Достапни линкови

Основањето младински центри утврдено со Правилник, на потег се Општините


Илустрација - Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар
Илустрација - Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар

Според Законот за младинско учество и младински политики, кој беше донесен лани во претходниот парламентарен состав, општините имаат обврска за да отворат младински центри во рок од пет години. Процедурата за отворањето на центрите и задржување на квалитетот се утврди формално неделава, со Правилник.

Чекор понапред кон реализирање на дел од Законот за младинско учество и младински политики со Правилник за стандарди за квалитет на младинските центри, кој го донесоа Агенција за млади и спорт заедно со Сојуз за младинска работа.

„Младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите“, стои во Правилникот.

Целта на центрите е да се обезбеди „соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот во заедницата“, преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности организирани за и од млади.

Законот за младинско учество им налага на општините во рок од пет години од донесувањето на законот, односно од лани, да отворат младински центри.

Да се отвораат центри, но да работат и постоечките

Драган Атанасов, од Сојузот за младинска работа истакна дека младинските центри не се нов концепт, со тоа што во некои македонски општини има здруженија кои со години водат вакви центри. Но, со Законот за младинско учество се понудило системско решение за основање, финансирање и одржување на вакви центри.

„За жал, во моментов многу малку општини навистина овозможуваат услови за функционирање на постоечките младински центри, а уште помалку отвораат нови центри. Со поддршка од Агенција за млади и спорт и во соработка со Сојуз за младинска работа, општините Велес, Кавадарци, Куманово и Битола го пилотираат спроведувањето на законот, но ниту еден од центрите во овие четири општини уште не е отворен“, вели Атанасов.

Според правилникот, центрите ги основаат единиците на локалните самоуправи и им обезбедуваат од 50 до 70 проценти од потребните средства за реализација на програмата на центарот. ЕЛС преку јавен повик избира младинска организација или организација за млади регистрирани кај Агенција за млади и спорт. Избраната организација раководи со центарот од три то пет години. За да се гарантира квалитетот на центрите, во првата година Меѓуресорската група за младинска работа при АМС ја евалуира избраната организација. По евалуацијата или добиваат Етикета за квалитет или ако не работат задоволително, ЕЛС објавува нов повик.

Без мешање на политиката и без политичко влијание

Со критериумите за избирање на организација која ќе раководи со центарот, Атанасов смета дека ќе помогне во немешањето на партиите и политичкото влијание.

„Точно е дека политичкото влијание не може целосно да се исклучи, но спроведувањето на стандардите ќе гарантира минимум квалитет без разлика која организација е избрана од страна на локалната самоуправа. Меѓусекторска група под раководство на Агенција за млади и спорт ќе ги посетува центрите и ќе ја оценува нивната работа, со што ќе се изгради и национален систем за осигурување на квалитетот“, рече Атанасов.

Според правилникот, во младинските центри треба да има дипломиран младински работник, финансиски координатор, административен асистент кои се дел од административниот тим на центарот. Тимот ќе е задолжен за уредување и управување со работата на центарот, и обезбедување на услови за негово непречно функционирање. Во програмскиот тим пак е предвидено да има дипломиран младински работник, социјален работник, психотерапевт, двајца работници со млади и млади волонтери. Тимот ќе е задолжен за истражување на локални потреби, интереси и можности за младите, креирање и спроведување програми за младинска работа.

Може да се случи некои Општини воопшто и да не отворат младински центри

Атанасов смета дека самото донесување на Законот не значи и негова примена, па така вели дека „лесно може да се случи во многу општини воопшто да не бидат отворени младински центри“.

„Ние сепак се надеваме дека институциите ќе покажат дека младите навистина им се приоритет, а младинските организации и организациите за млади посветено ќе се застапуваат за спроведување на законските одредби. Но пред се, се надеваме дека младинските центри ќе бидат поставени на здрава основа, со долгорочен финансиски план, стручен кадар и квалитетни програми за младинска работа. Доколку размислуваме краткорочно, подобро воопшто и да не отвораме младински центри. Сметаме дека 5 години се реален рок за општините да обезбедат соодветен простор и да обезбедат финансии, а младинските форми на организирање да се подготват за водење на центрите“, истакна Атанасов.

За доследна имплементација, повика и младата пратеничка Моника Зајкова од Либерално демократската партија.

„Во минатиот состав беше донесен Закон за младинско учество и младински политики (Закон за млади), но некако тој закон како да не ја доживува во целост својата имплементација. Многу е важно Собранието да се залага не само за носење на Закони и политики кои ги засегаат младите, но и да ја следи нивната имплементација и сите заедно без оглед млади или возрасни пратеници да се залагаме за остварување на младинските политики бидејќи сегашноста, но и иднината на младите не засега сите. Овој парламентарен состав брои повеќе млади пратеници, па еве шанса да покажеме дека сме подготвени да отстапиме од партиските интереси, да лобираме меќу колегите и да се погрижиме за подобро остварување на младинските политики“, изјави Зајкова.

Законот за младинско учество и младински политики беше изгласан на 16 јануари минатата година, со 69 гласа „За“ и еден глас „против“. Законот предвидува и основање на Нацинално собрание на млади, Национално советодавно тело за младински политики и Регистар на форми на младинско организирање.

XS
SM
MD
LG