Достапни линкови

Поништени пресуди - застарена „правда“


За помалку од еден месец Апелација укина две пресуди во кои првоосуден е поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и неговите најблиски соработници. Најголемите предмети за аферата прислушување како и за купувањето и уништувањето на опремата за прислушување се враќаат пак во Кривичен суд каде што беа заглавени неколку години. Апелација три години во фиока го чува и предметот Транспортер со кој поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески требаше да одлежи затворска казна од 8 години.

Пресудите за најголемата афера во земјава за прислушување кои ги опфаќаат процесите на масовно прислушување на над 20 илјади граѓани како и незаконски набавената опрема за прислушување и нејзиното уништување паднаа на Апелација и ја доразнишаа довербата од 8 проценти во правосудниот систем.

Формирањето на Специјалното јавно обвинителство беше иницирано токму поради недовербата во правосудниот систем и судското тефтерче за кое јавноста дозна од најголемата афера до сега со масовно незаконско прислушување. Случајот „Таргет Тврдина“ за која во Кривичниот суд донесе пресуда во 2021 година по четири години оддржување рочишта и две годишната истрага на тогашните специјални обвинители Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

„Со самата судска завршница, актерите се казнети, нема недопирливи, сите се еднакви пред законот и секој сторител на кривично дело ќе одговара“, рече при читањето на пресудата судијката Џанета Бегтовиќ за предметот Таргет Тврдина.

Но, со неа очигледно не се согласија нејзините колеги од Апелациониот суд Скопје кои по речиси две години разгледување одлучија да ја поништат нејзината пресуда и го вратија предметот на повторно судење. Како причина за укинувањето на пресудата во денешното соопштение - три дена по објавата, посочија дека во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите.

„Ваквата суштествена повреда е од апсолутен каратер и ја прави пресудата нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување“, се вели во соопштението од Апелација.

Со укинувањето на пресудата Апелација им заштеди и 1,4 милиони евра на осудените, пари што обвинетите според пресудата требаше да и ги исплатат на државата по правосилност на пресудата.

Од издржување на нова затворска казна засега „куртулија“ поранешниот прв човек на разузнавање Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, избеганите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошковски и нивниот колега Тони Јакимовски.

Со ваквата одлука на Апелација каде се бара повторно судење се отвара вратата кон „застарување на делото“. Тоа може да се случи ако до 2025 година не се донесе нова правосилна пресуда. Што значи судот ќе има задача во наредни две години да ја повтори и заврши целата судска постапка, со се конечна одлука за правосилност на Апелација.

Причината зошто се заканува опцијата „застарување на делото“ е што кривични дела злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност застаруваат по 10 години откако се сторени.

Застаруваат и Титаник 2 и првиот дел од Таргет - Тврдина

Но, застарувањето е можно само за делот со прислушувањето, односно за предметот „Таргет“. Вториот дел од предметот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување, не е под ваква закана. Но, за овој дел, Мијаков не е обвинет, туку неговата соработничка Јанкуловска.

Во април 2023 година ќе застари и делото за изборни измами за кое Мијалков е обвинет во „Титаник 2“ заедно со владиниот коалициски партнер Мендух Тачи. Судот во 2019 година сите шестмина обвинети во „Титаник 2“ ги прогласи за виновни. Најголема казна од 4,5 години затвор доби Бедредин Ибраими, тогашен член на Државната изборна комисија (ДИК) предложен од ДПА. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, доби 3 години и 2 месеца затвор, а поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и членовите на ДИК предложени од ВМРО-ДПМНЕ, добија по три години затвор.

На Апелација овој предмет падна уште истата година и го врати предметот повторно во Кривичниот суд. Дополнителен проблем во судечкиот процес беше што тој на два пати почнуваше од почеток поради поради промена на Судечкиот совет.

А политичарите критикуваат и толку

За одлуките на Апелација одговори јавно побараа и Премиерот и Претседателот на државата како и неколку функционери од СДСМ. Од владејачката ДУИ досега во јавноста немаше став.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пристигна критика дека судскиот систем е отворен како пупка, но никаде не се спомнува одлуката на Апелација за помалку од еден месец да поништи две пресуди.

“Наместо борба со криминалот, гледаме борба која институција ќе го заштити и ќе биде патрон на криминалот“, вели пратеникот Миле Лефков.

Алијанса за Алабанците бараше под итно да се најдат виновниците за ваквите скандали.

„Виновници треба да се бараат во местење на судските совети, каде што се забележува дека по секое „ослободување“ или одлука за укинување на казните секогаш се појавуваат исти судии“ изјави пратеникот Сурија Рашиди.

Во предметот Трезор за незаконската набавка на опремата првата пресуда беше донесена во април 2021 година, а жалбата со месеци заглави во скопска Апелација - судиите биле на стари одмори, па на нови одмори, па судијата – известител не го давал на изјаснување.

Министерот за правда Никола Тупанчески се согласува дека се работи за недозволиво долг процес.

„Најголем проблем и тука е македонскиот синдром – селективноста во решавање на проблемите. Ова навистина е недозволив период за донесување на една правосилна судска пресуда“, рече министерот.

Во меѓувреме, поминаа речиси три години како од Апелација се чека правосилност или поништување на пресудата за најскапиот превоз ученици во Битола, предметот Транспортер. Првоосудениот поранешен градоначалник Владимир Талески веќе неколку години секој понеделник доаѓа до скопскиот суд да се пријави дека не ги прекршил мерките за претпазливост.

Во меѓувреме Талески седи дома и редовно зема плата од Битолскиот народен театар каде е вработен како актер.

„Не е тајна оти според систематизација зема плата од 52.000 денари“, велат оттаму за Независен.мк.

Со тригодишно оддолговлекување овој предмет е кандидат за барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд, објаснуваат адвокати за РСЕ.

А во Врховниот суд веќе се разгледува и пресудата за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Осудените преку своите бранители до Врховниот суд поднеле барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

Претходно Апелација им ја потврди пресудата и им ги намали затворските казни за 2 до 3 години на сите 16 осудени. Сите заедно добија вкупно 188 години затвор, додека организаторите на насилниот упад во Собранието поминаа со вкупна затворска казна од 25 години.

Мијалков, Јанкуловска и Поповски одлежуваат затворски казни

Мијалков пред четири месеци почна да ја одлежува затворската казна за предметот Империја каде призна вина за незаконско богатење и криење имот. Тој од Скопје се пресели во Охрид за да си одлежи три години во струшкиот затвор, познат во јавноста, по затворски туризам.

Неговата соработничка Јанкуловска веќе ја издржува затворската казна за предметот со незаконската набавка на „Мерцедесот. Треба да издржи 4 годишна затворска казна, додека другата пресуда за Тврдина и падна на Апелација. Во Судот против неа се води уште една постапка Титаник - за изборни измами, но тој предмет не е завршен. До неа во ќелија е и поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева од каде што потекнаа и предметите против неа и нејзините сопартијци.

Мијалков, прв братучед на поранешниот премиер Никола Груевски, беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање од 2006 до 2015 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG