Социјалните мрежи изминатава недела беа преплавени со фотографии од забави во преполни дискотеки ширум Македонија. Во месец кога секојдневно се уриваат рекорди по бројот на новозаболени од коронавирус, а болниците се преполни, граѓаните прашуваат дали е на повидок нов кластер „дискотеки“.
Имаше „пиштење и вриштење“ во јавноста за причесната за Велигден, за паузата во полицискиот час за Бајрам, за литиите, ифтарските вечери во период кога во земјава имаше по 20-30 заболени дневно. Сега кога има по 200 дневно, сè е оставено на личната одговорност.
Други, пак, негодуваат дека вирусот може да потрае со години и оти животот мора да продолжи.
Трети, пак, се шегуваат дека во диско ќе одат кога кризата ќе заврши.
Со оглед дека работата на дискотеките се уште не е дозволена, менаџерите на струмичкиот клуб Аватар велат дека тоа е кафуле, а не дискотека.
Пазарниот инспекторат, во стилот на изневерен сопруг, кој секогаш последен дознава, реагира дури по бурата реакции на социјалните мрежи.
Се чини дека од тројца инспектори, како во народната, еден е шеф на инспекција, еден е обичен инспектор и еден е кодош.
На министерот за здравство му останува само да апелира.
Дел од граѓаните, пак, се во очекување на кластерите „изборни прослави“.
Трети, пак, посочуваат и на лицемерието на граѓаните – од една страна се полни со осуди на социјалните мрежи, а потоа се одлогируваат и заминуваат на журка.
Стручњаците велат дека животот нема да може да се врати во нормала додека не се измисли вакцина против ковид-19. Дотогаш, Господ да нè чува.
Во меѓувреме, иако е забрането, масовно се прават свадби и други семејни веселби, иако и досега имаше кластери на заболени од свадби и слави.
Некои кафеанџии, пак, монтипајтоновески ветиле дека ќе го почитуваат законот.
Во меѓувреме, додека целата јавност се занимаваше со изборите и со коронавирусот, непосредно до трговскиот центар Мавровка во Скопје никнува огромна дивоградба за која никој не знае ништо.
Анонимноста во земјава изгледа станува стандард. Анонимни донатори го платија новогодишниот настап на Дино Мерлин во Скопје, а потоа, според градоначалникот Петре Шилегов, анонимни донатори го уредија и паркот пред ГТЦ на местото на кое требаше да се градат Шпанските скали.
Процедурата за барање на сопственик на дивоградба во центарот на градот изгледа е многу комплицирана, особено ако е на локација каде што полицајка лесно може да се удри во пајак.