Достапни линкови

„Новите генерации на Балканот не треба да се затвореници на минатото“


Илустрација
Илустрација

Младите Грци и Македонци, преку вмрежени невладини организации подготвуваат документ со препораки за имплементација на Преспанскиот договор преку младинска соработка. Четворица од младите кои се дел од подготовката на документот, што ќе го достават до министерствата за надворешни работи на двете земји, истакнуваат дека „младите се тие кои ќе изградат мостови за соработка во регионот“.

Младите и младинската соработка ги прават меѓу првите чекори за имплементација на Преспанскиот договор. Конкретно, според договорот, „државите ќе дадат поддршка и ќе ги поттикнат контактите меѓу нивните граѓански општества, како и меѓу нивните институции и локални власти, вклучително и активностите за соработка меѓу младите и студентите, како и нивна размена, а со цел постигнување на подобро разбирање и соработкамеѓу нивните народи“. Од ова се роди идејата за отворање на канцеларии во двете држави за младинска соработка.

Теренот со месеци наназад се подготвува, а последно беше дводневата конференција „Да ги поврземе поврзувачите“, која ја организираа невладините организации „Младински сојуз – Крушево“ и мрежа на организации од двете земји. Учесниците на конференцијата ги финализираат документите со препораки за политики и активности за младинска соработка кои ќе ги достават до министерствата за надворешни работи на двете земји. Меѓу нив се Весна Цветковска, секретар на здружение за мултикултурна интеграција „Инклузија“, Андреј Стојкоски, волонтер во Младински Сојуз – Крушево, Никос Бакирцис, кој дипломирал на балкански и словенски студии и Егли Сакелари, членка на иницијативата „Соработка за заедничка иднина“.

Весна Цветковска, секретар на здружение за мултикултурна интеграција „Инклузија“
Весна Цветковска, секретар на здружение за мултикултурна интеграција „Инклузија“

Од четворицата, двајца велат дека имаат пријателства и контакти, но двајца се надеваат дека со оваа соработка ќе остварат пријателства.

„За моја огромна жал, во мојот досегашен приватен и професионален живот не сум имала можност да остварам пријателски контакти со млади луѓе од Република Грција. Тоа, првенствено се должи на мојата финансиска немоќ во минатото, како и поради политичките услови во двете земји кои не оптоваруваа со децении наназад“, вели Цветановска.

Како неа, и Сакелари вели дека досега немала пријателства со Македонци, но се надева дека идната соработка меѓу младите ќе го промени тоа.

Андреј Стојкоски, волонтер во Младински Сојуз – Крушево
Андреј Стојкоски, волонтер во Младински Сојуз – Крушево

„На мое огромно задоволство, на ова прашање ќе одговарам со потврден одговор. Благодарение на Младински Сојуз Крушево, до сега сум имал доста можности за учество на интернационални мобилности каде сум запознал доста млади луѓе од Грција. Со повеќето од нив за време на мобилностите станавме добри пријатели, па и сега кога се завршени и по две години, сè уште сме во контакт“, вели Стојкоски.

Тој забележува дека сите млади кои ги запознал од Грција се отворени кон различни размислувања и „не живеат со предрасудите кои ни се ставаат како печат на нас младите од двете земји“. Преку работилници, настани и истражувања, и Бакирцис запознал Македонци, и со дел од нив останал во контакт и оформил пријателство.

Никос Бакирцис, млад учесник на конференцијата „Да ги поврземе поврзувачите“
Никос Бакирцис, млад учесник на конференцијата „Да ги поврземе поврзувачите“

„Ова можеби ќе звучи како клише, но јас искрено верувам дека најпозитивната карактеристика на младите кои јас сум ги запознал е дека тие се весели и позитивни луѓе и работите кои не поврзуваат се повеќе од оние кои не делат. Имаме исти интереси, ни се допаѓаат многу слични работи и ги делиме истите стравови за нашата иднина во нашите држави, но исто така и во пошироката смисла на Балкан и нашето европско соседство. Ние сме генерацијата која може здружено да оди напред, да дели иднина и плодна соработка во Европската Унија без националистички чувства и разделувачка реторика и политика која со децении нè двои. Новите генерации на Балкан не треба да се затвореници на минатото. Треба да учиме од нашите грешки, за да можеме заедно да просперираме и да не ги повторуваме истите грешки кои не носат во слепа улица повторно и повторно“, истакна Бакирцис.

Документот кој го подготвуваат за надлежните од двете земји има неколку области и тоа „Младинска соработка“, „Акции на граѓанското општество“, „Образовни можности“ и „Градење на културна соработка“. За Стојкоски и Бакирцис сите области се подеднавко прироритетни.

„Мислам дека секој поединец треба да одбере област во која најмногу ќе придонесе и ќе насочи својата енергија, време и ресурси, а истовремено ќе ги вклучи и надлежните за таа област за да се постигне најдобриот резултат“, вели Бакирцис.

За Цветановска прироритет се младинските политики за да се надминат бариерите, оти како што вели таа, „само отворен ум и отворено срце може да го движат рагионот напред“.

Егли Сакелари, член на иницијативата „Соработка за заедничка иднина“
Егли Сакелари, член на иницијативата „Соработка за заедничка иднина“

„Мислам дека треба да дадеме приоритет на младинска соработка преку академско вклучување, затоа што за да постигнеме стабилност во соработката, треба да привлечеме млади кои веќе имаат интерес да се вклучат, но немале можност да учествуват или не биле свесни за оваа инцијатива. Заедно со академското општество добиваме пристап до многумина кои сакат да се дел од оваа соработка и кои сакаат да дадат политички придонес за двете страни“, вели Сакелари.

Според Сакелари, младинската соработка е императив за имплементација за Преспанскиот договор со што ќе се дојде до стабилна размена во регионот.

„Младинските пријателства, мора да се вратат на старите патеки, на оние почетни линии кога нашите родители не признавале никаква граница и оделе во Лерин на кафе. Ние тоа го можеме, уште подобро“, вели Цветановска.

Стојкоски пак, кој ја истакнува идеологијата дека младите се движечка сила во општеството, смета дека кога младите ќе ги преминат сите предрасуди ќе се гради светла иднина меѓу двете земји.

„Младите се иднината на двете држави. Преку споделување на вредности за заедничка егзистенција, толеранција и почит кон човековите права, разновидност и вклученост, младите ќе создадат плоден почеток за идна соработка и напредок на двете држави без поделбите од минатото. Јас верувам во пристапот „од доле нагоре“, односно ако граѓаните особено младите на двете држави имаат заемна почит и доверба, тие ќе можат да создадат безбедна и остварлива околина во која двете општества ќе просперираат“, истакна Бакирцис.

Четворицата се согласуваат дека младите се тие кои ќе изградат мостови за соработка во регионот. Ова според нив се должи на тоа фактот што младите ги делат карактеристиките граѓанска мобилизација и волја за промена.

XS
SM
MD
LG