Достапни линкови

САД и ЕУ го стегаат обрачот околу Косово и Србија


Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак во Брисел, 27 февруари 2023 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак во Брисел, 27 февруари 2023 година.

Косово и Србија досега успеваа да го „избегнат“ спроведувањето на договорите, оти немаше синхронизирано дејствување на САД и ЕУ, оценуваат експерти. Сега САД се „мотор на целиот процес“. Двете страни знаат дека ќе трпат последиците доколку не го прифатат предлогот. Но, специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, не очекува „церемонија на потпишување“ на договорот во Охрид. Пишуваат Сандра Цветковиќ и Беким Бислими.

Сегашното инсистирање на меѓународната заедница за постигнување договор меѓу Косово и Србија за нормализација на односите е на највисоко ниво во последните десет години, колку што двете страни водат дијалог преку Европската унија (ЕУ).

Со ваквата оценка на политичкиот аналитичар од Косово Агон Малиќи се согласува и експертот за регионална политика од Србија, Александар Попов. Тој оценува и дека „Приштина и Белград играа премногу за да ги избегнат обврските што ги прифатија“.

Откако двете страни начелно се усогласија за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите, треба да се изработи патоказ за спроведување на договорот. По тој повод, премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат во Охрид, Северна Македонија на 18 март. Но, во јавноста почнаа да се слушаат спротивставени изјави.

Вучиќ порачува дека нема да потпише капитулацијата на Србија, додека Курти е подготвен да го потпише европскиот предлог.

Ова е промена на ставовите на двајцата лидери во однос на европскиот предлог, имајќи предвид дека Вучиќ претходно изјави дека е подготвен да работи на неговото спроведување, додека Курти го сметаше само за „добра основа за продолжување на дијалогот“.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, вели дека не очекува „церемонија на потпишување“ на договорот за нормализација на односите на 18 март во Охрид.

По посетата на Приштина на 9 март, Лајчак за локална телевизија во Косово изјави дека „по финализирањето на договорот, ќе се знае како тој ќе се спроведе на терен“.


Ќе се спроведе ли европскиот предлог?

Александар Попов, кој го предводи Центарот за регионализам во Нови Сад, вели дека претстојната средба меѓу Курти и Вучиќ би можела да биде „подготвителна фаза за приближување кон финализирање на косовското прашање“, но тој е убеден дека ЕУ и САД нема да дозволат „попречување на договореното“.

Тој укажува дека Косово и Србија досега успеале да го „избегнат“ спроведувањето на претходните договори, бидејќи немало синхронизирано дејствување од страна на САД и ЕУ.

Според неговите зборови, американските дипломати поотворено и директно ги предупредуваат Приштина и Белград дека може да се соочат со последици доколку не бидат кооперативни во однос на европскиот предлог.

САД, заедно со другите западни земји, го поддржаа овој предлог, а американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, беше директно вклучен во посредувачка или шатл дипломатија, чија цел беше Косово и Србија да го прифатат европскиот план за нормализација на односи.

„Да немаше такво нешто, односно синхронизирано делување на САД и ЕУ, немаше да има напредок ниту околу овој заеднички француско-германски документ, кој ЕУ го прифати како свој, ниту да дојде до понатамошни чекори. Следен чекор е Охрид“, вели Попов.

Тој додава дека на страните им било јасно ставено до знаење дека ќе ги трпат последиците доколку не го прифатат предлогот на ЕУ и смета дека тоа е еден вид гаранција дека тој ќе се спроведе.

Курти и Вучиќ претходно во одвоени изјави потврдија дека европско-американските дипломати им рекле дека ќе има последици доколку не го прифатат европскиот план. Исто така, и двајцата рекоа дека тоа е документ „земи или остави“.

И Мирослав Лајчак на 9 март изјави дека попречувањето на договорот за нормализација на односите ќе влијае на европската интеграција на страната што го прави тоа.


Претходните договори во европскиот предлог

Европскиот предлог за нормализирање на односите, меѓу другото, треба да доведе до меѓусебно признавање на документите и националните симболи, вклучувајќи ги пасошите, дипломите, регистарските таблички и царинските печати.

За речиси сите овие прашања, Косово и Србија веќе постигнаа поединечни договори во рамките на дијалогот.

На пример, прашањето за регистарски таблички и лични документи е регулирано со договорот за слобода на движење. Но, токму проблемот со регистарските таблички предизвика тензии во 2022 година, бидејќи договорот не беше целосно спроведен, односно на северот на Косово никогаш не беше извршена пререгистрација од српски во косовски таблички.

Во 2011 година Приштина и Белград постигнаа договор за меѓусебно признавање на универзитетските дипломи, но тој се применуваше во Србија само до 2014 година. Во меѓувреме, верификацијата на српските дипломи престана и на Косово.

Посебен договор има и за царински печати, и околу 30 други, но повеќето од нив не се спроведени на терен.

Она на што Белград особено инсистира е Заедницата на општини со српско мнозинство, која Приштина упорно одбива да ја формира, тврдејќи дека е штетна за Косово.

Дали овој пат ќе биде поинаку?

Агон Маљиќи оценува дека ситуацијата овојпат е поинаква, бидејќи се вклучија и САД, и станаа „мотор на целиот процес“.

Тој е убеден дека европскиот план, штом ќе го потпишат двете партии, ќе биде обврзувачки документ кој ќе треба да се спроведе.

Доколку пак не биде потпишат предлогот, тогаш, како што вели Маљиќи, ќе остане само вербален договор без големо значење.

„Затоа, во овој момент Косово и Србија се принудени да проценат колку се подготвени да се соочат со последиците. Поентата е дека Вучиќ е на крајот од својата геополитичка игра и перцепција, која ја создаде на Запад - особено во САД. - дека е подготвен да оди кон договор со Косово. По една деценија дијалог, мислам дека неговиот простор за маневар е при крај“, вели Маљиќи.

Тој, исто така, заклучува дека Курти и Вучиќ повеќе би сакале да не го потпишат договорот и додава дека српскиот претседател се обидел „вината за неуспехот“ да ја префрли на Косово.

И Александар Попов од Центарот за регионализам смета дека двајцата лидери се обиделе да избегнат одговорност и во тој контекст вели дека Курти и Вучиќ се надевале дека „другиот нема да го прифати предлогот“.

„Вучиќ го прифати (предлогот) и го стави (Курти) во непријатна позиција. Меѓутоа, притиснат од Западот, Курти мораше да прифати. Во меѓувреме, Вучиќ во меѓувреме се најде под голем притисок од домашната јавност, особено од овие десничарски сили“, истакнува Попов.

Европскиот предлог во Србија не го подржаа опозициските партии, а слична е ситуацијата и во Косово, каде најголемите опозициски партии Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово, изразија резерва.

Има ли црвени линии или се одложува постигнувањето договор?

Политичкиот аналитичар Агон Маљиќи последните спротивставени изјави на Курти и Вучиќ ги гледа како алатка за внатрешна употреба, но и начин да ја зајакнат својата позиција во преговарачкиот процес, односно да добијат време.

Европскиот предлог за нормализација на односите содржи единаесет точки и треба да ги реши спорните прашања меѓу двете страни. Но, во него има точки кои Вучиќ и Курти не ги прифаќаат во целост.

За Србија е спорна точката четири, во која пишува дека нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Вучиќ во неколку наврати истакна дека никогаш нема да го прифати Косово како независна држава, ниту да прифати прием во Обединетите нации. Не беше добро прифатена ниту точка два, во која се вели дека „двете страни ќе ги почитуваат принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет“.

Од друга страна, за Владата на Курти, проблематичен е делот од точката седум, која се однесува на „посебен аранжман на српската заедница“ и официјализирањето на статусот на СПЦ.

Тука е и точка десет, со која страните се обврзуваат да ги спроведат сите досегашни договори постигнати во рамките на дијалогот. Тоа значи дека Косово мора да формира Заедница на општини со српско мнозинство.

Маљиќи смета дека Вучиќ го користи прашањето за членство во ОН „како некаков вид на наместена лага“, и посочува дека такво нешто во моментов не е можно поради ветото што Русија може да го искористи.

„Тоа што тој го избра прашањето за Обединетите нации како црвена линија, како и признавањето, повеќе зборува за подготвеност или отвореност за потпишување договор, бидејќи овие две прашања не се на маса. Тој (Вучиќ) се обидува, во моментот кога ќе се потпише (договорот) да излезе и да каже дека победил. Јас на тоа гледам повеќе како стратегија, подготвување терен“, вели Маљиќи.

Тој додава дека, од друга страна, Курти се обидува да формира Заедница на општини со српско мнозинство, што може да и даде на српската заедница „одредено ниво на самоуправа во Косово“, под друго име.

По инсистирањето на странските дипломати Косово да ја прифати Заедницата, Курти изнесе низа услови под кои би можело да се формира, од кои некои се дека треба да биде во согласност со законите на Косово и да служи исклучиво за меѓуопштински соработка.

XS
SM
MD
LG