Достапни линкови

Контраинтуитивна криза


Ивана Велковска, авторката на оваа колумна, е докторантка по економски науки на Економскиот факултет во Скопје
Ивана Велковска, авторката на оваа колумна, е докторантка по економски науки на Економскиот факултет во Скопје

Во оваа економска војна, главниот фронт е на пазарот на енергијата... Пишува Ивана Велковска, докторантка по економски науки на Економскиот факултет во Скопје

Помина цела година од почетокот на руската воена инвазија во Украина, за жал сè уште без изгледи за скорашен крај. Војната од самиот почеток е проследена со низа економски санкции врз Русија од страна на Западот како исклучување на руските банки од меѓународниот систем на плаќања, напуштање на рускиот пазар од страна на големите мултинационални компании, замрзнување на руските резерви во странски валути во вредност од дури 300 милијарди долари, исклучување на Русија од синџирите на добавување за цела палета производи и услуги па дури и запленување на јахтите на руските олигарси.

Но, во оваа економска војна, главниот фронт е на пазарот на енергијата. Непосредно после почетокот на инвазијата, уште во март САД прогласи забрана за увоз на руска нафта и гас. Меѓутоа, енергетски зависната Европа немаше простор за ваков брз маневар бидејќи затоплувањето на домаќинствата и опстанокот на индустријата зависеа од рускиот гас.

Реакцијата на Европската комисија и контра-ударот на Путин

Сепак, во мај 2022 година, Европската комисија предложи план за забрана за увоз на руска нафта, предлог кој наиде на отпор кај проруски ориентираниот Орбан. Во однос на гасот, целта беше постепено намалување на зависноста од Русија, што би значело намалување на увозот од две третини до крајот на 2022 година, а целосно намалување до крајот на 2030 година.

Путин го возврати ударот со тоа што во август го затвори вентилот на Гаспром како уцена за европските земји. Иако сето ова резултираше во неминовно намалување на продажбата на руски гас и нафта во Европа, растот на цените на енергијата компензираа за намалените продажби и државната каса на Русија и понатаму продолжи да бележи големи суфицити.

Следниот потег на Западот беше во септември 2022 година кога земјите од групата Г7 и Европската Унија се договорија да стават плафон на ценaта на руската нафта од 60 долари по барел, но и забрана за обезбедување на услуги за осигурување на танкери со руска нафта кои не се придржуваат до наметнатата цена. Бидејќи повеќето осигурителни компании кои го нудат овој тип на осигурување се од западните земји, индиректно и другите земји во светот како Индија и Кина повеќе не можат да купат нафта поскапа од 60 долари по барел. Оваа мерка конечно придонесе и за намалување на инфлацијата преку намалување на цената на нафтата и другите енергенси, но и за намалување на приливите во руската каса.

Пролетта 2022 година, се предвидуваше крах на руската економија и ладна зима за Европејците. На крај излезе дека ниту руската економија пропадна, ниту Европа се смрзна. Но, иако руската економија навистина покажува подобри перформанси од иницијалните прогнози, сепак експертите потсетуваат дека на среден и долг рок економските санкции ќе го направат своето.

Западните санкции и руската рецесија

Главната цел на санкциите од самиот почеток беше да се разори руската економија и да се намалат руските приходи од продажба на енергенси кои ја финансираат руската воена машинерија. Во март 2022, најцрните прогнози предвидуваа пад на руската економија од дури 15% до крајот на годината. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на почетокот на војната предвидуваше рецесија во Русија од 8,5%, прогноза која подоцна беше коригирана на 6%, за да есента се намали до 3%.

Рускиот институт за национална статистика објави податок дека во третиот квартал од 2022 година економијата официјално влегла во рецесија од 4%. Ова е резултат на тоа што Европа значително го намали увозот на руски гас во текот на претходната година (од 40% во 2021 година до 17% во август 2022 година), но и на тоа што цената на енергенсите кон крајот на годината почна да паѓа. Цената на гасот е сега двојно пониска споредено со истиот период претходната година. Големо влијание за тоа имаше и намалената кинеска побарувачка која беше последица на политиката на нула Ковид и карантините во Кина, но и тоа што зимата во Европа беше блага.

Прогнози

За оваа година, Светска банка предвидува продлабочување на рецесијата во Русија од -5,3%. Од друга страна, според ММФ руската економија ќе закрепне со благ раст од 0,3%, главно поради преориентирање на трговијата кон земји со кои немаат санкции, но и поради високите буџетски трошења поврзани со војната во Украина.

Европа и САД сепак не влегоа во рецесија претходната година и покрај високата инфлација и високите каматни стапки. Економскиот раст во Европа за 2022 година изнесуваше 3,4%, во САД 1,9%, а во Кина 3,3%. На самитот во Давос годинава, претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард ќе каже дека оваа криза е контраинтуитивна – економските појави на висока инфлација и високи каматни стапки се проследени со рекордно ниска невработеност и силна приватна потрошувачка кои се типични за економска експанзија, а не за криза.

Прогнозите на ММФ за 2023 година се дека Европа ќе оствари раст од 0,7%, а САД од 1,4%. Прогнозираната забавена економска активност кај ЕУ и САД произлегува од очекувањата дека каматните стапки и натаму ќе растат за да ја зауздаат инфлацијата. За Кина која стави крај на карантините и повторно се отвора како економија се прогнозира раст од 5,2% што значи зголемена побарувачка за енергенси на светскиот пазар и дополнителен инфлаторен притисок.

Сега за сега, Европа и САД не влегоа во рецесија, но во најмала рака последиците од кризната ситуација резултираат со прогнози на понизок раст споредено со проекциите пред војната. Руската економија сепак влезе во рецесија во 2022 и нејзината иднина е многу понеизвесна во следните години поради очекуваните ефекти од економските санкции. Ограничената понуда и високите цени на храната и ѓубривата се постојана закана за избувнување на кризи на глад во светот. Негативните прогнози за жал не потсетуваат на старата добра изрека: во војна, нема победници.


Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG