Достапни линкови

Кој од министрите што поседува


На страницата на ДКСК нема податоци за имотот на вицепремиерот за борба против корупцијата Николовски. Груби сè што навел е на негово име, Бесими е најимотен од новите министри, Бочварски на свое име има автомобил, Шахпаска има наследен имот, но не наведува вредност. Министрите имаат и кредити.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски, неговиот колега за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за култура Ирена Стефоска, се дел од новите членови на Владата за кои нема податоци дали доставиле анкетен лист до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). На веб страницата на ДКСК нема податоци за тоа што поседуваат тие од имот. Министрите имаат рок од 30 дена од стапување на функција да поднесат анкетни листови за имотот што го поседуваат. Новиот владин состав беше избран на 30 август годинава.

Поголемиот дел од министрите и досега беа дел од владата, па со тоа нивните податоци беа објавени, но од новоназначените министри дел се уште не си ја исполните обврската. Првиот вицепремиер Артан Груби сè што навел во анкетниот лист му е на лично име, дел од новите министри на свое име имаат само автомобил, а на поголемиот дел од нив имотот им е на име на родителите. Новите министри имаат и кредити.

Груби сè што навел во анкетниот лист му е на лично име

Имотот на првиот вицепремиер Артан Груби се проценува на околу 141 илјади евра. Во анкетниот лист навел дека поседува стан во 115 метри квадратни во Скопје во вредност од 100 илјади евра. Тој на свое име има еден понов автомобил и еден постар. Постариот модел на Цитроен Ксара во вредност од 1000 евра, а поновиот автомобил од марката Ауди е во вредност од 10 илјади евра, стои во доставените податоци до Државната комисија за спречување на корупција. Груби на свое име има и банкарски депозити во вредност од околу 14 илјади евра. На девизната навел дека нема средства, на денарската платежна картичка пишува дека има 140 илјади денари или околу 2300 евра. Речиси толку (138 илјади денари) има депозит во Стопанска банка и 156.900 денари или околу 2600 депозит во Комерцијална банка. На трансакциска сметка во Стопанска има 422.873 денари или околу 7000 евра. Во анкетниот лист е наведено и дека има легализација на надградба на објект во вредност во еден милион денари, или околу 16 илјади евра.

Љупчо Николовски е вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси. За него сега не можат да се најдат податоци на ДКСК. Претходно ја извршуваше функцијата министер за земјоделство. Од претходно доставените податоци тој поседуваше стан од 33 метри квадратни во Крива Паланка и автомобил Рено Клио. Останатиот имот е на родителите и автомобил на брат му.


Вицепремиерот Фатмир Битиќи задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции исто така нема податоци до ДКСК за имотната состојба.

Маричиќ - Колку имот, толку кредити

Министерот за правда Бојан Маричиќ од личен имот има постар модел на возило – Цитроен Ц4, вредно 3000 евра. Од заеднички имот има стан во Скопје од 65 метри квадратни во вредност од 60 илјади евра, а има и два кредита, едниот од околу 3000 евра треба да го исплати годинава, а тој од 50 илјади евра треба да го врати до 2047 година. На имот на деца има два девизни депозити од по 1100 евра во инвестициски фонд, а исто така на имот на деца има и денарски депозит во вредност од 15 илјади денари.

Шахпаска наследила имот на кој не е наведена вредноста

Министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска има наследен имот во Битола и имот од мажот во Берово и Скопје. За имотот на лично име не е наведена вредност, само за имотот од брачниот партнер има дека вреди 95.800 евра. Во Анкетниот лист министерката навела дека од личен имот во Битола поседува два стана од по 81 метар квадратен, две помошни простории од 17 и 73 метри квадратни, поседува уште еден помошен објект од речиси 18 метри квадратни и земјиште под објект од 111 метри квадратни. Министерката поседува и двор од 212 метри и гаража од 17 метри квадратни. За ниту еден од нив не е наведено колкава му е вредноста. Сите тие се стекнати со наследство во 2016. Како личен имот е наведено дека има автомобил Голф од 2009, стекнат со договор за купопродажба, но и за него нема наведено вредност.

На има на брачен другар има Стан во Скопје од 2013, од 62 метри квадратни, во вредност од 58 илјади евра, стекнат со купопродажба. Останатиот имот на име на брачен другар е стекнат како подарок. Станува збор за куќа во Берово од 160 квадратни метри во вредност од 35 илјади евра. На има на брачен другар има земјоделско земјиште во Берово и Скопје, но не е наведена вредноста , има и гаража во Берово од 17m2, во вредност од 2800 евра. На име на брачен друга има и кредит во вредност од околу 19 илјади евра, што треба да се врати до 2027.

Бесими тежи повеќе од 480 илјади евра

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на лично име и на име на брачен другар поседува имот, автомобили и депозити во вредност од околу 480 илјади евра. Тој наведува и имот од родителите. Бесими, кој во минатото беше на неколку министерски функции, а беше и вицепремиер на лично име во анкетниот лист навел дека поседува денарски депозит во две банки- Стопанска и Шпаркасе во вкупен износ од околу 27 илјади евра. На свое име ја навел и фирмата ECONNOVIA, Друштво за консалтинг и истражување, каде бил директор од април до август годинава. Вредноста на фирмата е 6000 евра. Како заеднички имот има куќа во Скопје од 410 метри квадратни во вредност од 280 илјади евра и стан од 108 квадрат исто така во Скопје во вредност од 93 илјади евра. На име на брачен другар се наведени автомобил Џип Компас од 2018 во вредност од 36 илјади евра. А на име на сопругата има и рента од 3500 евра месечно и девизен депозит во вредност од околу 35 илјади евра.

Во анкетниот лист на министерот е наведен и имотот на родителите и тоа – станбен објект во Тетово од 404 метри квадратни, куќа исто така во Тетово од 160 метри квадратни, потоа градежни и земјоделско земјиште во село Боговиње. Имотот на родителите се проценува на околу 385 илјади евра.

Хоџа на свое име не поседува недвижен имот

Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа на лично име поседува автомобил и кредит, но не и недвижен имот. Има Пасат од 2015, кој чини околу 15 илјади евра. Министерот има кредит од околу 12 илјади евра, со рок на враќање до 2025. На има на брачен другар исто така има долг од 18 илјади евра, земен минатата година со рок на отплата од 10 години, а и на има на родители кредит од 53 илјади евра. Останатиот имот е на име на родителите и се проценува на околу 300 илјади евра. Во анкетниот лист се наведени стан и гаража во Скопје и стан во Струга, потоа автомобил мерцедес од 2003, и куќа со земјоделско земјиште и магацински простор во село Крани во Ресен. Имотот во Крани е стекнат со наследство. Се наведуваат и хартии од вредност, за кои нема друг податок.

Во неговата биографија е наведено дека од 2009 година е основач и управител на приватна компанија од областа на производството и трговијата. Тој управителското место во фирмата за производство на риба и го препуштил на сопругата.

Министерката за култура Ирена Стефоска не доставила анкетен лист до ДКСК.

Шаќири има три возила и три кредити

Министерот за информатичко општество Јетон Шаќири на свое име нема недвижен имот, има три возила, три кредити и по основ на побарување за извршена работа има 4700 евра. Тој има Цитроен од 6000 евра, Ауди од 11 илјади евра и Форд од 2000 евра. Вкупно за трите кредити должи околу 7800 евра. На име на брачен друга има стан од 81 метар квардатен во Скопје, во вредност од 49 илјади евра и накит вреден 5000 евра. Останатиот имот е на име на родители. Во анкетниот лист се наведени на име на родители – куќа, две земјишта и деловен простор во Струга, автомобил Голф и земјиште во село Франгово, струшко. Имото се проценува на околу 352 илјади евра.

Бочварски на свое име има БМВ

Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, кој претходно беше градоначалник во Штип, на свое име автомобил БМВ од 20 илјади евра, на девизна книшка има 797 евра, и платежна картичка на која има околу 5000 евра во денарска противредност. Останатиот имот е на име на родителите. Тие имаа делови од куќи во Штип, земјиште во Пробиштип, стан од 49 квадрати во Скопје, две моторни возила, хартии од вредност, а се наведени и девиденди и банкарски депозити. Имотот им се проценува на околу 222 илјади евра.

Од старо-новите министри еден од поимотните е министерот за животна средина Насер Нуредини. Потоа следи Мила Царовска, која сега е министерка за образование. Таа во анкетниот лист го навела личниот имот, тој на родителите и имотот на братот. Нуредини има стан во Австрија, Царовска пријавила имот на родители во Канада. Вицепремиерот Никола Димитров меѓудругото има стан во Холандија. Премиерот Зоран Заев нема имот на лично име, освен заем од 2012 во вредност од околу 71 илјада евра. Тој има имот на име на родители, на брачен другар и на деца.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG