Генералот Френк Мекензи, началник на Централната команда на САД, објави дека сите американски сили го напуштиле аеродромот во Кабул во согласност со рокот до 31 август, одреден од претседателот Џо Бајден.
„Тука сум да го објавам завршувањето на нашето повлекување од Авганистан и крајот на воената мисија за евакуација на американските граѓани“, рече Мекензи. додавајќи:
„Повлекувањето означува и крај на речиси 20-годишната мисија што започна во Авганистан кратко по 11 септември 2001 година. Тоа е мисија што му пресуди на Осама бин Ладен, како и на многуте негови соработници во Ал Каеда. И тоа не беше евтина мисија. Над 2.460 американски војници и цивили беа убиени, а повеќе од 20.000 повредени. За жал, тоа вклучува и 13 американски војници кои беа убиени во минатата недела од бомбаш-самоубиец на ИСИС-К“.
Во Кабул Талибанците со славенички истрели го одбележаа тој момент.„Американските војници го напуштија аеродромот во Кабул и нашата нација доби целосна независност“, изјави портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид.
Соединетите држави и нивните сојузници евакуираа повеќе од 122.000 луѓе од Кабул од 14 август, ден пред Талибанците да ја вратат контролата врз земјата две децении откако беа отстранети од власта со инвазијата предводена од САД во 2001 година.
Саливен: Талибанците ќе овозможат безбедна евакуација и по 31 август
Мекензи рече дека САД беа способни да го евакуираат „огромното мнозинство“ американски граѓани кои сакаа да заминат, или околу 6.000.
Бајден ја пофали американската војска за изведувањето на „најголемиот воздушен превоз во историјата на САД“. „Сега, нашето 20-годишно воено присуство во Авганистан заврши“, рече тој.
Кога владата и авганистанската армија, поддржани од Запад, паднаа под големата офанзива на Талибанците, САД и нивните сојузници се обидоа да ги спасат своите граѓани, како и Авганистанците во опасност, од кои многумина работеа во меѓународната мисија.
Евакуацијата ја покажа и соработката на талибанците со американските сили испратени на аеродромот во Кабул, нешто што би било незамисливо во претходните периоди од долгиот, тежок конфликт.
Мекензи оцени дека Талибанците биле „многу прагматични и многу деловни“ за време на евакуациите и додека американската војска се подготвувала да ја напушти земјата.
Илјадници Авганистанци кои сакаа да избегаат од владеењето на Талибанците беа оставени, бидејќи рокот брзо се приближуваше и евакуациите станаа поопасни.
Тоа особено кога во самоубиствениот бомбашки напад пред аеродромот за кој одговорност ја презеде фракција на Исламската држава, инаку непријател на Талибанците - загинаа голем број Авганистанци и 13 американски војници.
Анализа: Дали Талибанците ќе останат обединети?
Талибанците најавија дека ќе дозволат нормално патување по преземањето на контролата врз аеродромот во Кабул, а САД и повеќе од 100 земји во изјавата на 29 август соопштија дека новите владетели во Кабул дале гаранции дека ќе продолжат да им дозволуваат на странците и Авганистанците со странски патни исправи да ја напуштат земјата „на безбеден и уреден начин“.
Претходно на 30 август, Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара од Талибанците да ја почитуваат нивната определба да им дозволат на луѓето слободно да го напуштат Авганистан.
Резолуцијата- која беше усвоена со 13 гласови „за“, а Кина и Русија беа воздржани- се вели дека Советот очекува Талибанците да дозволат „безбедно, сигурно и уредно заминување од Авганистан и сите странски државјани од Авганистан“.
Бајден пак, изјави дека Соединетите држави ќе продолжат да работат со меѓународните партнери за да обезбедат безбеден премин за сите Американци, Авганистанци во ризик и странски државјани кои сакаат да го напуштат Авганистан.
„Талибанците се обврзаа за безбедно минување и светот ќе ги држи до нивните обврски. Тоа вклучува тековна дипломатија во Авганистан и координација со партнерите во регионот за повторно отворање на аеродромот што ќе овозможи продолжување на заминувањето на оние што сакаат да го сторат тоа и испорака на хуманитарна помош за народот во Авганистан “, рече Бајден.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, неколку часа откако американската војска го заврши повлекувањето од земјата рече дека Вашингтон го префрли своето дипломатско присуство од Кабул во Доха, главниот град на Катар, каде што Талибанците имаат политичка канцеларија.
Бајден: Терористите ќе ја платат цената
„Започна ново поглавје од ангажманот на Америка со Авганистан. Воената мисија заврши; започна нова дипломатска мисија“. Тој рече дека помалку од 200 американски државјани останале во земјата и дека сакаат да заминат.
Блинкен додаде дека Талибанците ќе треба да ги исполнат своите обврски за да дозволат слобода на патување, да не извршуваат насилна одмазда во Авганистан, да ги почитуваат човековите и женските права и да не дозволат земјата да стане база за меѓународен тероризам.
Во меѓувреме, САД ќе продолжат да обезбедуваат хуманитарна помош за Авганистан преку ОН и други хуманитарни организации.
Тој рече дека Соединетите држави ќе соработуваат со талибанската влада доколку тоа им служи на американските интереси и ги штити кревките придобивки остварени во текот на дведецениското присуство на САД.
Талибанците бараат меѓународно признавање и ги повикаа странските дипломатски мисии да останат во земјата, вклучително и САД и нивните сојузници. Повеќето земји ги затворија своите амбасади.
Шефот на УНХЦР Филипо Гранди вчера предупреди дека со намалувањето на евакуациите, претстои „далеку поголема хуманитарна криза“ за земјата со 39 милиони луѓе.
Тој го повтори повикот границите да останат отворени и повеќе земји да ја поделат „хуманитарната одговорност“ за прифаќање бегалци со Иран и Пакистан, каде веќе се сместени 2,2 милиони Авганистанци.
„Ни требаат повеќе опции за преселување. Тие се критично важни, не само за спасување животи, туку и како демонстрација на добра волја“, додаде Гранди, чија агенција во минатата недела соопшти дека до 500.000 Авганистанци би можеле да побегнат до крајот на годината.