Достапни линкови

Пратеничките прашања се претворија во отчет на премиерот


Архивска фотографија - Собраниска сала.
Архивска фотографија - Собраниска сала.

Речиси два часа од седницата за пратенички прашања, премиерот и министрите до детали ги дообјаснуваа прашањата што им ги одговориле на своите пратеници, од власта. За нив не штедеа зборови, додека на одговорите на прашањата од опозицијата, им посветуваат по некој збор. 

Случајот со државјанството на Укрианецот Олександр Онишченко, кој е на црната листа на САД и пари што ги добивал кумот на премиерот од сегашната власт, беа во фокусот на последните пратенички прашања на опозицијата за оваа година.

Речиси два часа од седницата беа резервирани за одговарање на писмените прашања поставени на минатата седница. Пратениците од опозицијата не беа задоволни од одговорите од институциите, тие, пак, од власта иако задоволни од одговореното, сепак го искористија правото да постават уште по некое прашања. Тоа, пак, беше можност премиерот и министрите, детално, да информираат за што и како сработеле и што имаат на ум да прават следната година.

Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ беше посветен на безбедноста. Тој го праша премиерот дали ќе го разреши новиот шеф на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски, оти постоело документ дека тој е директно одговорен што контроверзниот Украинец Олександр Онишченко доби македонско државјанство.

ВМРО-ДПМНЕ неколку денови соопштува дека новиот директор на АНБ е дел од шемата за давањето на државјанство на Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД. Тој прво доби македонско државјанство, а откако за тоа дозна пошироката јавност Владата му до одзеде.

Премиерот Димитар Ковачевски до кого беше упатено прашањето, пак, го повтори тоа што и до сега го кажуваше дека новиот директор на АНБ е професионалец, кој се дообучувал во странство.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, потоа заклучи дека со тоа премиерот го брани Милошевски.

„Токму затоа премиерот не дозволи да заврши постапката, односно истрагата за утврдување на одговорност и брзаше да назначи нов директор, кој требаше да ја забошоти целата истрага. Кој сега од позиција на прв човек би се истражувал себе си“, рече Ковачки.

Во Собранието на Комисијата за надзор на работата на АНБ во изминатиот период се дискутираше за тоа кои пропусти биле направени во Агенцијата за случајот Онишченко. Но јавноста не е запознаена до детали, оти се работело за државна тајна.

Ковачки до Ковачевски - Вие сте најобичен слуга на ДУИ

Ковачки праша и дали ќе биде разрешен заменик министерот за внатрешни работи, откако албанскиот медиум „Ора њуз“ објави дека престојувал во хотел во Турција, за што биле платени 20 илјади евра за едно ноќевање, но функционерот не знаел кој му ја платил сметката. Пратеникот Ковачки беше заинтересиран дали со тоа не е компромитиран заменик министерот и дали премиерот размислува да го разреши.

„Немало функционер на кого му е платено од државна сметка патување во странство за кое што се известуваше“, рече премиерот Ковачевски.

На тоа пратеникот Ковачки, рече дека тоа е бегање од одговорност.

„Од одговорот покажувате дека се уценет човек и дека цело време сте под притисок на ДУИ. Вие сте еден најобичен слуга на ДУИ“, вели Ковачки.
Тој додава дека заменик министерот Назим Буши, кој е кадар на ДУИ, коалициониот партнер во Владата, не знае кој му ја платил сметката, па прашање е како утре ќе се бори против корупција.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се интересираа и за уште една тема за која подолго време веќе зборуваат на прес-конференции, а е поврзана со кумот на актуелниот премиер. Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата на кумот на премиерот Ковачевски, добила 200 илјади евра државна помош. Еден од основачите на фирмата е и самиот премиер, но тој се повлекол од сопствеништвото кога станал функционер.

Вицепремеирката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, се повика на мислењето на Антикорпциската комисија дека нема конфликт на интереси и дека нема ништо незаконско.

Во Комисијата за образование најмногу заостанати закони

Пред седницата посветена на пратенички прашања, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба со новинарите рече дека Парламентот работел 88 денови, дека се одржани 50 седници и дека најмногу заостанати закони има на Комисијата за образование.

Џафери оценувајќи ја работата на Парламентот во 2022 година рече дека активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ довела до нов начин на работата на Парламентот, и дека за исходот од тоа ќе ценат граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ во мај годинава почна со блокада на Собранието откако не им беше прифатено барањето на предвремени парламентарни избори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не ги блокираа само законите со кои се добиваат повисоки плати или некаква помош за граѓаните.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG