Протоколарна средба која не треба да предизвика турбуленции на нашата политичка сцена, но од која политичарите ќе се обидат соберат по некој поен, вака аналитичарот Сефер Селими ја оценува синоќешната средба во Тирана на лидерите на македонските партии на Албанците со албанскиот премиер Еди Рама.
Со пораки за заедничка европска иднина, во пријателска атмосфера и „братски дух“ додека се наздравуваше со црвено вино, помина средбата во Тирана. Поканата за неа стигна од албанскиот премиер, а во Тирана сите лидери на албанските партии без Билал Касами, од Движењето БЕСА.
Средбата се случува во време на турбуленции во најголемата партија ДУИ, со барања за предвремени избори од опозицијата и период во кој треба да следат уставни измени со внесување на Бугарите во Преамбулата. Македонија и Албанија лани истовремено ги почнаа преговорите за влез во Европската Унија, ама за Македонија тие се условени со уставните измени за кои во парламентот е потребно двотретинско мнозинство.
Партиите на Албанците во Македонија од самиот почеток најавија дека се за уставните измени, но нивните гласови заедно со оние на владејачката коалиција сепак не се доволни за да се постигне двотретинското мнозинство. Па така, и на средбата со Рама се зборувало за уставните измени, при што уште еднаш била потврдена заложбата на лидерите на сите овие партии тие да се спроведат.
Оттука, според Селими, средбата не треба да се гледа како „кроење некаков план зад сцена“, туку само како дополнителна можност за дискусија за евроинтегративните процеси. Сепак. Додава тој, очекувано е дека партиите, па дури и премиерот Рама, ќе се обидат да поентираат од ваквите настани.
„Овие средби не се случуваат во вакуум, овие средби си носат и можности за партиски поентирања. Сите страни кои беа на оваа средба се обидуваат партиски да ќарат некој поен. И Касами го виде ова како можност да се наметне како некој важен фактор за кој ќе се зборува, ќе стане тема и дел од целокупната дискусија. Дури и самиот премиер на Албанија, Рама ќе се обиде да ја наметне оваа средба како негова победа, како наметнување на неговата личност како регионален лидер, кој се обидува да го носи регионот кон Западна Европа“, вели Селими.
„Братска средба“ со фокус на евроинтеграциите
Албанскиот премиер објави само фотографија од средбата со куса порака „„На здравје! Добра година за Албанците каде и да се“. Лидерите од Македонија пак имаа подолги изјави по синоќешната средба.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети оцени дека вечерата била минала во братски, а разговорите - во позитивен дух. Тој рече дека иднината на двете земји е во ЕУ и заеднички се предизвиците, па затоа смета дека е потребна и заедничка координација. Оттука посочи дека е многу важно е да се направат уставните измени, оценувајќи дека тие не се на штета на македонскиот народ. Се осврна и на иселувањето на младите.
„Без Албанците нема Македонија“, истакна Ахмети.
Со сличен одговор по средбата излезе и Лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, чија партија се уште е во опозиција, но се водат преговори за нивно приклучување кон власта. Тој потврди дека „меѓу другото“ било разговарано и за уставните измени.
„Познато е дека нема ниту еден лидер на албанска политичка партија во Македонија кој не ги поддржува уставните измени, со единствена цел во ноември да почнат реалните преговори со ЕУ“, потсети Таравари.
Според него, ја анализирале и општата состојба во Северна Македонија, Албанија и регионот, руската инвазија врз Украина, економската ситуација и заедничката иднина на Скопје и Тирана во правец на ЕУ, со став „како земји членки на НАТО заедно да го продолжат патот до ЕУ”.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи исто така повтори дека фокусот на како што рече „братската средба“ бил на евроинтеграциите.
Присутните лидери главно не сакаа да го коментираат отсуството на Касами, од чија партија ја одбија поканата бидејќи сметаа дека е во полза на ДУИ, и се случува во време кога има турбуленции во оваа партија, која е инаку на власт во земјава скоро две децении.
Сепак, пред средбата Ахмети порача дека е смешно тврдењето на БЕСА дека ДУИ се обидува да се спаси преку Рама, на што стигна експресна реакција од Касами преку Фејсбук.
„Да, оваа БЕСА, со оваа политичка сила ве победи двапати по ред во главниот град на Албанците во Македонија- Тетово. Овој пат никој не може да ве спаси од пораз на следните избори, кога и да се одржат“, им порача Касами.
Опозицијата обвинува за штетна агенда, Ковачевски гледа пријател во Рама
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ утрово реагираа дека средбата во Тирана е обид за спас на актуелната влада, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
„Целосниот молк од страна на СДС за средбата во Тирана, е само уште еден доказ дека оваа средба е по барање на Ковачевски за спас на неговата кариера. Оваа средба е токму на барање на Димитар Ковачевски за да добијат помош за продолжување на мандатот, а за возврат да се реализираат други агенди на штета на Македонија“, се вели во денешната рекција на најголемата опозициска партија.
Ковачевски пак попладнево изјави дека Рама е наш докажан пријател, кој се залага за НАТО и ЕУ, па секоја средба со него смета дека е добредојдена.
„Сметам дека пораките коишто беа испратени по состанокот на лидерите кои присуствуваат во Тирана, се во таа насока, непречено одвивање на европските интеграции на Северна Македонија и непречено одвивање на европските интеграции на Република Албанија“, рече Ковачевски.
Средба во полза на ДУИ
Аналитичарот Петар Арсовски, средбата во Тирана пак повеќе ја гледа како обид за зачувување на парламентарното мнозинство кое може да биде загрозено од поделбите во ДУИ, па укажува дека Рама може да му направи услуга на Ахмети.
„Мислам дека тука има и регионални елементи, некаква заедничка албанска платформа за претстојните преговори меѓу Приштина и Белград, некаква услуга на Еди Рама кон Ахмети... Бидејќи во основа има еден геостратешки пристап, а тоа е притисок за забрзани евроинтеграциите од меѓународната заедница, и има еден политички пристап, а тоа е сознанието на ДУИ дека доколку не се обидат да ги спојат албанските партии со себе, најверојатно другите партии ќе се спојат против нив, и тоа е обидот на политичката агенда која се одвива во Тирана“, смета Арсовски.
Инаку средба од сличен формат со Али Ахмети, Зијадин Села и Биљал Касами, албанскиот премиер организираше во декември, 2016 година во Тирана, од која произлезе заедничката Декларација на албанските политички партии за зачувување на интересите на Албанците. Таа меѓу другото предвидуваше „целосна јазична еднаквост“, вклучувајќи го статусот на албанскиот јазик во Уставот, еднаков регионален развој, дебата државните симболи за да „ја рефлектираат социјалната мултиетничност и еднаквост“.
Лидерите потписници на Декларацијата се заложија и дека ќе ја продолжат работата за да ги остварат овие обврски, но нивната последната средба се одржа во јули, 2017 година. По неа, Ахмети, свика уште една средба, но таа беше бојкотирана од другите лидери поради неговата јавна изјава дека „не седнува со никаквеци“. Касами лани во ноември имаше уште еден обид да ги седне заедно лидерите на албанските партии за да разговараат за измени на Амандманот 5 во Уставот со кој би се сменила формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, но неговиот обид заврши безуспешно.