Достапни линкови

„Љубов и револуција“ - „гром“ концерт во скопскиот Градски парк


Со идеја да бидат донесени во ново и оригинално руво, в сабота на 29 јуни во 21 час, Филхармонија и хорот „ПроАрс“, во скопскиот Градски парк ќе ги чествуваат „класиците“ на Боуви, Кејв, Хендрикс, РЕЈДИОХЕД, НИРВАНА и други популарни икони.

На нецела недела од фантастичниот прв концерт „Ну погоди“, кој патем го проследија илјадници вљубеници во музиката од најразлични генерации, на скопскиот Градски парк, оваа сабота, на 29 јуни, во 21 часот, во рамките на циклусот „Филхармонија на отворено“, ќе му се случи и „Љубов и револуција“. Ќе бидат изведени песни на култните Девид Боуви, Ник Кејв, Џими Хендрикс, РЕЈДИОХЕД, ПИНК ФЛОЈД, КЛЕШ, НИРВАНА, СЕКС ПИСТОЛС... а заедно со оркестарот на Филхармонијата пред која и овојпат исправен ќе застане маестро Џијан Емин, ќе настапи и хорот „ПроАрс“, чиј диригент и носител на проектот е Сашо Татарчевски.

И овој концерт, како и првиот, во некоја рака претставува уникатна идеја во смисла на тоа ваков тип на композиции да бидат изведени од страна на симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот.

Фото: Маја Аргакиева

Во пресрет на овој настан, Тарчевски забележува дека во изминатиот период тој лично доста соработува со Македонската филхармонија. На неколкупати диригирал со Оркестарот, но дека и неговиот хор „ПроАрс“ е многу често на сцената со домашните филхармоничари. Вели дека од таму луѓето го препознале квалитетот и можноста за правење на различни проекти кои го разбудуваат нагласеното внимание на публиката.

После изведбата на „Планетите“ од Холст или Бетовеновата деветта симфонија, еве сега имаме проекти од типот на „Ну погоди“ кој се случи минатиот викенд. Навистина сложен проект од аспект на координација. Колегата Џијан имаше навистина тешка задача сето тоа да го искординира бидејќи мораше истовремено да биде џи-џеј и да раководи, да диригира со ансамблите на сцена, за да на крајот сето тоа испадне многу успешно. А, еве сега како едно продолжение следи и овој т.н „гром концерт“ кој треба да се случи овој викенд кадешто „ПроАрс“ ќе биде главниот носител на изведбата на композиции од РЕЈДИОХЕД, ПРОДИЏИ, НИРВАНА, СЕКС ПИСТОЛС, КЛЕШ, Џими Хендрикс, Ник Кејв, Дејвид Боуви...За овој проект мислам дека имавме за нијанса повеќе време да поработиме на материјалот, во тек се пробите на хорот со Филхармонија и луѓето што ќе дојдат во Градски парк несомнено ќе уживаат во интепретацијата на овие познати „класици“ од популарната музика, вели Татарчевски.

Фото: Маја Аргакиева

Говорејќи за исчекорот на страна што тие како класично образовани музичари мора да го сторат во приодот кон овој материјал, диригентот и професорот Татарчевски ќе рече дека ним како на вистински професионалци ништо и не треба да им биде тешко. Тој со појаснување дека може да е малку чудно, па дури и интересно, на почеток, на првата проба, меѓутоа после тоа се влегува во тој стил којшто е потребен за тој тип на музика и дека го прават она што е неопходно за да ја донесат на сцена онака како што таа е замислена.

- Секако кога се работи за аранжмани со симфониски оркестар и хор ова претставува еден вид преоблекување. Донесување во ново руво на познати композиции од таа сцена – поп, рок, панк...и што ли уште не. Токму тоа мислам дека е предизвикот. Ем да не се одземе ништо од она што тие композиции го носат за луѓето коишто ја почитуваат, следат таа музика и за оние кои ја создале, твореле таа музика, но секако и да се додаде и нешто плус. Некоја вредност повеќе. Овде вредноста плус е симфонискиот звук и пред се* носителот на сето ова а тоа е хорот, заклучува Татарчевски.

Кон ова само уште информацијата дека обата концерта „Ну погоди“ и „Љубов и револуција“, како дел од циклусот „Филхармонија на отворено“, се продукт на долгогодишната соработка на нашата национална институција со Младинскиот културен центар и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG