Достапни линкови

Ракометарите не клаваа голој, Медена земја ќе клава оскари


Комбо фотографија - ракомет и „Медена земја“
Комбо фотографија - ракомет и „Медена земја“

Огромни очекувања и уште поголемо разочарување од настапот на ракометната репрезентација на Европското првенство во Австрија. Сите очи сега се вперени во филмот Медена земја, кој е номиниран за два оскари. Политиката, особено во предизборниот период, е неизбежен декор, и кога се зборува за спортот и за културата.

Ракометната еуфорија во земјава, иако интензивна, траеше многу кратко – само три натпревари. Распонот на емоциите се движеше од „Македонија шампион“ до целосна потиштеност. Македонските ракометари на Европското првенство во Австрија заборавија да „клаваат голој“. Во групната фаза ја победија само Украина и ги загубија натпреварите од Чешка и од Австрија, по што си ги спакуваа куферите и си заминаа од Австрија. Очекувањата на јавноста беа дека избраниците на тренерот Данило Брестовац во најмала рака ќе ја поминат групата.

На социјалните мрежи врие од коментари кои немаат врска со ракометот - колку гласно ракометарите ја пееле химната, дали играле за Северна Македонија или за Македонија, за патриоти и за предавници. Оние што ја следеле играта забележаа дека избраниците на Брестовац играле лошо, дека отсуството на Филип Миркуловски од репрезентацијата е забележливо и дека репрезентативниот ракомет нема голема иднина ако главен столб сè уште е 40-годишниот Кире Лазаров.

Сепак, најголемите реакции беа за голманот Борко Ристевски. Човекот, кого навивачите го прогласија за министер за одбрана на Европското првенство во Србија во 2012 година, кога Македонија го освои петтото место, овој пат не беше на висина на задачата, впрочем како и најголемиот дел од неговите колеги. Но, коментарите помалку беа за неговата игра, туку за носењето маичка на која пишува само Македонија на загревањата и покажувањето на знакот за обединета Македонија при интонирањето на химната. За едни тој е патриот, други, пак, критикуваат дека е подобро да брани, отколку да бистри политика. Ристовски лани беше именуван како советник за спорт на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сепак, разочарувањето не траеше долго. Некако истовремено Американската филмска академија соопшти дека македонскиот документарец Медена земја на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов влезе во конкуренција, и тоа не за еден, туку за два оскари: за најдобар документарец и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Единствениот македонски филм кој влегол во тесна конкуренција за Оскар е Пред дождот на Милчо Манчевски, кој беше номиниран во 1994 година, но статуетката тогаш ја однесе рускиот филм Изгорени од сонцето на Никита Михалков.

Очекувањата повторно се вивнаа во небо. Како секој темпераментен јужњачки народ, Македонците повторно гледаат во оскарите како кон спасение, како награда за себе, а не за авторите кои завршиле извонредна работа. Политиката повторно е неизбежна, иако филмот ја раскажува приказната за Атиџе Муратова, последната собирачка на мед од диви пчели во Европа. Додека најголемиот дел од граѓаните еуфорично навиваат за оскар, други велат дека наградата би била за да се промовира придавката „северна“ во светот, а трети негодуваат за тематиката – зошто сите македонски филмови мора да бидат за „јад и чемер“, сместени во некои планински забити.

Во меѓувреме, речиси сите политичари им честитаа и на ракометарите и на авторите на филмот, со надеж дека ќе „украдат“ дел од нивната слава во предизборниот период.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG