Достапни линкови

Вести

Абазовиќ ги охрабрува Косово и Србија да најдат конечно решение

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ во рамките на Економскиот форум, кој се одржа во Скопје, 1 март 2023
Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ во рамките на Економскиот форум, кој се одржа во Скопје, 1 март 2023

Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ од вториот Економски форум во Скопје упати охрабрување до Косово и Србија за изнаоѓање на конечно решение, со оценка дека тоа ќе биде силен поттик и за целиот регион.

„Црна Гора е најмалата земја во регионот и кога сте најмали имате интерес да одржувате добри добрососедски односи, да промовирате толеранција, мир и да придонесте за изнаоѓање решение за отворените прашања во регионот“, рече Абазовиќ.

Тој вели дека ја поддржува намерата на меѓународната заедница конечно да се постигне договор и да се потпише.

Црногорскиот премиер смета дека се потребни повеќе договори како тие постигнати во Берлин, во ноември, лани во рамки на Берлинскиот Процес. А потсетува и дека Подгорица дава поддршка и на иницијативата за Отворен Балкан, каде што не е членка.

Абазовиќ на форумот се сретна со премиерот на македонија Димитар Ковачевски. Форумот е една од најголемите регионални средби, во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.

На средбата, како што информира владината прес-служба, двајцата премиери разговараа за билатералните односи, за што констатираа дека се пријателски и без отворени прашања.

Примерите ја потенцираа и успешната соработка во рамките на НАТО.

види ги сите денешни вести

Пропадна 21 обид за конституирање на Собранието на Косово

илустрација
илустрација

Косовското Собрание ниту во 21 обид не е конституирано, бидејќи денеска немаше кворум за гласање за Комисијата за тајно гласање.

На денешната седница (25 мај) беа присутни 90 пратеници, а 53 гласаа „за“ и еден „против“.

Во последните 12 обиди, седницата не успеа по истата точка - предлогот на претседавачот Авни Дехари да се премине од отворено на тајно гласање за избор на претседател на Собранието.

Првата конститутивна седница на деветтиот состав на Собранието на Косово се одржа на 15 април.

Победничката партија на изборите одржани на 9 февруари, Движењето Самоопределување, ја предложи Албулена Хаџиу за претседателка на Собранието.

Но, Хаџиу не обезбеди доволен број гласови во првите шест обиди преку јавно гласање, па затоа беше предложено изборот на претседател на Собранието да се врати на тајно гласање. Но, Хаџиу досега не доби доволен број гласови.

Следната седница е закажана на 27 мај.

По повикот на Филипче, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема потреба од нова лидерска средба

илустрација
илустрација

Владејачката партија ВМРО-ДПШМНЕ смета дека нема потреба од нова лидерска средба. Прашан за коментар за изјавата на лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче дека ќе предложи точки за лидерска средба, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција (25 мај), изјави дека нема потреба од такво нешто.

„Првенствено би сакале Венко Филипче да не ги користи приликите за лидерска средба за да си го крева рејтингот. Лидерска средба имаше пред само еден месец и сметаме дека нема потреба за истото. Доколку Филипче сака да си прави средби со своите коалициони партнери може да го напарви тоа со Али Ахмети, со Таравари или со Димиче Апасиев, бидејќи тие се исти луѓе со исти вредности“, рече Манасиевски на новинарско прашање дали е прифатлива за нив најавата на Филипче дека во понеделник ќе предложи конкретни точки за лидерска средба заради постигнување консензус околу евроинтеграциите.

Одговарајќи на прашања на медиумите во Охрид, во врска со обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на Свечената академија во кое тој повика на единство кај партиите кога се во прашање националните интереси, Филипче вчера кажа дека постојано иницирал средби, за тоа што треба да се направи за постигнување национален консензус и дека е апсолутно подготвен да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.

„Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, заеднички да работиме на унапредување во многу сфери што ќе го направи животот и подобар и поквалитетен“, рече претседателот на СДСМ.

Лидерот на опозициската СДСМ ја критикува Владата за новиот договор со Велика Британија, посочувајќи дека партијата не е запознаена со клучните детали од заемот, како што се рокот на отплата и каматната стапка. Опозицијата бара одговори и предупредува на сериозни последици, додека Владата уверува дека средствата ќе бидат вложени во развојни проекти. Филипче оцени дека ваквиот финансиски аранжман ќе го оптовари јавниот долг и ќе ги задолжи идните генерации, нарекувајќи го „данок на иднината“.

Најмалку 13 луѓе загинаа во најновите руски напади врз Украина, се очекува нова размена на затвореници

Последици од ракетните напади на Киев и регионот, 25 мај 2025 година
Последици од ракетните напади на Киев и регионот, 25 мај 2025 година

Рано утрото на 25 мај, украинските власти соопштија дека рускиот напад со беспилотно летало врз Киев погодил неколку станбени згради, при што загинале најмалку 12 лица, а 70 други биле повредени.

Експлозии биле пријавени и во повеќе региони во текот на ноќта, вклучувајќи ги Харкив, Конотоп, Суми, Тернопил, Николаев, Одеса, Чернигов и Запорожје, во она што украинските власти го опишаа како втора ноќ по ред на големи воздушни бомбардирања во кои биле вклучени и ракети и камикази дронови.

Во регионот Житомир, три деца биле убиени, а 12 други повредени, соопштија локалните власти.

Во меѓувреме, во Москва, ограничувања биле воведени на четири аеродроми, додека градоначалникот Сергеј Собјанин изјави дека најмалку десетина дронови што летале кон главниот град биле соборени, а екипите за итни случаи работеле на местата каде што паднале остатоци.

Деталите за двата напада останале оскудни во раните утрински часови, а тврдењата на завојуваните страни не можат веднаш да се потврдат.

Украинската армија соопшти дека во текот на ноќта соборила вкупно 45 руски проектили и 266 дронови.

Неколку часа претходно, втората група украински затвореници - некои држени до три години - се врати од затвор во Русија, многумина облечени во националното знаме и поздравени со прегратки и солзи радосници од најблиските.

Последната фаза од размената е планирана за денеска (25 мај), при што треба да бидат разменети вкупно илјада заробеници. Вчера 307 руски воени заробеници беа разменети за ист број украински војници.

Украинските власти изјавија дека Киев е подготвен да ги предаде сите заробени Руси во замена за сите Украинци што ги држи Москва, како дел од таканаречениот договор за размена на затвореници од 1000 за 1000, посредуван во Турција.

Нема нови сомнителни случаи на мајмунски сипаници

илустрација
илустрација

Од Институтот за јавно здравје информираат дека епидемиолози исконтактирале со лицата кои биле во контакт со позитивните лица со мајмунски сипаници и оти тие немаат никакви симптоми на заболување. Двете лица кај кои е констатиран вирусот, како што информира ИЈЗ, се во добра состојба.

Од Институтот соопштуваат дека нема нови сомнителни случаи кои што се испратени за тестирање.

„Во текот на вчерашниот ден беа објавени препораки на веб страната на ИЈЗ до граѓаните. Дополнително, ИЈЗ изработи краток водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за сомнителните случаи и истиот беше доставен до Министерството за здравство кое што ги проследи до надлежните здравствени институции. Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и справување со истата. Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок“, се наведува со соопштението на ИЈЗ.

Исто така отворени се две нови телефонски линии за информирање на граѓаните и здравствените лица со мајмунските сипаници. Граѓаните можат да добијат информирации на телефонскиот број 076/233-791, а здравствените работници на 076/233-792.

Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт како што се сексуален однос, контакт кожа со кожа и зборување или дишење во близина на друго лице. Предизвикува симптоми слични на грип, потоа кожна болест и може да биде фатална.

Европската комисија ѝ се закани на Унгарија со мерки доколку донесе закон против невладините организации

илустрација
илустрација

Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации.

Воведувањето на законот за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги прописи за невладините организации финансирани од странство, кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија, пишува ДПА.

Според Комисијата, предлог-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, претставува сериозно кршење на правата на ЕУ.

Комисијата побара повлекување на нацрт-законот од законодавната постапка.

Доколку законот биде усвоен како што се очекува, Комисијата предводена од претседателката Урсула фон дер Лајен најави дека нема да се двоуми да ги преземе потребните мерки.

Комисијата може да покрене посебни постапки за вакви случаи на прекршувања, што резултира со високи казни за земјите-членки кои не го почитуваат правото на ЕУ.

Споредливо со сегашното законодавство во Русија, нацрт-законот им овозможува на невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црна листа.

Потоа, тие организации можат да добијат материјална поддршка од странство, само со одобрение од даночната администрација на земјата во која работат.

Доколку невладината организација се финансира на други начини, таа мора да ѝ плати на државата 25 пати поголема сума како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета, пишува ДПА.

Невладините организации се организации кои, независно од владите, се борат за човекови права, животната средина или здравјето и други аспекти од јавниот живот.

Орбан, кој постојано се судираше со ЕУ во текот на неговите 15 години како лидер на Унгарија, е под зголемен притисок дома пред парламентарните избори во април следната година.

Петер Маѓар, политички почетник кој побегна од владејачката партија на премиерот, се појави како конзервативен предизвикувач чија нова партија Тиса, веќе неколку месеци доминира во анкетите на јавното мислење пред Фидес на Орбан.

Украина и Русија разменија речиси 800 затвореници

илустрација
илустрација

Русија и Украина ја започнаа најголемата размена на затвореници од почетокот на руската инвазија, разменувајќи стотици војници и цивили во процес што се очекува да продолжи во текот на викендот, соопштија официјални лица од двете земји на 23 мај.

„Ги враќаме нашите луѓе дома. Првиот дел од договорот за размена од 1000 за 1000 е имплементиран“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Телеграм.

Зеленски рече дека се разменети 390 лица од секоја страна и дека се очекува размената да продолжи на 24-25 мај. Според руското Министерство за одбрана, тој број вклучува 270 воени заробеници и 120 цивили.

Неколку часа претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина и Русија „штотуку ја завршија“ размената, која беше во тек уште од мировните преговори во Истанбул пред една недела и дека таа „наскоро ќе стапи на сила“.

„Честитки до двете страни за овие преговори.Ова може да доведе до нешто големо?“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.

Еден ден претходно, Зеленски рече дека договорот е „можеби единствениот вистински резултат“ од 90-минутната средба меѓу украинските и руските преговарачи во Истанбул на 16 мај - првите директни мировни преговори меѓу украинските и руските претставници откако Москва започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Зеленски рече дека страните размениле списоци на затвореници кои би можеле да бидат разменети.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека меѓу 120-те Руси кои се враќаат во Русија има жители на Курската област, која Украина ја нападна минатиот август.

Размената на 1000 луѓе од секоја страна би била најголемата од неколкуте размени на затвореници од почетокот на целосната инвазија. Претходните размени не доведоа до опиплив напредок во завршувањето на војната.

Русија ги отфрли повиците од Украина, САД и европските земји за 30-дневен прекин на огнот, а по разговорите во Истанбул не е закажана нова средба.

Во објава на Truth Social по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин на 19 мај, Трамп рече дека Русија и Украина „веднаш ќе започнат преговори“ за прекин на огнот и крај на војната. Тој го предложи Ватикан како можно место за понатамошни преговори.

На 23 мај, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли идејата и нагласи дека датумот за новата средба сè уште не е одреден.

„Многу луѓе фантазираат за тоа кога и каде ќе се одржи. Во моментов немаме идеи“, рече Лавров во говорот на Дипломатската академија во Москва, додавајќи дека би било „малку невкусно“ ако Русија и Украина, кои се претежно православни земји, „користат католичка платформа“ за преговори.

„Мислам дека не би било многу пријатно за самиот Ватикан да биде домаќин на делегации од две православни земји под овие околности“, рече Лавров.

Украина и европските влади ја обвинија Русија дека го условува прекинот на огнот со неприфатливи барања и дека не преговара со добра намера. Многу аналитичари велат дека Путин не се откажал од својата цел да ја покори Украина.

Една од неколкуте главни точки на спор е барањето на Кремљ Украина да ги повлече своите сили од четири делумно руско окупирани региони за кои Москва неосновано тврди дека ѝ припаѓаат на Русија. Зеленски нагласи дека Украина нема да ги повлече трупите од својата територија.

Седумнаесет повредени во напад со нож во Хамбург, четворица се во животна опасност

илустрација
илустрација

Седумнаесет лица биле повредени, од кои четворица се во животна опасност, во синоќешниот напад (23 мај) во Хамбург кога 39-годшина Германка со нож се нафрлила врз луѓето кои чекале на главната железничка станица, јави ДПА.

Жената напаѓач е уапсена, а при асењето не давала отпор. Полицијата верува дека таа дејствувала сама и не била политички мотивирана.

Од 2023 година ножевите се забранети на главната станица во Хамбург и во јавниот превоз во вториот најнаселен град во Германија.

Ова е последен од серијата напади на јавни места во Германија што се случија годинава, особено во пресрет на парламентарните избори во февруари.

Македонија го одбележува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

илустрација
илустрација

Со повеќе настани денеска (24 мај) во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан на поконение на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ќе присуствува на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Мицкоски ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата Св. Софија.

Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид се празнува и со низа други манифестации и настани. Чествувањата започнаа вчера со научна трибина, продолжуваат денеска со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред монументалниот споменик во Градскиот парк и детски поетски фестивал, а ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“.

Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.

Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени и за ширењето на христијанството на словенски јазик.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита.

Светите Климент и Наум, делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Се бара притвор и мерки на претпазливост за обвинетите во „Онкологија“

илустрација
илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера (22 мај) поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицинскиот и организацискиот директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, соопштија од Обвинителството.

Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.

„Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање“, велат од Обвинителство.

Ваквите мерки според обвинителството се неопходни за непречено водење на кривичната постапка.

Вчера Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите. Двајцата поранешни директори, медицинскиот и економскиот се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата, а во второто обвинение се опфатени четворица онколози кои се товарат дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни.

Турција уапси 65 војници и полицајци поради врски со Фетула Ѓулен

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган

Турција уапси 65 војници и полицајци поради наводни врски со починатиот проповедник Фетула Ѓулен, кој е обвинет за организирање на неуспешниот државен удар во 2016 година.

Државната новинска агенција Анадолија објави дека се уапсени 56 активни војници на турските вооружени сили, а дека по уште седуммина сè уште се трага.

Ердоган ветува дека ќе продолжи со прогонот на следбениците на покојниот Ѓулен.

Во меѓувреме, ТВ Халк објави дека се уапсени девет полицајци, „повеќето од нив во Истанбул“.

„Во операцијата против терористичката организација ФЕТО во 36 провинции со центар во Истанбул, заробени се 56 од 63 активни војници за кои беа издадени наредби за притвор“, објави Анадолија.

ФЕТО, или „Терористичка организација на Фетула“, е името што Турција го дава на движењето Хизмет на Ѓулен, кое некогаш имаше широко влијание од сенка.

Ѓулен, кој почина минатиот октомври, некогаш беше близок сојузник на претседателот Реџеп Таип Ердоган пред двајцата да станат лути непријатели. Тој избега во Соединетите Држави во 1999 година и никогаш не се врати.

Дури и по неговата смрт, Турција се заколна дека ќе ги прогонува неговите следбеници низ целиот свет.

Повикувајќи се на соопштение од обвинителството, ТВ Халк објави дека операцијата за апсење започнала во Истанбул во раните утрински часови на 23 мај и дека во неа учествувале припадници на воздухопловните сили, жандармеријата, копнените и поморските сили.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG