„Огнената група“ во Демократската унија за интеграција (ДУИ) сака Али Ахмети да биде претседател на сите во партијата, а не да фати страна. Впечатокот на членството е дека Артан Груби функционира како клан, и Ахмет е како заштитник на тој клан, вели потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити, кој е предводник на таканаречената Огнена група која бара реформи во партијата која 20 години е на власт.
Меџити за Радио Слободна Европа, вели дека не личи на „татко на партијата“ да фаќа страна, туку треба да се врати на старо, кога и покрај поделбите во размислувањата, тој бил оној што на крај ги седнувал и пресекувал.
Груби, кој е прв вицепремиер и за кого се добива впечаток дека е десна рака на лидерот Ахмети, според Меџити е првиот од кого се незадоволни како Огнена група, но не и единствениот.
„Владиниот состав на ДУИ, со некој исклучок ниту испадна на терен да собира гласови во 2020, ниту имаат поминато да земат мандат од народот, исто така овој владин состав не е поминат на централно собрание во Демократската унија за интеграција, значи немаат мандат од граѓаните, немаат мандат од партијата. Ние за атар на Али Ахмети, нашиот претседател преќутевме овие две години“, вели Меџити во интервју за Радио Слободна Европа, кое ќе се емитува в недела.
„Огнената група“ составена од сегашни и поранешни функционери на ДУИ, на крајот на септември 2022 побара од лидерот на ДУИ политичка дебата во партијата и формирање на партиски тела. Тие обвинија дека кадровските решенија биле привилегија само на Груби. Но и покрај средбите со лидерот на партијата и обидите да се решат работите, Меџити вели дека партиски тела се уште не се формирани и дека се уште нема отчет на министрите од ДУИ.
Груби досега јавно не одговори на прозивките од Меџити. Откако Меџити минатата недела на средба со партискиот огранок во Студеничани го повика лидерот Али Ахмети да „не го пали јорганот поради неколку болви“, Груби на социјалните мрежи објави видео снимка од Ахмети како пее албанска народна песна, што дел од порталите на албански јазик веднаш го протолкуваа ова видео како одговор на „огнените“.
Меџити го обвини Груби дека го злоупотребува Ахмети, но лидерот на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања по средбата на албанските лидери од Македонија со премиерот на Албанија Еди Рама во Тирана рече: „Доброто е што никогаш ме немате видено да плачам, туку само да пеам и во униформа“, одговори Ахмети.
На терен и „огнените“ и другите од ДУИ
Изминатата недела Огнената група во ДУИ ги интензивираше средбите со граѓаните на терен, тоа викендов ќе го прават и останатите од партијата од другиот табор. Меџити вели дека излегувањето на терен е со цел да ги поправат работите, пред тоа да го направи народот, зошто, како што вели, после ќе биде доцна.
„Не знам од кои причини тие излегуваат на терен, но добро е што излегуваат, за да се сретнат со граѓаните и нека го слушнат народот, бидејќи ќе пресече кој е во право – ние или тие“, вели Меџити.
Од останатиот дел на ДУИ, пак, велат дека средбите со граѓаните се дел од редовни активности.
Огнената група од ДУИ има тројца пратеници во Собранието. Тоа пак е исправено пред предизвикот да донесе уставни измени за да продолжи интеграцијата во Европската унија, за што се потребни се 81 пратеници, а владејачката коалиција нема толку. Токму уставните измени биле дел од темите за кои лидерите на партиите од албанскиот блок на 10 јануари во Тирана разговараа со албанскиот премиер Еди Рама. Македонија и Албанија лани истовремено ги почнаа преговорите за влез во Европската Унија, ама за Македонија тие се условени со уставните измени.
На средбата со Рама, иако поканети единствено не учествуваа од Беса. Друштво на Ахмети во Тирана му правеше Груби, другите партиски лидери беа сами.
Партиите на Албанците во Македонија од самиот почеток најавија дека се за уставните измени, но нивните гласови заедно со оние на владејачката коалиција сепак не се доволни за да се постигне двотретинското мнозинство.
Аналитичарот Петар Арсовски, средбата во Тирана пак ја гледа како обид за зачувување на парламентарното мнозинство кое може да биде загрозено од поделбите во ДУИ, па укажува дека Рама може да му направи услуга на Ахмети.
„ДУИ доколку не се обидат да ги спојат албанските партии со себе, најверојатно другите партии ќе се спојат против нив, и тоа е обидот на политичката агенда која се одвива во Тирана“, смета Арсовски.
Анкетите покажуваат декаДУИ, и покрај критиките, има стабилен рејтинг и е водечка партија кај Албанците. Во последните три анкети на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), од март 2021, ноември 2021 и декември 2022, ДУИ има непроменет рејтинг од 7 проценти, и е трета партија по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.