Вести
Берлин: 26 лица повредени во напад со нож на малолетник
види ги сите денешни вести
ЕК:Нема проблеми со гасот по истекот на договорот меѓу Русија и Украина
Европската комисија на 2 јануари објави дека по истекот на договорот за транзит на руски гас преку Украина на 31 декември 2024 година, нема проблеми со снабдувањето со гас и дека се обезбедени алтернативни рути.
Во соопштението објавено на 2 јануари, Директоратот за енергетика на Европската комисија наведува дека е одржан вонреден состанок на Комисијата со Координативната група за гас и земјите членки од Централна и Источна Европа, дека е разговарано за ситуацијата и дека е заклучи дека нема загриженост за безбедноста на снабдувањето со гас.
„Тој состанок потврди дека благодарение на ефикасната подготвителна работа и координација во регионот и пошироко, нема загриженост за безбедноста на снабдувањето“, се наведува во соопштението.
Се додава дека снабдувањето со гас е обезбедено со алтернативни патишта (Германија, Италија) и повлекување од складиштето.
„Европската гасна инфраструктура е флексибилна и прилагодена за прием на гас што не е од руско потекло“, се посочува во него.
Директоратот соопшти дека од 2022 година значително се зајакнати нови капацитети за увоз на течен природен гас (ТПГ).
„Нивоата на складирање од 72 проценти се малку над просекот (69 проценти) за овој период од годината. Комисијата одржува редовен мониторинг и комуникација со земјите-членки и учесниците на пазарот за да обезбеди сигурност во снабдувањето на најпогодените земји-членки и да спречи шпекулации“, беше наведено во заклучено на соопштението.
Договорот што овозможува снабдување со руски гас во Европа преку Украина, кој Киев и Москва го потпишаа во 2019 година, беше на сила до 1 јануари и покрај војната и беше финансиски профитабилен за двете страни.
По прекинот на транзитот на гас преку Украина и повеќе од две години од саботажата на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море, Европа ќе добива руски гас само преку гасоводот „Турски тек“ и неговото продолжување „Балкански тек“.
Според официјалните податоци, само во 2023 година преку Украина во Европа пристигнале 14,65 милијарди кубни метри гас, пренесува новинската агенција Франс прес.
ФБИ пронајде 150 рачно изработени бомби во приватен дом во Вирџинија
Американските федерални агенти запленија најголема залиха до сега на рачно изработен експлозив, се вели во судската пријава која федералните обвинители ја доставиле минатиот месец до окружниот Суд во Вирџинија.
Инспекторите заплениле повеќе од 150 рачно изработени бомби при претрес на домот на сега уапсениот Бред Спафорд во Вирџинија, соопштија обвинителите.
Во судското барање за мерка притвор е наведено дека ова е „најголемата заплена по бројот на готови рачно изработени експлозивни направи во историјата на ФБИ“.
Според судските документи, повеќето од бомбите биле пронајдени во одвоена гаража во домот на приведениот, заедно со алатки и материјали за правење бомби
„Неколку дополнителни рачно ирзаботени бомби беа пронајдени во ранец во спалната соба на домот, целосно необезбедени, во домот што осомничениот го дели со неговата сопруга и двете мали деца“, е наведено во судскиот документ напишан од обвинителите.
36-годишниот Спафорд е обвинет за поседување огнено оружје со кој го прекршува „Националниот закон за огнено оружје“.
Адвокатите на одбраната во вторникот тврдеа дека властите не приложиле докази дека тој планирал насилство, истакнувајќи дека обвинетиот до сега немал криминално досие.
„Во записникот нема ниту трошка доказ дека г-дин Спафорд некогаш се заканувал некому и тврдењето дека некој може да биде во опасност поради нивните политички ставови и коментари е бесмислено“, напишаа адвокатите на одбраната.
Истрагата против него започнала во 2023 година кога доушник им кажал на властите дека Спафорд складирал оружје и муниција. Претресот бил извршен на 17 декември.
На сослушувањето на 31 декември, федералниот судија Лоренс Леонард утврди дека Спафорд може да биде пуштен во домашен притвор во домот на неговата мајка, но се согласи да го задржи во притвор додека обвинителите поднесуваат дополнителни аргументи за задржување во притвор.
Најмалку 10 тинејџери се ранети при пукање пред ноќен клуб во Њујорк
Десет лица се ранети во пукање пред ноќен клуб во Њујорк додека чекале да влезат на концертот кој се одржувал во клубот на новогодишната ноќ, соопшти полицијата.
Околу 15 млади на возраст од 16 до 20 години луѓе стоеја пред ноќниот клуб во областа Квинс, кога четворица мажи пешки им се приближиле и отвориле оган врз групата, рече началникот на њујоршката полиција Филип Ривера на прес-конференцијата на 2 јануари.
Биле испукани околу 30 истрели пред вооружените напаѓачи да избегаат. Потоа биле видени како влегуваат во возило седан со странски таблички.
„Има нулта толеранција за овие бесмислени престрелки“, рече Ривера.
Тој додаде дека шест девојки и четири момчиња се пренесени во болница со повреди кои не се животозагрозувачки.
Мотивот не беше веднаш познат, но Ривера рече дека „ова не е тероризам“.
Организаторите на настанот во ноќниот клуб ја повикаа јавноста да контактира со полицијата за какви било информации за пукањето.
„Длабоко сме тажни поради неодамнешниот и несреќен изолиран инцидент што се случи. Нашите срца се со сите оние кои се погодени од овој бесмислен чин“, се вели во објавата на ноќниот клуб на социјалната мрежа Инстаграм.
Молк од 29 минути во Белград во чест на загинатите во Нови Сад и убиените во Ариље и Цетиње
Неколку стотици студенти и граѓани во Белград на 2 јануари одржаа 29-минутен молк за 15-те загинати при падот на настрешницата во Нови Сад на 1-ви ноември, за двајцата загинати на 31 декември во Ариље и 12-те убиени на 1-ви јануари во Цетиње во Црна Гора.
Акцијата во близина на Техничкиот и Машинскиот факултет започна во 11 часот и 52 минути, симболично во времето кога се случи трагедијата во Нови Сад.
Насобраните студенти носеа транспаренти „БГ - ЦТ“ (регистрациски ознаки за Белград и Цетиње) на латиница и кирилица со нацртано срце „Машините против машините“, а дел од граѓаните излегоа од своите автомобили и се вклучија во акцијата.
Студентите претходно на социјалните мрежи најавија дека комеморацијата на 2 јануари ќе биде продолжена од сегашните 15 минути на 29 минути, во спомен на жртвите од трагедијата во Цетиње и Ариље.
На 31 декември во ресторан во Ариље беше убиен брачен пар, а осомничениот за убиството е уапсен.
Првиот ден од 2025 година во Цетиње во Црна Гора беа убиени 12 лица, меѓу кои и две деца, по што осомничениот изврши самоубиство.
Тридневна жалост во Црна Гора по убиствата на 12 луѓе во Цетиње
Црна Гора го одбележува првиот ден од тридневната жалост на 2 јануари по смртоносниот инцидент со масовно пукање на Нова година. Дванаесет лица, вклучително и две деца, беа убиени во Цетиње откако вооружен маж дивеше доцна на 1 јануари. Уште четири други луѓе беа ранети при пукањето.
Властите во Цетиње соопштија дека се откажани сите планирани настани и јавни собири во градот во наредниот период. Откажани се и постновогодишните концерти во Подгорица, Будва и Котор.
Според полицијата, осомничениот стрелец, идентификуван како Ацо Мартиновиќ, се обидел да се самоубие, откако беше покрената потера по него. Тој починал на пат кон болница.
Црногорскиот министер за внатрешни работи Данило Сарановиќ на полноќна прес-конференција на 2 јануари изјави дека мотивот за убиствата е непознат.
Жртвите биле убиени на пет одделни локации. Меѓу убиените има и две деца на возраст од 10 и 13 години.
Од четворицата ранети во инцидентот, еден е во исклучително критична состојба, а другите тројца се во стабилна, но опасна по живот состојба, изјави Александар Радовиќ, раководител на Клиничкиот центар во главниот град Подгорица. каде се лекуваат пациентите.
„Четвртиот е во критична состојба, тој беше опериран рано утринава“, изјави Радовиќ.
Дивеењето започнало по тепачка во бар, соопштија официјални лица.
Полицијата во соопштението наведе дека инцидентот „не бил резултат на конфронтација меѓу организирани криминални групи“.
Мартиновиќ имаше условна осуда во 2005 година за насилничко однесување и беше осуден на една година затвор, но не се сметаше за лице од значителен безбедносен интерес.
Директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ изјави дека во 2022 година кај Мартиновиќ биле пронајдени оружје и експлозиви, што довело до тримесечна казна.
Се верува дека жртвите биле роднини, пријатели и кумови на Мартиновиќ.
Премиерот Милојко Спајиќ ги посети во болницата ранетите. Спајиќ, исто така, најави дека владата ќе бара да воведе построги закони за оружје во Црна Гора, која долго време има релативно високи стапки на поседување оружје.
„Ќе разгледаме целосна забрана за носење огнено оружје“, рече тој.
Претседателот Јаков Милатовиќ рече дека е „шокиран и запрепастен“ од трагедијата.
„Наместо празнична радост... нас не обзема тага поради загубата на невини животи“, напиша Милатовиќ на социјалната мрежа X порано позната како Твитер.
Во меѓувреме, други регионални лидери го изразија своето сочувство за убиствата.
Македонското Министерството за надворешни работи упати сочувство по масакрот што се случи вчеравечер во Цетиње, Црна Гора.
„Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Солидарни сме со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време. Нашите мисли се со вас“, стои во објавата на МНР на социјалната мрежа Х.
Во изјавата на својот Инстаграм профил, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека реагирал на веста „со тага, неверување и жалење“. Тој, исто така, понуди поддршка, и вети „секаква форма на помош од Србија“.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман со телеграма изрази сочуство
„За жал, насилството стана секојдневие и не познава граници“, напиша тој.
Жељко Комшиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, исто така, изрази сочувство и ја истакна својата поддршка за Црна Гора во телефонскиот разговор со Милатовиќ.
Амбасадата на САД во Подгорица им се придружи на другите во изразувањето на своето сочувство, велејќи во објавата на X дека „го изразуваме нашето искрено сочувство до семејството
Во израелскиот напад врз Појасот Газа загинаа 11 луѓе
Најмалку 11 луѓе, меѓу кои три деца, загинаа при израелски воздушен напад врз Појасот Газа, објави на 2 јануари цивилната одбрана на Газа, јавува новинската агенција Франс Прес.
Меѓу убиените е и шефот на полицијата на палестинското движење Хамас, кое САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.
„Единаесет лица загинаа, меѓу кои три деца и две жени, а 15 се ранети во бомбардирањето на шатори во кои се сместени раселените лица во областа Ал-Маваси, јужно од Појасот Газа“, се вели во соопштението.
На 1-ви јануари, израелскиот министер за одбрана Израел Кац се закани дека ќе ги зголеми нападите врз Газа доколку Хамас продолжи да истрелува ракети кон Израел.
Палестинската новинска агенција ВАФА на 1 јануари објави дека најмалку 17 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Буреиџ и градот Џабалија во Појасот Газа.
Во декември во Доха со посредство на Катар, Египет и САД се одржаа индиректни преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, со напад на Хамас врз Израел, кога, според израелските податоци, загинаа околу 1.200 луѓе, додека милитантите заробија 251 заложник.
Уште 96 заложници се во Појасот Газа, меѓу кои 34, според војската, се мртви.
Во израелските воени операции во Појасот Газа, според властите на таа територија контролирана од Хамас, загинале повеќе од 45.580 луѓе.
Нападот во Њу Орлеанс е инспириран од Исламската држава
Бројот на жртвите на нападот во Њу Орлеанс, Луизијана, се искачи на 15, а има десетици повредени, од кои некои се во критична состојба. Инцидентот се случил на улицата Бурбон за време на новогодишната прослава околу 03:15 часот по локално време.
Тоа е улица позната по бројни барови и клубови. Очевидци за Си-Би-Ес Њуз изјавиле дека автомобилот со голема брзина влетал во толпа луѓе, а потоа возачот излегол и почнал да пука со оружје, а полицијата возвратила.
Осомничениот кој со своето возило влета во толпа на улица Бурбон на 1 јануари е идентификуван како Шамсуд-Дин Џабар. Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) потврди дека се работи за терористички акт и дека напаѓачот е убиен.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека пред нападот, Џабар споделувал видеа на социјалните мрежи инспирирани од дејствијата на таканаречената Исламска држава и „изразил желба да убие“.
Шефот на полицијата во Њу Орлеанс, Ен Киркпатрик, рече дека напаѓачот се обидел да „прегази што повеќе луѓе“ и дека бил „решен да изврши масакр“.
Откако излегол од возилото, 42 годишниот Џабар, кој е американски државјанин роден во Тексас, почнал да пука во луѓе и ранил двајца полицајци пред да биде убиен во престрелка со полицијата.
Бајден рече дека истражителите пронашле потенцијални експлозивни направи во камионот на напаѓачот, како и знаме на Исламската држава.
Истрагата покажа дека е можно осомничениот за нападот да не е „единствено одговорен“ за нападот. Државниот обвинител на Луизијана, Лиз Мурил, изјави дека „со одреден степен на сигурност да каже дека повеќе луѓе учествувале во нападот“.
Шамсуд Дин Џабар бил ветеран на американската армија.Според неговиот сега отстранет профил на LinkedIn, тој имал голем број работни места во американската војска, вклучително и човечки ресурси и ИТ, пред да биде отпуштен, јавува британскиот медиум Би-Би-Си.
Како што пренесува Би-Би-Си, тој работел и како агент за недвижнини, но лиценцата му истекла во 2021 година. Имал криминално досие, поврзано со сообраќајни прекршоци и помали кражби.
Пакистанските шиитски и сунитски лидери постигнаа мировен договор
Шиитските и сунитските лидери во северозападен Пакистан на 1-ви јануари потпишаа мировен договор за ставање крај на тензиите и воспоставување траен прекин на огнот, откако во судирите за кои се верува дека се поврзани со племенски спор околу земјиштето загинаа над сто луѓе во изминатите 90 дена.
Традиционалниот собир на етнички, верски и политички лидери се одвиваше во регионалниот главен град Квет и заврши откако партиите го потпишаа договорот. Преговорите се одржаа во текот на претходните три недели со поддршка на покраинската влада.
Договорот доаѓа по нападот на 21 ноември 2024 година, врз патнички конвој во областа Курам, при што загинаа околу 46 шиити и четворица сунити. Потоа избувнаа борби меѓу шиитските и сунитските групи, при што загинаа околу 130 луѓе, а беа повредени повеќе од 200, вклучително и првичниот напад на 21 ноември.
Украина ќе ги обнови дипломатските односи со Сирија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев се подготвува за обновување на врските со Сирија, откако дипломатската мисија предводена од министерот за надворешни работи Андриј Сибиха го посети Дамаск за да се сретне со новото раководство на блискоисточната земја.
Украинската делегација се состана со сирискиот де факто лидер Ахмад ал Шара и други фигури на привремената влада на 30 декември, откако администрацијата на соборениот претседател Башар ал Асад, поддржана од Русија, беше соборена претходно овој месец.
„Се подготвуваме да ги обновиме дипломатските односи со Сирија и интеракцијата со меѓународните организации. Би сакал да им се заблагодарам на нашите разузнавачи што ја обезбедија основата за овие контакти како резултат на посетата“, рече Зеленски во видеото на социјалните мрежи на 2 јануари.
Бунтовниците кои го соборија Асад беа предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), терористичка организација назначена од САД и ЕУ.
Тие јавно вети дека ќе усвојат умерени политики во однос на правата на жените, националното помирување и односите со меѓународната заедница.
Од друга страна светските лидери велат дека остануваат претпазливи од новите владетели кои чекаат конкретни активности.
Украина започна брзо да воспоставува линија за комуникација со новите сириски лидери, велејќи дека е заинтересирана за стабилизирање на ситуацијата и верува дека е од суштинско значење за безбедноста на земјата да го отстрани секое руско присуство од Сирија.
Зеленски претходно оваа недела објави дека Украина испорачала 500 тони пченично брашно во Сирија како дел од нејзината иницијатива „Жито од Украина“.
Русија им даде азил на Асад и неговото семејство претходно овој месец, откако тие побегнаа од Дамаск на 8 декември.
ЕК тврди дека ќе се справи со намалената дистрибуција на руски гас
Европската Унија најави дека е целосно подготвена да се справи со намалувањето на дистрибуцијата на руски гас за Европа, предизвикано од одлуката на Украина да го прекине транзитот на енергенсот преку нејзина територија од 1 јануари годинава.
Европската комисија истакна дека овој прекин на дистрибуцијата на гасот нема да предизвика позначајни проблеми, имајќи предвид дека по мерките за намалување на зависноста на ЕУ од руски енергенси, преземени по инвазијата на Москва врз Украина, преку украинска територија се транспортираат само околу пет проценти од вкупниот увоз на природен гас во Унијата.
„Повеќе од една година конкретно работиме на адаптирање на сценарио без транзит на руски гас преку Украина“, информира Европската Kомисија.
Како резултат на овие подготовки зајакната е гасната инфраструктура на Унијата и се преземени напори за обезбедување на алтернативни извори за снабдување со енергенсот на земјите погодени од украинската одлука.
Операторот за дистрибуција на енергенсот „Украински систем за пренос на гас“ (ОГТСУ) соопшти дека од вчера (1 јануари) „испораките преку единствената влезна точка за руски гас во Украина се сведени на нула“.
Петгодишниот договор со рускиот државен оператор „Газпром“ за транспорт на руски гас преку територијата на Украина беше склучен во 2019 година. Неговата важност истече на 1 јануари и Киев одби да го продолжи како реакција на инвазијата на Русија врз земјата.
Уште од почетокот на руската инвазија врз во Украина во февруари 2022 година, ЕУ започна со преземање мерки за намалување на зависноста од руски енергенси, но неколку источноевропски држави голем дел од нивните енергетски потреби се уште ги обезбедуваат од Русија.
Австрија уште во декември реши да го раскине договорот за „Газпром“ за снабдување со руски гас обезбедувајќи алтернативни извори, додека Бугарија и Унгарија, заедно со Србија, најголем дел од енергенсот го обезбедуваат преку гасоводот „Турски поток“. На овој начин, украинската одлука најмногу ги погоди Молдавија и Словачка.
Како одговор на украинската одлука, Молдавија воведе 60-дневна вонредна состојба за справување со недостигот на енергенсот, согласно која се ограничува потрошувачката на енергија, осветлувањето во јавните згради и употребата на лифтови. Дополнително, „Газпром“ уште во саботата соопшти дека ќе ја запре испораката на гас за Молдавија поради „спор околу долгот“ на земјата.
Кишињев ваквата најава на рускиот оператор ја оквалификува како „угнетувачка тактика“ на Москва.
Од друга страна, Словачка жестоко ја осуди на постапката на Украина, при што словачкиот премиер дури упати и писмо до Брисел реагирајќи на украинската одлука
Фицо дури лично отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, за да изнајде начини за продолжување на снабдување на Словачка со гас од Русија.
Тој се закани и со прекин на снабдувањето на Украина со електрична енергија преку енергетската мрежа што минува низ Словачка, во услови кога на земјата и е потребен увоз на струја од странство, затоа што украинската инфраструктура оштетена од руско систематско бомбардирање со своето производство не може да ги задоволи домашните потреби.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете