценка, но во некои претходни анализи што се правени процентот на искористување е многу низок, значи би рекол некаде околу 20% и тоа е секако за оние компании кои што веќе имаат некакво искуство и се ориентирани кон надвор


Пападимитров вели дека за сега, македонските фирми малку го користат интернетот во работењето:

„Сега јас неможам да дадам точна проценка, но во некои претходни анализи што се правени процентот на искористување е многу низок, значи би рекол некаде околу 20% и тоа е секако за оние компании кои што веќе имаат некакво искуство и се ориентирани кон надвор.“

Директорот на средното прептијатие „Раде Кончар ТЕП“ Горан Антевски вели дека со користењето на интернет, меѓу другото, фирмата штеди и на оперативни трошоци:

„Интернетот е најзастапен како средство за комуникација, со тие негови разни програми се повеќе се користи, со што е намалена употребата на телефони и факсови, а со тоа и сметките се многу помали.“

Антевски додава дека повеќето деловни партнери на „Раде Кончар“ користат интернет за деловна комуникација:

„Секогаш фирмите помалку или повеќе користат интернет, генерално сме задоволни.“

Инаку според истражувањето на УСАИД, 32% од македонците се изјасниле дека користат интернет, а 47% дека користат компјутер. Резултатите покажале дека користењето на интернет повеќе не претставува луксуз, туку неопходност.
XS
SM
MD
LG