Достапни линкови

Партиски битки во МВР врз грбот на полицајците


Зградата на Министерството за внатрешни работи
Зградата на Министерството за внатрешни работи

Партиските битки се играат врз грбот на полицајците, велат од Независниот полициски синдикат каде што се евидентирани 87 жалби за проблематични прераспределби на работни позиции.

Додека техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната министерка Славјанка Петрова се обвинуваат меѓусебно за незаконски прераспределби на работни места на полицајците, синдикатите порачуваат партиските битки да ги водат на друго место. Претседателот на Независниот полициски синдикат, кој е еден од двата синдиката, Гоце Делчев Тодев бара политичарите да престанат да си играат со работните места на полицајците. Тој истакна дека преку адвокатите на независниот синдикат 87 полицајци во изминативе два месеца поднеле жалба за деградирање во работното место и бараат да им бидат вратени старите решенија.

Министерот Чулев пак, на вчерашната прес конференција изјави дека вкупниот број на спорни прераспределеби е над 100 од вкупно 1750 решенија од декември па наваму, кои ги разгледала Комисијата во МВР каде што претставник имало и од Независниот синдикат.

Тодев вели дека при секоја смена на функционери редовно се случуваат небулози со работните места на полицајците.

„Мачени полициски службеници, мачени во смисла на тортурата која се врши и од сдсмовците кон вмровците и од вмровците кон сдсмовците, така да мачениците сме ние, вработените“ вели Тодев.


Тодев додава дека треба да се прекине досегашната пракса во која началниците прво минуваат низ партиски филтри во општинските организации или комитети на СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, па потоа се назначуваат за началници во дел од организационите структури на МВР.

Обвинувањата за хаосот во министерството за внатрешни работи од страна на техничкиот министер Наќе Чулев отвора многу прашања за тоа како во изминатиов период функционира полицијата и за тоа колку и како се спроведени реформите кои беа ветени од владејачката СДСМ во 2016 година. Чулев им порача на полицајците дека завршило времето на делење решенија и откази по партиски притисок, но и додаде дека тој ќе промени дел од решенијата на неговиот претходник.

За ваквите тврдења дополнителната министерка Славјанка Петровска преку писмено соопштение посочи дека големиот број на прераспределби на работните места се должи на одвојувањето на УБК од МВР и формирањето на новата Агенција за национална безбедност и дека останатите решенија се во согласност со потребите на службата и систематизацијата.


На 31 декември минатата година тогашниот министер Оливер Спасовски изјави дека е формирана и новата интервентна единица по расформирањето на доскорешната единица Алфи. Таа не одговори на обвинувањата на Чулев за деградација на полицајците на пониски работни позиции туку возврати со ново обвинување, посочувајќи пример на тоа како тој прераспределил началник на неколку позиции надолу.

Во однос на парите, односно четирите милиони евра за кои Чулев на прес конференцијата обвини дека се потрошени во 2018 и 2019 за исплата на штета на полициски службеници кои го тужеле министерството за неисплатени часови, за решенија за распоредување и откази, како виновник го посочи поранешниот министер а сега технички премиер Оливер Спасовски.

„Одговорен за овој хаос е Оливер Спасовски. Илјадници професионалци се деградирани. Институција е заглавена во административни процедури наместо да се бори со криминалот“ изјави Чулев.

Од МВР велат дека тие пари се исплатени за пресуди кои се неодамна донесени а се однесуваат на тужби за неисплатени работни часови во периодот на претходната власт, односно за време на министерувањето на Гордана Јанкуловска.

Тодев пак, вели дека оваа појава на нередовна исплата во изминативе петнаесетина години е редовна практика. Тој вели дека 4-те милиони кои ги спомнува Чулев се шега во однос на 18 милиони евра кои се излеани од буџетската каса од 2006 година па наваму.

„Видете вака, ова е болна тема, не сакам да се расфрлам со милиони ама ако спомнам дека 18 милиони евра се од 2006 година па наваму исплатени ќе им направиме непријатна ситуација на граѓаните во смисла да се запрашаат дали МВР работи она што е основна задача според Уставот и законите или МВР прави нешто со што некој се става во ситуација да прави пари преку МВР“, вели Тодев.

Чулев стана технички министер за внатрешни работи на 3 јануари годинава, согласно пржинскиот договор. Тој на оваа позиција доаѓа од Агенцијата за разузнавање, каде што беше директор за време на претседателот Ѓорге Иванов.

Оваа техничка влада под водство на Оливер Спасовски треба да ги организира изборите договорени за 12 април 2020 година. Во неа покрај министри за полиција и труд и социјала, ВМРО-ДПМНЕ имаат заменици во администрација и информатичко општество, земјоделство и финансии.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG