Група од 149 Авганистанци пристигна пред полноќ на Меѓународниот аеродром Скопје, но во секој момент може да станат 150, оти патничка во авионот е во 39-та недела од бременоста и веднаш по слетувањето беше однесена на преглед со Брза помош. Во авионот имало уште четири трудници. Со друго амбулантно возило беше однесен уште еден патник кој најверојатно колабирал по слетувањето.
„Голема е веројатноста да се породи оти е во 39-та недела од бременоста, но прегледот што го направи докторката не покажуваше знаци на отпочнато породување“, рече раководителката на скопската Итна медицинска помош Милица Бубало.
На сите што слетаа вечерва од Авганистан во Скопје ќе им биде направен лекарски преглед и ПЦР тест, а доколку некој е позитивен на коронавирус оди во двонеделен карантин. Тие што сакаат, а не се вакцинирани, може да добијат и вакцина.
Авганистанците што пристигнаа во Македонија работеле или соработувале со меѓународни организации. Со нив пристигнаа и членови на нивните семејства. Тие преку Грузија пристигнаа во Македонија со авион на авганистанската авиокомпанија Кам Ер.
Македонија е една од земјите кои прифатија авганистанско население кое реши да ја напушти нивната татковина откако на 15 август талибанците ја презедоа власта.
На аеродромот ги пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи, заменик амбасадорот на САД во земјава и советници од Кабинетот на премиерот Зоран Заев.
„Фокусирани сме на достоинствен прием на овие луѓе, на нивна здравствена проверка и заштита и на нивно сместување во хотели. Целиот фокус денеска ни е да ја покажеме солидарноста. Наредните денови ќе се процесуираат нивните конечни дестинации“, рече Османи.
Црвениот крст ќе биде првиот контакт за граѓаните кои стигаат од Авганистан, МВР ќе ги спроведе сите безбедносни проверки, а Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина. По пристигнувањето на Авганистанците им беа поделени пакети со храна и со автобуси беа однесени на здравствени прегледи. Потоа ќе бидат сместени во хотели на периферијата на Скопје, како што беше претходно најавено.
Луѓето кои ноќва пристигнаа во Скопје работеле за меѓународната организација Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на Transparency International, Wold Economic Forum и други меѓународни организации.
На граѓаните од Авганистан, кои имаат статус на лица со привремен престој им се издава виза за привремен престој од 90 дена, а потоа треба да заминат на друга безбедна дестинација или во САД. Трошоците за нивен престој ќе ги покријат САД и меѓународните организации.
Не се знае колку точно граѓани на Авганистан ќе дојдат во Македонија, нивниот број постојано се менува, поради состојбата во Кабул, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Владата претходно најави дека во земјава треба да дојдат вкупно 780 граѓани на Авганистан.
Министерот Спасовски им порача на граѓаните на Македонија да бидат спокојни, оти, како што вели, доаѓањето на луѓе од Авганистан нема да ја наруши безбедноста на земјата.
„И МВР и Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање ги преземаат сите мерки од безбедносен аспект и граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи немаме никаков основ за нарушување на безбедноста во делот на оваа оперативна акција. Од друга страна и Министерството за здравство ги презема сите свои активности и надлежности кои произлегуваат од заштита на здравјето на населението посебно сега во услови на корона вирусот. Ќе се понуди соодветна здравствена нега и вакцинација за тие кои не се вакцинирани“, рече Спасовски за Канал 5.
Македонија не е единствената земја која ќе прими цивилно население од Авганистан. Од Балканските земји луѓе од Авганистан веќе примија и Албанија и Косово.