Достапни линкови

Успехот на македонскиот филм во фокусот на „Златна рамка 2020“


Дваесет и два филма од новата продукција ќе бидат прикажани на Второто издание на ревијата на македонски филмови - „Златна рамка“ што, под мотото „Во наш филм“ и во организација на Друштвото на филмските работници, ќе се одржи од 14 до 16 февруари во Младинскиот културен центар – Скопје.

На филмско Скопје и на македонската културна сцена, од 14 до 16 февруари, во Младински културен центар, по втор пат ќе им се случи „Златна рамка“, ревијата на македонски филмови зад која како замисла и практика лани застанаа Друштвото на филмските работници во соработка со Агенцијата за филм. Овојпат, манифестацијата ќе се одвива под мотото „Во наш филм“ и планирано е да понуди 22 остварувања од минатогодишната продукција или ако милувате селекција од годината во која се случи вистински процут на македонската кинематографија во широки рамки. Значи, љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат документарните „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказна за една зграда“ на Билјана Гарванлиева и Мануел Зимер, „Театарот во Скупи“ на Владимир Блажевски, „(Кеиф) македонска чалгиска традиција“ на Блаже Дулев...кратките „Знак“ на Елеонора Венинова и Јона Розенкиер, „СК2020“ на Радован Петровиќ, „Налепница“ на Георги М. Унковски...или долгометражните „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона С. Митевска, „Врба“ на Милчо Манчевски и „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, а филмските работници во определената временска отсечка ќе можат меѓу другото да разменат мислења и искуства за нивната работа.

„Второто издание на „Златна рамка“, Денови на македонски филм годинава акацентот го става на неверојатниот успех на домашната кинематографија што го постигна во изминатава година. Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа филмска ревија која има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм, на своето редовно годишно собрание што ќе го означи почетокот на „Златна рамка 2020“ ќе се осврне и на подобрување на статусот на филмските работници“, вели Ана Василевска, уметнички координатор на Манифестацијата.

Ана Василевска и Игор Иванов Изи
Ана Василевска и Игор Иванов Изи

Во овој контекст, Игор Иванов Изи, претседателот на Друштвото на филмски работници, во пресрет на случувањето забележува дека тие како асоцијација се исправени пред нови предизвици и дека очекува токму на Годишното собрание да се дебатира за нив.

„ДФРМ е пред значаен јубилеј - 70 години од своето постоење и за 2020 си постави предизвици, а тоа се: да се официјализира, дефинира статусот на филмските работници што е од круцијална важност за оваа индустрија, како и да се редефинира начинот на финансирање на македонските филмови. Филмската индустрија во Македонија покажа дека може, а сега на потег се институциите и секоја поддршка е добредојдена“, смета Иванов.

Во рамките на „Златна рамка“, покрај тридневната ревија на македонскиот филм од изминатата година, планирано е да се случат и промоцијата на брошурата „Прирачник за филмаџии“ чија примена е со цел да се постигне јазично стандардизирање на филмската номенклатура, потем Презентација на МЕДИА деск Македонија на тема „Како се евалуираат проектите на Медиа?“, свечено да бидат доделени почесните награди за филмските професионалци за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник, а организаторите посебно се фокусирани и на трибината насловена како „Жената во македонскиот филм“ што е планирано да се одржи во недела на 16 февруари во 11 часот.

„Трибината треба да даде одговори на бројни прашања како: Колкава е застапеноста на жените во домашната кинематографија, дали женските улоги доживуваат еволуција, колку во сценаријата и режисерите, авторите ги потенцираат сите идентитети на еден женски карактер, дали во филмската индустрија жените продуцентки завземаат доволно место, колку е се почитува пожртвуваноста на актерките во нивната професија...Едноставно, жени, режисерки, костимографки, сценаристки, и сите останати вклучени во масовниот процес за реализација на еден филм ќе проговорат на едно место и секако дека нивните размисли ќе бидат добредојдени во расветлувањето на состојбите“, истакнува Василевска.

Таа и со дополна дека Трибината е отворена за новинарите, критичарите и сите заинтересирани кои ќе можат да се вклучат во дискусијата. Модератор на трибината е Влатко Галевски а од забелешките и целата анализа на дискусијата ќе произлезе и текст кој може да биде полезен за натамошно подобрување на состојбата. Меѓу говорниците ќе бидат и актерот Перо Арсовски, режисерот Даријан Пејовски, но и млади актерски ѕвезди кои своите размислувања ќе ги разменат со своите колешки и колеги од повозрасната генерација.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG