Јужнокорејскиот филм „Паразит“ кој заедно со македонскиот „Медена земја“ беше на списокот на Академијата за филм за наградата Оскар за најдобар странски филм, освен во оваа категорија го доби Оскарот и за најдобар филм.
Со тоа тој влезе во историјата на „оскарите“ како прв филм од неанглиско говорно подрачје кој ја добива и главната награда.
Освен тоа режисерот на овој филм Бонг Џун Хо доби Оскар за најдобар режисер.
„По освојувањето за најдобар меѓународен филм, мислев дека сум готов за овој ден и бев подготвен да се опуштам“.
Филмот кој зборува за продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните во Сеул доби Оскар и за најоригинално сценарио.
Хоакин Феникс го освои својот прв Оскар, за најдобар актер, за остварувањето во темната приказна од стриповите „Џокер“.
Номинирани во оваа категорија беа и Антонио Бандерас, Леонардо Ди Каприо, Адам Драјвер и Џонатан Прајс.
Рене Зелвегер ја освои наградата за најдобра актерка за нејзиниот настап како Џуди Гарланд во музичкиот филм „Џуди“.
Филмот за Првата светска војна „1917“ освои три Оскари, за кинематографија, за визуелни ефекти и за звук, додека улогата во „Беше еднаш во Холивуд“ му го донесе првиот актерски Оскар на Бред Пит, за споредна улога како каскадер.
Лора Дерн го презеде Оскарот за споредна улога како немилосрдна адвокатка за развод во филмот „Брачна приказна“.
Најдобар документарен филм за кој исто така беше номиниран и македонскиот „Медена земја“ стана „Американска фабрика“.
Документарецот во кој се зборува за една кинеска фабрика во Охајо, е поддржан од продукциската компанија на Мишел и Барак Обама.
Филмот „Ирецот“ на Нетфликс, скапа мафијашка сага во режија на Мартин Скорсезе, кој имаше 10 номинации за Оскар, остана со празни раце.