Достапни линкови

Маринов – Апсурдно е да се разговара за Средниот век низ призмата на модерните нации


Маринов – Прашањето чиј е Гоце Делчев секогаш ќе биде предмет на дебата
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:02 0:00

Маринов – Прашањето чиј е Гоце Делчев секогаш ќе биде предмет на дебата

Скоро истите прашања сè уште се дебатираат на едно високо, дури и политичко ниво. За мене тоа е навистина, на некаков начин, апсурдно, но ќе видиме по 30 години дали некој ќе се смее на сето тоа, вели бугарскиот историчар Чавдар Маринов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Иако не е дел од мешовитата експертска комисија за историја, со историчарот Чавдар Маринов разговараме во време кога во двете земји се разгорува дебатата за тоа чиј е Гоце Делчев, а од бугарска страна дури стигнаа закани дека ако не се постигне договор за заедничко чествување, Софија може да ја напушти работата на комисијата.

Господине Маринов, чиј е Гоце Делчев?

Јас мислам дека на некој начин Гоце Делчев е и на Бугарија и на Македонија, но секако тоа се прашања коишто би требало на некаков објективен начин и без националистички каузи да се дискутира, да се дебатира меѓу историчарите. За жал многу често историчарите се ангажирани со некои националистички каузи коишто секако не дозволуваат еден објективен пристап спрема вакви историски прашања како што е да речеме идентитетите во Македонија пред еден век. На некој начин мислам дека тоа се прашања коишто немаат конечен одговор. Тие секогаш ќе бидат предмет на некаква дебата која треба да се води спокојно, без навреди и во рамките на еден дијалог без националистички цели. За жал, она што го гледаме денес е токму спротивното, барем од бугарска страна гледаме една многу јасна националистичка ангажираност на историчарите.

Беше соопштено дека веќе е постигната согласност за Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум Охридски, за Цар Самоил... Има ли смисла за личности од средниот век да разговараме нив призмата на модерните нации?

За мене лично не постои никаква смисла во тоа, но очигледно е дека во таа националистичка логика, барем од бугарска страна, тоа се некакви прашања коишто сè уште се сметаат за битни, за прашања коишто би требало на некој начин да се дебатираат. За мене навистина е апсурдно да се гледа врз средновековните личности и настани преку призмата на модерните нации.

Југословенскиот комунистички раководител Вељко Влаховиќ по една средба со бугарските колеги во 70-тите години од минатиот век, токму за „македонското прашање“, изјавил „дека за триесет или педесет години ќе ни се смеат и нам и на начинот на кој го третираме Средниот век“. Еве помина половина век оттогаш, а проблемот остана нерешен. Кој треба да ни се смее?

Да, за жал, очигледно сè уште не сме стигнале во таа фаза да се смееме на вакви дебати. За жал, она што го гледам денес е скоро истите прашања сè уште се дебатираат на едно високо, дури и политичко ниво. За мене тоа е навистина, на некаков начин, апсурдно, но ќе видиме по 30 години дали некој ќе се смее на сето тоа.

Во заедничката комисија од бугарска страна се влезени историчари, познати по своите тврди ставови кон „македонското прашање“, додека од македонска страна има, ајде да речеме, има поумерени историчари и тоновите кои доаѓаат од двете земји се различни. Што покажува тоа, со оглед на тоа што комисијата е бирана или формирана од бугарската влада? Може ли да се смета дека тоа е и однос на бугарската влада кон тоа прашање?

На некаков начин, да, сигурно. Знаете дека во бугарската влада учествува и партијата ВМРО-БНД која традиционално е дел од тие контроверзии меѓу Бугарија и Македонија, така што сигурно дека и владата на активен начин учествувала во формирањето на бугарската комисија. Навистина, и според мене е многу различен составот на двете комисии. Од македонска страна гледаме повеќе млади историчари, неоптоварени со националистички ставови, со стекнато академско искуство во странство. Од бугарска страна гледаме едни мејнстрим историчари од големите институции, како што се Бугарската академија на науките, Софискиот универзитет итн., коишто на некој начин ја претставуваат целата институционална моќ на бугарската историографија. Мислам дека од самиот почеток тоа е проблематичен избори на истражувачи. За жал можам да кажам дека либералните историчари во Бугарија не се занимаваат со Македонија. Тоа е тема којашто тие на секаков начин се обидуваат да ја избегнат како премногу оптоварена со национализам. Тоа е всушност жално, бидејќи постојат либерални историчари во Бугарија, но токму поради фактот што тие не се бават со македонските прашања, не постои критична рефлексија врз тие прашања.

Целото интервју со бугарскиот историчар Чавдар Маринов може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG