Британската премиерка Тереза Меј денеска најави дека ќе се повлече од функцијата на 7 јуни, по повиците од нејзината владејачка Конзервативна партија да направи пат за избор на нов лидер кој ќе оствари напредок во плановите за Брегзит.
„Сега ми е јасно дека е во најдобар интерес на нашата земја, нов премиер да ги води тие напори. Затоа денеска соопштувам дека ќе понесам оставка како лидер на Конзервативната партија во петок на 7 јуни“, рече Меј.
Трудејќи се да ги задржи солзите, таа порача дека и било најголема чест да ја извршува функцијата.
"Јас го правам тоа без болна волја, но со огромна и трајна благодарност што имав можност да ја служам земјата што ја сакам", истакна Меј.
Таа истакна и дека нејзиниот наследник мора да постигне компромис во Парламентот за усвојување на планот за Брегзит и да го испочитува резултатот од референдумот во 2016 година.
„Тоа е и секогаш ќе остане прашање за кое длабоко жалам, што не бев во можност да го испорачам Брегзит“, додаде таа.
Меј не успеа да постигне договор со опозицијата за да добие поддршка во Парламентот за нејзиниот план за напуштање на Британија на ЕУ. Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ја поздрави одлуката на Меј и порача дека наредниот лидер на Конзервативната партија ќе треба да распише избори, бидејќи народот треба да донесе одлука за иднината на земјата.
„Таа сега го прифати она што земјата го знаеше со месеци. Таа не може да владее, а не може ни нејзината поделена партија“, порача Корбин.
Меј истакна и дека ќе остане на функцијата се додека не биде избран нов лидер на нејзината партија. Борис Џонсон кој беше лицето на кампањата за Брегзит има најголеми шанси да ја наследи Меј. Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 октомври, но најпрвин Парламентот треба да ги утврди условите.