Достапни линкови

Кога пописот ќе стане статистичка, а не политичка операција?


Власта и опозицијата не се согласуваат за терминот на пописот и за тоа кое тело да биде надлежно за неговото спроведување. Аналитичари велат дека таквото барање е политичко и нема врска со процедурите на Евростат.

Владиниот предлог закон предвидува пописот да се одржи следната година во текот на месец април, а за тоа да се потрошат 8,5 милиони евра. Опозицијата бара пописот да се одложи за една година, за да се направат подобри подготовки.

Професор Никола Дујовски вели дека барањето пописот да се одложи за една година е чисто од политичка природа и нема врска со процедурите во Евростат. Тој сепак очекува пописот да се спроведе следната година.

„На пописот не смее да се гледа како на политичка алатка во смисла на организирање на наредните избори. Пописот ни е исклучително значаен за општеството, за да ги предвидуваме политиките. Не може СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија да налага термин, рокови и стандарди кои само за нив одговараат. Многу е важно за да знаеме каков избирачки список ќе имаме. Пописот ќе покаже дали е реален списокот со 1,8 милиони избирачи“, вели Дујовски.

Тој додава дека државата е испразнета изминатите години и е важно пред следните избори, кога и да бидат, да има јасна слика за тоа колку жители има и колкав е избирачкиот список

Комбиниран модел

Предлог-законот кој влезе во Собрание предвидува методологијата да биде комбинирана, да се користат податоци од регистри во институциите и попишување на терен. Новини кои се предлагаат е операцијата да се спроведе со употреба на лап-топ компјутери, на посебна апликација. Попишувањето ќе се врши на седум јазици.

Ќе се попишуваат државјани на Македонија, кои имаат живеалиште или престојувалиште тука, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во земјата или пак се во странство. Со пописот ќе бидат опфатени и странски државјани кои се присутни во земјата со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Македонија. Предлог-законот предвидува да остане етничката графа и попишување на граѓаните што се надвор повеќе од една година. Оние луѓе, пак, кои се на привремена работа или престој во странство, ќе можат сами да се попишат во периодот од 15 март до 31 март 2020 година на посебна апликација достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика или нив да ги попишат нивни блиски роднини кои се во земјата.

На прашањето зошто да се попишуваат и тие кои не се во државата повеќе од една година, Дујовски вели дека тоа можеби им одговара на етнички заедници кои не се мнозински и е поврзано со процентите во Уставот.

„Дали тоа е стравот, особено кај Албанците, па тука е инсистирањето да се попишуваат и тие, за утре политички да се калкулира дали ќе се сметаат или нема да се сметаат, тоа веројатно може да ни стане појасно потоа, па ќе може да се појасно определуваме“, вели тој.

Пописот го организира и спроведува Државниот завод за статистика, а не како досега Пописна комисија. Разликата, според властите, е што досега во Пописната комисија членуваа политичари, а во Советот сега членуваат експерти.

Забелешки на ВМРО-ДПМНЕ

Опозицијата бара пописот наместо во 2020, да се одржи во 2021. Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат и пописот да не го води директорот на Државниот завод за статистика, туку независно тело составено од Советот за статистика, стручни професори, лица од стопанските комори, Народната банка и слично. Од опозицијата велат дека е неопходно да се дефинира резидентното население, податоците да се внесуваат на хартија, а не на елктронска пописница, а на собраниот материјал да има потпис и од попишувачот и од попишаното лице. Бараат и на една локација да оди повеќе од еден попишувач.

„Исто така не може попишувањето да се врши само со матичен број, туку мора да биде со релевантни документи, лична карта, извод или пасош, и да се прецизира кој ќе може да даде податоци за лица што се надвор од државата, да не може тоа да го прават соседи или пријатели, туку да биде наведено и кој од семејството и до кое колено може да дава податоци. Мора прецизно да се дефинира и кој ќе биде опфатен во резидентно население според препораките на Евростат“, рече пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е дел од партиските работни групи кои ги пеглаат разликите за пописот.

Тој вели дека е подобро да имаме подготвен попис во 2021, но ако се прифатат нивните забелешки, подготвени се да разговараат и за попис во 2020.

Димовски во Собранието изјави дека се има чувство декапописот се користи за политички цели и е предмет на политички калкулации помеѓу партнерите во владејачкото мнозинство.

Пописот не е политичка тука статистичка операција, вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ е во обид повторно да го закочи пописот.

„За разлика од пропаднатиот попис во 2011, сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарентна, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат“, изјави Костадинов.

За ДУИ предлогот е прифатлив и затоа му даваат поддршка.

„Ќе видиме на кои ставови ќе се усогласат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па потоа ќе ги дадеме нашите ставови врз основа на нивните забелешки“, рече пратеникот од ДУИ, Артан Груби.

Дујовски вели дека од ДУИ си чуваат простор, за утре кои и да биде на власт пак да можат да преговараат за коалиција.

Последен пат попис во земјава имаше во 2002, а обидот во 2011 заврши неуспешно. Тогашниот премиер Никола Груевски обвини за фалсификат.

Неколку години подоцна СЈО во март 2018 најави предмет Попис, во кој ги сомничи Али Ахмети и Груевски дека ја злоупотребиле својата службена положба и како претседатели на партии и коалициони партнери се согласиле да се прекине пописот на населението во 2011 година.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG