Достапни линкови

САД обвинува за кршење на меѓународното право, Русија за провокација


Американско беспилотно летало МQ-9 или уште познато како Предатор Б
Американско беспилотно летало МQ-9 или уште познато како Предатор Б

САД и Русија со спротивставени ставови за вчерашниот инцидент со пресретнувањето на дрон над Црното море. САД смета дека Русија го крши меѓународното, додека Русија обвинува за провокација со летање дрон во близина на полуостровот Крим, кој Москва илегално го анектираше од Украина во 2014 година.

„Дрско кршење на меѓународното право“ предизвикано од „небезбедно и непрофесионално“ однесување. Вака Соединетите Американски Држави го опишуваат инциндетот пресретнувањето на американско беспилотно летало над Црното Море од руски воени авиони што резултираше со негово уривање.

Американските власти му рекоа на рускиот амбасадор во САД дека Москва мора да биде повнимателна кога лета во меѓународниот воздушен простор во близина на американските средства, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби на 15 март во интервју за Си-Ен-Ен. Тој во интервјуто посочи дека се уште дронот не е пронајден од Црното Море.

Претходно Кирби изјави дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за инцидентот на 14 март од советникот за национална безбедност Џејк Саливан. Тој вчера рече дека американските власти директно ќе контактираат со нивните руски колеги за да ја изразат загриженоста на САД „поради ова небезбедно и непрофесионално пресретнување“.

„Авионите фрлиле гориво врз американското беспилотно летало MQ-9 во очигледен обид да го заслепат или оштетат и полетале пред леталото пред еден од млазниците да се судри со пропелерот на дронот“, изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер пред медиумите опишувајќи го пресретнувањето.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека Соединетите Држави го повикале рускиот амбасадор за да му врачат протестна нота и дека американската амбасадорка во Русија, Лин Трејси, презела слични чекори во Москва.

Прајс рече дека инцидентот е „безобразно кршење на меѓународното право“.
Руското Министерство за одбрана негираше дека нивното летало дошло во контакт со дронот, за кој рече дека се урнал по „остри маневрирање“. Се наведува дека дронот бил откриен во близина наполуостровот Крим, кој Москва илегално го анектираше од Украина во 2014 година.

„Руските ловци не го користеа своето оружје на бродот, немаа контакт со дронот и безбедно се вратија на нивниот домашен аеродром“, е наведено во руското соопштение.

Во него е посочено дека американскиот дрон летал без да ги активира транспондерите, кои овозможуваат авионите да бидат откриени со радар.

Американската војска, пак, претходно соопшти дека руски борбен авион удрил во пропелерот на дронот, кршејќи го меѓународното право.

Рускиот амбасадор Анатолиј Антонов го опиша летот со американско беспилотно летало како „провокација“ и тврди дека нема причина американските воени авиони да бидат во близина на границите на Русија.

Говорејќи по средбата со американскиот помошник државен секретар за Европа, Карен Донфрид, Антонов инсистираше на тоа дека руските авиони не го погодиле американскиот дрон ниту го користеле нивното оружје.

„Москва сака „прагматични“ врски со Вашингтон. Не сакаме каква било конфронтација меѓу САД и Русија“, изјави Антонов.

Рајдер претходно изјави дека американската војска морала да го урне дронот во Црното Море поради оштетувањата што ги претрпел кога дошол во контакт со рускиот авион. Тој рече дека не знаел за било каква радио комуникација меѓу руски и американски официјални лица во моментот на инцидентот.

Демократотот од Њујорк и лидер на мнозинството во Сенатот Чак Шумер го нарече инцидентот „уште еден непромислен чин“ на рускиот претседател Владимир Путин и неговата војска.

„Сакам да му кажам на г-дин Путин, престанете со ова однесување пред да бидете причина за ненамерна ескалација“, рече Шумер во изјавата до Сенатот на САД.

Беспилотно летало MQ-9 уште познато и како „Предатор Б“ вршеше рутинска мисија надзор односно извидување во меѓународниот воздушен простор кога беше пресретнат и погоден од руски авион, изјави генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Хекер, командант на воздухопловните сили на САД во Европа и во Африка. Тој додаде дека судирот резултираше со целосно губење на MQ-9 и посочи дека остатоците од дронот сè уште не се пронајдени.

Дипломатите на НАТО во Брисел потврдија дека инцидентот се случил, но рекоа дека не очекуваат тој веднаш да ескалира во натамошна конфронтација.
На овој инцидент му претходеа опасни дејствија на руските пилоти при интеракција со американските и сојузничките авиони над меѓународниот воздушен простор, вклучително и над Црното Море.

Американските сили рутински летаат авиони низ Европа над суверена територија и низ меѓународниот воздушен простор во координација со земјата домаќин и меѓународните закони, се вели во соопштението од НАТО.
Инцидентот се случува во време кога растата тензиите меѓу САД и Русија поради војната во Украина, која Москва ја започна пред повеќе од една година.

XS
SM
MD
LG