Достапни линкови

2500 книги на тркала


Мини-бус "READ on wheels"
Мини-бус "READ on wheels"

Мобилна библиотека со повеќе од 2500 наслови на домашни автори и нивните колеги од регионот, ќе ја промовира и поттикнува културата на читање меѓу младите. Во фокусот се руралните средини.

Специјално дизајнираниот и модерно опремен мини-бус "READ on wheels" тргна од македонско Теарце, а ќе продолжи во Албанија, Косово, Србија и Турција и ќе престојува по неколку месеци во секоја земја.

Во следните 12 месеци планирани се вкупно 100 станици на наш терен, каде локалните жители ќе уживаат со книги и други материјали од петте држави кои се дел од мапата. Освен пристап до книги, патувањето на мобилната библиотека овозможува и разонода и едукација низ културни активности за млади луѓе во помали и понедостапни рурални зедници, каде таквите активности се многу ретки или воопшто не се случуваат.

„Во овие заедници младите немаат многу можности да учествуваат на работилници или интеркултурни обуки, немаат пристап до библиотека или кино. Затоа библиотеката оди кај нив. Со колегите од „Лоја“ направивме план, секој месец да се посетува некој друг дел од државата за што постојано сме во контакт со училишта, библиотеки, центри за млади, месни заедници, невладини организации и слично, за да ги организираме посетите“, изјави за РСЕ, Марија Чорбева Пеновска, менаџерка на проектот „Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД)“, од Гете-институт Скопје.

Турнејата на тркала во летниот период продолжува во полошкиот регион, во септември ќе патува низ скопскиот, па потоа во пелагонискиот, па вардарскиот регион, зависно од временските услови. Во 2022 ќе го „окупираат“ истокот, а шарената мобилна библиотека спонтано ќе посетува и културни настани кои не се дел од официјалната агенда.

Мобилна библиотека "READ on wheels"
Мобилна библиотека "READ on wheels"

Организаторите постојано добиваат донации на книги, особено преводи на автори од регионот, но и донираат книги на послабо снабдените училишта и библиотеки, бидејќи најголем дел од насловите се книги за деца и млади.

„Свесни сме дека во денешно време технологијата зема огромен замав и затоа книгата ја подразбираме во поширока смисла и во различни форми. Библиотеката е опремена и со таблети и со ЛЦД монитор, така што учениците ќе можат и да слушнат некоја е-книга или да погледнат некоја филмувана книга. Покрај позајмување книги, останати активности кои ги планираме со локалното население се: storytelling работилници, презентација на нови писатели/автори, работилници за креативно пишување, работилници за превод, работилници за илустрација, предавања и дебати, проектирање филмови, театарски претстави и друго. Сето тоа е со цел кај младите да се поттикне и негува меѓукултурна писменост, толеранција и демократски вредности“, истакна Чорбева Пеновска.

Илустрација - Атмосфера за време на отворањето во Теарце
Илустрација - Атмосфера за време на отворањето во Теарце

Важен дел од приказнава се и волонтерите кои ја реализираат идејата на терен. Еден од нив е 23 годишниот Рамадан Муртезани, инаку дел од ЦБС Лоја. Како активен во граѓанскиот сектор последниве 5 години, сакал да се предизвика себеси на ново поле.

„Реакцијата на луѓето е многу интересна, особено кога гледаат за прв пат една мобилна библиотека и генерално се пријатно изненадени и имаат позитивна реакција. Гледајќи глобално, мислам дека луѓето се оддалечиле од книгата и со овој проект некако ќе им се врати желбата да читаат и да држат книга во рака“, вели Муртезани за РСЕ.

Рамадан Муртезани, волонтер
Рамадан Муртезани, волонтер

Со љубов кон градот до љубов кон волонтерството

Младиот тетовчанец има добра причина за волонтирање.

„Секогаш сум сакал да работам на трансформирање на општеството и подигнување на свеста на луѓето, за да можеме да имаме здраво општество. Моето волонтерство започна кога сфатив дека на мојата општина и недостасуваат многу нешта, па избрав да бидам волонтер за да дадам придонес за доброто на мојот град. Прво почнав себеси да се менувам, за да бидам пример и за другите. Моето волонтерство доаѓа од мојата лубов кон мојот град, тоа го правам бидејќи чувстувам одговорност прво кон себе па и кон тоа што е подобро за сите. Верувам во тоа дека ако сакаме да промениме нешто прво треба да почнеме од тоа што е возможно за да ја постигнеме нашата цел“, истакна волонтерот.

Искуството на тема социјален активизам, на Муртезани му донело неколку важни заклучоци.

„Социјалниот активизам не е нешто каде што може да се забележи успехот за еден одреден период, тоа е долг процес и тој се чувствува после еден подолг временски период. Но, јас можам да спомнам некои работи кои ми го привлекле вниманието, гледајќи ја разликата со текот на годините.
Граѓаните се повнимателни околу тоа каде го фрлаат ѓубрето. Голем број од моите пријатели работат во цивилниот сектор и се обидуваат за доброто на нашето општество. Новите генераци се посвесни и имаат критично око. Одреден број луѓе од мојата заедница, дејствуваат и ја мобилизираат заедницата за да ги направат јавните институции поодговорни и да им барат отчет“, додава мотивираниот Муртезани.

Тој и неговите пријатели по волонтерска линија овојпат ги ставаат на располагање своите капацитети за да пратат позитивна порака за ефектот на добрата книга или квалитетниот културен настан.

Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации: Центар за балканска соработка - Лоја (Северна Македонија), Instituti I Librit dhe i Promocionit (Албанија), Kalem Culture Association (Турција), Krokodil (Србија), Qendra Multimedia (Косово).

Актуелниот план за следните станици на „READ on wheels“ може да го најдете на веб страницата на Гете-институт.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG