Достапни линкови

Рамковниот не е совршен, но го мина тестот на времето


Премиеорт Зоран Заев, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон и лидерот на ДУИ, Али Ахмети на одбележување на 20 годишнината од Рамковниот договор. Скопје 13 август, 2021.
Премиеорт Зоран Заев, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон и лидерот на ДУИ, Али Ахмети на одбележување на 20 годишнината од Рамковниот договор. Скопје 13 август, 2021.

Концепт за решавање на конфликти. Не е совршен, но го помина тестот на времето. Договорот треба да се надоградува, се само дел од забелешките на учесниците на централниот настан за одбележување на 20 годишнината од потпишување на Рамковниот договор. Тие се потсетија на минатото, дадоа оценки за договор, за тоа што ќе се случеше ако го немаше, но и наведоа свои видувања за иднината и го нотираат патот што го отвори договореното со кое се стави крај на воениот конфликт во 2001. Дел од потписниците на договорот не се веќе меѓу живите. На настанот не присуствуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ, иако се една од партите кои ставија параф на договорот.

Од кираџии во сопствената држава станавме господари, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во 2001 и припаѓаше на една од завојуваните страни во воениот конфликт. Конфликтот се водеше меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Македонија.

Ако не си ги бараш правата, нема да ти ги дадат, рече Ахмети наведувајќи дека тогаш Албанците биле изложени на притисоци и закани и како што рече, само барале права, образование на мајчин јазик, книги, а не барут и тенкови.

„Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот. Секое унапредување на јазикот и културата на другиот е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните толку полојални се граѓаните во државата. Имаме уште многу да направиме и ќе направиме“, рече Ахмети.

Ахмети рече дека Договор е функционален, но треба да се одржува во живот и да се надоградува. Ќе беше трагично тогаш да се поделеше државата рече, Ахмети.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Охридскиот договор во 2001 го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Трајковски, Џафери, Имери и Пердју веќе не се меѓу живите.

Робертсон - Договорот е образец за решавање на конфликти

Поранешниот генерален секретар на НАТО лорд Џорџ Робертсон сменил шест летови за да учествува на денешната манифестација во Скопје. Тој рече дека на Рамковниот договор не треба да се гледа само со носталгија, туку да се оди чекор нанапред, оти луѓето сакаат работа, добро образование за нивните деца, надеж за иднината. Робертсон рече дека Договорот е образец за решавање на конфликти. Тој упати и апел до Бугарија да ја крене блокадата на евроинтегративниот пат на земјава.

„Кога Бугарија бараше членство во ЕУ и НАТО тие имаа добри пријатели во мене и во штабот на НАТО. Бугарија како сосед имаше огромна придобивка од овој Охридски договор. Доколку конфликтот продолжеше на традиционален начин како што завршува на Балканот, Бугарија ќе ги почувствуваше тие бранови и се уште ќе ги чувствуваше до денес. Северна Македонија заслужува да биде во ЕУ и се надевам дека Бугарија ќе ги слушне едногласните барања од нивните пријатели и ќе ја крене блокадата за Северна Македонија“, апелираше Робертсон. Тој е дел од Охридската група која и дава поддршка на Македонија за интеграциите.

Поранешниот висок претставник на ЕУ Хавиер Солана во видео обраќање на манифестацијата за две децении Рамковен договор ги изрази своите надежи дека земјата наскоро ќе почне преговори со ЕУ.

„Имавте многу тешкотии на вашето патување. Имавте потешкотии во врска со вашето име, кое беше решено. Имавте проблеми со вашиот јазик, кое што исто така е разрешено и по договорот со НАТО сигурен сум дека многу скоро ќе имате можност да започнете формални разговори со Европската унија“, рече Солана.


Пендаровски - Договорот го издржа тестот на времето, но е далеку од совршен

Охридскиот договор го издржа тестот на времето, но е далеку од совршен, оти со него не се посветува внимание на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници, поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество рече претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на дваесетгодишнината од потпишувањето на договорот.

„Во хетерогена политичка заедница како нашата, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме. За да продолжи и понатаму да егзистира единствениот успешен пример на функционална мултиетничка демократија во регионот треба постојано да ја имаме пред очи алинејата од Основните принципи на Рамковниот Договор со која употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина. Со други зборови: сега имаме рамка, имаме устав, имаме искуство и мораме секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури“, порачува претседателот на државата.

Тој вели дека политичарите треба да учат од граѓаните, а тоа како да размислуваат надвор од етничките и партиските агенди. Граѓаните имаат долга традиција на взаемно почитување која датира далеку пред Рамковниот договор, рече претседателот.

Пендаровски беше близок соработник на двајца од потписниците на договорот, на тогашниот претседател Борис Трајковски и на поранешниот премиер, па потоа претседател Бранко Црвенковски.

Да беше Заев во 2001 немаше да дојде до конфликт

Домаќин на конференцијата која е централен настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор е првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Тој рече дека да не бил Охридскиот договор, немаше да се случи ниту Преспанскиот, а со тоа земјата немаше да влези ниту во НАТО.


„Со Рамковниот договор ниту една заедница, ниту еден граѓанин не загуби, напротив сите заедници, сите граѓани имаа корист, а С. Македнија од земја во војна стана земја членка на НАТО и со зелено светло за членство во Европската унија“, рече вицепремиерот Груби.

По говорот на премиерот Зоран Заев, Груби рече дека додека тој говорел, Ахмети му рекол дека да бил Заев политичар во 2001 воопшто немало да дојде до конфликт.

Заев во својот говор рече дека Охридскиот договор ги поставил темелите на кои се гради заедничко општество. Поставивме пример од кој другите учат, рече премиерот.

„Испорачувачи на мир, урнек по кој многу други земји и региони, не само на Балканот и Европа, туку и во светот може да учат. И си земам за право да оставам аманет, да си го чуваме она што заедно сме го постигнале овие 20 години“, рече Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече Рамковниот договор ја променил иднината на земјата и овозможил земјава да биде успешна сторија.

„Ова што ви се обраќам на албански е реалност и знак дека имаме за што да бидеме горди, меѓутоа, никако да сметаме дека сме ја завршиле домашната задача, затоа што, како што вели и слоганот на манифестацијата – „ПОСЛЕ ОХРИД“, процесот продолжува, предизвиците не се исцрпуваат и нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога ќе ја исполниме и нашата втора стратешка определба и цел, односно, по полноважното членство во Сојузот на НАТО, да почнеме преговори и со Европската унија“, порача Џафери.

Договорот си ја исполни првичната цел, донесе мир, но дали граѓаните од различен етникум научија да живеат заедно?

Професор Темелко Ристески вели дека има прогрес во учењето како да живееме едно со други, но дека има уште многу да се учи.

„Во развиените демократии човекот се цени според неговите квалитети, стручност, знаење, неговиот однос со средината, кај нас тоа не изби на прв план. Национализмот си го прави своето. Уште се гледаме попреку, не многу, но се уште е присутна онаа поделеност. Но јас мислам дека има напредок, полека, полека учиме и ќе учиме“, вели професор Ристески.

Преговорите за Рамковниот договор траеја околу два месеци. Започнаа во Скопје, продолжија во Охрид, а завршија со потпишување на документот во претседателската резиденција во Скопје на 13 август 2001.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG