Бугарскиот учебник по историја за петто одделение и македонскиот учебник по историја за шесто одделение ќе бидат првата точка на разгледување на вториот состанок на мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања. Македонско – бугарската работна група ќе ги разгледува и прашањата за заедничкото чествување на празниците и историските личности, вели Драган Ѓоргиев, дописен член на МАНУ и претставник на македонската експертска група. Тој објаснува дека на состаноците во наредните два дена комисиите со полн состав ќе почнат со работа и дискусии за наставните содржини во учебниците на двете држави, за чувствителните теми околу историските личности и настани.
„Не можам да ви ги кажам точно очекувањата. Ќе има дискусии, бидејќи тоа се два спротивставени историски наративи во кои има различни толкувања за исти личности, за исти настани. И тука ќе има сериозни дискусии, со теоретски пристапи, со судирања на аргументи, на извори, и вештината ќе биде во тоа да се успее тие настани за која едната страна го смета за неприфатливо во учебниците на другата земја, да успее на некој начин да се надминат, без при тоа да се нарушат тие академски и научни норми во претставувањето на минатото“, вели Ѓоргиев.
Комисијата за историски и образовни прашања има за цел да помогне во надминувањето на теми кои се сметаат за болни во заедничките односи и да помогне во надминување на конфликтите.
Тоа ќе претставува дијалог во кој двете страни треба да си кажат за работите кои им пречат во учебниците по историја.
Ѓоргиев вели дека се уште од двете страни нема конкретни предлози за кои историски личности и настани ќе се дискутира, но македонскиот предлог ќе биде да се почне хронолошки.
„Тие предлози ќе бидат на маса ставени кога ќе дојде таа точка на ред. Верувам дека тука ќе влезат браќата Кирил и Методиј, цар Самоил, и повторно и за овие верувам дека ќе има дискусии, ќе има разговори, а на маса верувам ќе паднат и други предлози од поновата историја. Ќе дискутираме, но дали конечно ќе донесеме одлука за да бидат тие личности или настани предложени на владите за чествување и одбележување, тоа не можам сега да ви кажам, се зависи од тоа како ќе се одвиваат работите“, вели Ѓоргиев.
По потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Бугарија политичките односи во изминатава година беа пријателски. Но една изјава на премиерот Зоран Заев околу Илинденското востание предизвика силни реакции од неговиот бугарски колега Бојко Борисов.
„Проблемот кој излезе околу илинденската историја е легитимно да биде адресиран како од бугарската страна, така и од македонската страна. Таа дебата за историските околности за Илинденското востание треба да се решава на ниво на работни групи, не да биде пласирана во јавноста, па да се шпекулира со тоа, бидејќи постојат историографија, постојат историски факти околу кои што можат да се договорат работните групи како да ги образлагаат во јавноста,“ вели политикологот Ана Чупеска - Станишковска.
Таа неодамна изјави дека кога станува збор за идентитетски прашања може да се очекува извесни недоразбирања кај двете страни, но во границите на нормалата. Чупеска - Станишковска, додава дека историските теми треба да се остават да разговараат членовите на комисијата.
За резултатите од нејзината работа, Комисијата треба да достави годишен извештај до двете влади. Историчарите велат дека стравувањата дека Македонија ќе се откажува од одредена историја, се неосновани. Очекувањата од работните групи се големи, но и впечатокот дека процесот нема да оди ни брзо, ни лесно. Таквиот впечаток може да се темели на изјавите на дел од претставниците на бугарската комисија кои пред почетокот на работата на мешовитата комисија во јавноста побрзаа да ја претстават нивното толкување на историјата, особено за периодот од Илинденското востание, па се до завршетокот на Втората светска војна.
Членовите на македонската комисија велат дека целта на овој процес не е да се направи ревизија на историјата, туку да се разговара на научна основа за спорните прашања и да се направи обид тие да се надминат, а последниот збор за тоа ќе го имаат владите во двете држави.
Скопје е домаќин на овој дводневен состанок. Тоа е втора средба на членовите на мешовитата комисија. На првата средба која се одржа во Софија во јули беше договорена методологијата по која групата ќе работи.