Достапни линкови

Гаранција за правата како гаранција за успешен попис


Последниот попис се спроведе пред 17 години, а неуспешен обид имаше пред осум години. Сега, веднаш по влегувањето на предлог законот за попис во собраниска процедура со забелешки се јавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Основата за мешањето на политичарите во пописот е Рамковниот договор во кој правата на етничките заедници се базираат врз бројки, тврдат дел аналитичари и по најновите партиските превирања за оваа статистичка операција.

Откако предлог законот за спроведување на пописот во 2020 година влезе во собраниска процедура веднаш реагираше, овој пат ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека не биле консултирани. Опозициската партија остави можност тие и, како што рекоа, голем дел граѓани да не учествуваат во попишувањето „организирано на начин спротивен на демократските процеси“. Од СДСМ пак, тврдат дека водат транспаретна постапка според сите меѓународни стандарди со вклученост на Евростат.

Кај нас се сè врзува со етничките заедници, од правичната застапеност, вработувањето во администрацијата и сè останато, вели Александар Кржаловски, извршен директор во Македонскиот центар за меѓународна соработка.

„Сега проблемот кај сите е колку навистина сме, а постои и стравување дека можеби ќе се изгубат некои права“, вели Кржаловски.

Според него, решение за да се надминат ваквите стравови на политичарите е да се гарантираат сите досега стекнати права без разлика какви бројки ќе покаже пописот.

„Ако однапред се договори дека ништо нема да се смени без разлика какви ќе бидат бројките мислам дека тоа доста би требало да ја намали тензијата околу пребројувањето“, вели Кржаловски.

Засега останува нејасно и дали ќе се реализира заканата на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот главно поради, како што тврдат, невклученост во носењето на законот и нетранспаретната процедура. Седницата на комисијата за европски прашања на која требаше да се разгледува предлог- законот е откажана поради тоа што не успеале да обезбедат претставник од Мисијата на ЕУ и да поканат претставници на дипломатскиот кор и други гости.

Населението треба да се знае не само во контекст на меѓуетничка структура туку и за креирање социјални, образовни, здравствени, па и економските политики, вели Абдулменаф Беџети, ректор на Факултетот на Југоисточна Европа.

„Еве на пример ние правиме субвенциони политики, политики за социјални субвенции, здравствени, образовни политики, а не знаеме во државата колку население има, што е нешто основно. Статистички во државата ни живеат 2, 057 милиони жители, но статички мислам дека се далеку помалку дури и под милион ипол луѓе“, вели Беџети.

Инаку, последен пат во Македонија попис се спроведе пред 17 години. Статистичка операција неуспешно заврши во 2011 година. Тогашната владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одлучи да го прекине пописот со образложение дека тој потег е во интерес на државата и на меѓуетничките односи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG