Достапни линкови

Засилен притисокот против Брегзит без договор


Тројца британски министри денеска се заканија дека ќе поднесат оставка ако премиерката Тереза Меј не вети дека ако нема Договор, таа ќе го одложи излегувањето од ЕУ, најавено за 29 март.

Британската премиерка Тереза Меј денеска официјално ќе предложи отфрлање на излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, во обид да избегне бунт од пратениците, кои се закануваат дека ќе ја преземат контролата врз процесот за излегување од Унијата, објавија британските весници Сан и Дејли мејл.

Откако британскиот парламент гласаше со 432 наспроти 202 против Договорот за Брегзит, Меј се обиде да ја искористи заканата од потенцијален Брегзит без договор за да добие отстапки од ЕУ.

Британски пратеници, загрижени дека Меј ризикува да ја втурне петтата по големи економија во светот во економска криза, се заканија дека ќе ја преземат контролата врз процесот на излегување од ЕУ со серија гласања во парламентот.

Меј денеска на нејзините министри ќе им предложи отфрлање на можноста за Брегзит без договор, отворајќи ја вратата за одложување на излегување од ЕУ, кое е предвидено за 29 март, објави Сан. Засега нема коментар од нејзиниот портпарол.

Ројтерс вчера објави дека владата на Меј разгледува различни опции, меѓу кои и одложување на Брегзит.

Во меѓувреме, тројца членови на британската влада денеска се заканија дека ќе поднесат оставка ако премиерката Тереза Меј не се обврзе дека земјата нема да излезе од Европската унија без договор.

Министерот за индустрија Ричард Харингтон, министерката за дигитални и креативни индустрии Марго Џејмс и државната министерка за енергија и чист развој Клер Пери „ја молат“ премиерката да се обврзе дека ќе го продолжи рокот за излегување од Велика Британија од ЕУ, доколку парламентот на време не го усвои договорот, за да се избегне хаотичен излез од Унијата без договор.

„Големо мнозинство од пратениците, фирмите и нивните вработени со олеснување би го прифатило преземањето таква обврска“, напишаа тројцата министри кои се за останување на Британија во ЕУ, во таблоидот Дејли мејл.

Ако премиерката не даде такво ветување оваа недела, тие се закануваат дека ќе поднесат оставка за да „спречат катастрофа“.

Според весникот, уште 15 членови на владата се подготвени да поднесат оставка за да спречат Брегзит без договор.

„Како што се приближува Денот Д, мислиме дека нашата задача е да направиме нешто за да помогнеме да се спречи таква катастрофа“, изјави Марго Џејмс за Би би си.

Тројцата министри исто така минатиот викенд побараа да се одложи датумот за излегување на Велија Британија од ЕУ, сметајќи дека британските пратеници нема да можат на време да го усвојат договорот за излегување. Земјата треба да ја напушти Унијата на 29 март.

Тереза Меј го одложи новото гласање за договорот во британскиот парламент најдоцна до 12 март за да добие повеќе време да се обиде со останатите членки на ЕУ да постигне договор за измена на постигнатиот договор за да се осигура дека британските пратеници ќе го изгласаат.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера изјави дека разговарал со Тереза Меј за правниот и процедурален контекст за можното продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од Унијата и оцени дека одложувањето на излегување би било „рационално решение“. Меј, пак, мисли дека може да го избегне тоа сценарио.

Лабуристичката партија, главната британска опозициска партија, соопшти дека е спремна да поддржи амандман со кој би се организирал втор референдум за излегувањето на земјата од ЕУ, за да се избегне „деструктивен“ Брегзит на конзервативците, со што се зголемува притисокот врз Меј.

Германско бизнис лоби до британските политичари – Престанете да се двоумите за Брегзит

Во меѓувреме, и главното германско бизнис лоби ги повика британските политичари да престанат да се двоумат околу Брегзит, наведувајќи дека би било „апсурдно“ Велика Британија да излезе од ЕУ без договор.

Директорот на Федерацијата на германската индустрија, Јоаким Ланг, денеска рече дека британските политичари веќе не треба да ја одложуваат својата одлука.

„Ако британската влада не најде мнозинство во долниот дом во март, време е да се запре процесот на излегување [од Унијата]“, рече Ланг.

Брегзит без договор би ѝ нанел штета на германската економија, рече Ланг, но ја повика германската влада и ЕУ да се држат до своите принципи.

XS
SM
MD
LG