Достапни линкови

Кому што му се мота во глава - еден цртеж многу толкувања


Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ја посети градинката Орце Николов и црташе со децата. Тој им нацрта зграда
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ја посети градинката Орце Николов и црташе со децата. Тој им нацрта зграда

Додека децата од градинката Орце Николов ја цртаа планетата Земја, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски седна со нив и им нацрта згради. Кому што му се мота во глава, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски седна да црта со децата од градинката Орце Николов и ни помалку ни повеќе им нацрта зграда. Овој негов избор наиде на иронични коментари од граѓаните на социјалните мрежи, со оглед на тоа што Јакимовски, во неговите претходни мандати, беше критикуван за „бетонизација“ на општината со издавање стотици дозволи за изградба на згради, често на места каде што претходно имаше бараки или мали семејни куќи.

Граѓаните коментираат дека се работи за фројдовски избор, односно дека потсвеста на Јакимовски излегува на површина.

Јакимовски, пак, денеска преку фејсбук реагира дека не нацртал згради, туку енергетски ефикасна детска градинка со детски игралишта и зеленило.

Карпош е една од општините со најжестока урбанизација во Македонија, а во изминатиов период дојде во фокусот на јавноста поради новиот ДУП за Влае, со кој се предвидува изградба на нови улици, високи згради и црква на местото на постојното зеленило, како и зголемување на катноста на објектите.

Илустрација на ДУП-од за Влае изработен од иницијативата „Борба за Влае“
Илустрација на ДУП-од за Влае изработен од иницијативата „Борба за Влае“

Од иницијативата „Борба за Влае“, кои организираа протести против новиот ДУП, велат дека ако се реализира планот, во Влае 2 ќе останат по 0,6 квадратни метри зеленило по жител.

Дел од граѓаните се шегуваат дека Јакимовски ги црта 11-катниците кај Порта Влае.

Од Општина Карпош, пак, реагираа дека во новиот ДУП за Влае нема ниту еден објект вцртан на државно земјиште. Тие додаваат и дека нема зголемување, туку намалување на габаритите и висините на одредени објекти и оти ниту еден објект не е вцртан во простор предвиден за зеленило ниту пак дека има предвидено намалување на зеленилото, туку напротив, зголемување на зелените површини.

Некои граѓани коментираат дека Јакимовски уште од сега треба да ги научи децата од неговата општина во каква средина ќе живеат.

На почетокот на март, Општина Карпош го донесе ДУП-от за просторот кај Спортскиот центар Борис Трајковски, на кој меѓу другото се предвидува изградба на бензинска пумпа и други објекти. Независните советници во општината негодува што се предвидува изградба на бензинска „во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса“.

На контото на Јакимовски оди и бетонизацијата на Тафталиџе, која од населба со бараки и улици проектирани да ги опслужуваат тие жители се претвори во бетонско чудовиште со висококатници.

Во тоа удел има и законодавната власт. Од 2007 до 2015 година во македонското Собрание се направија 104 измени на клучните закони за градење, за бетонизацијата на Скопје да се направи „според закон“.

Истражувањето на Радио Слободна Европа од минатата година покажа дека над 80 отсто од изградените станови во скопскиот регион се само во три скопски општини – Аеродром, Карпош и Центар.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG