Во времево на нови силни атаци на македонската самобитност и посебно врз македонскиот јазик, „Арс Ламина –публикации“ со повеќе од неопходен издавачки потег. Во издание на „Арс Либрис“ деновиве се појавија Романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, како првите од 10-те книги од писателот Петре М. Андреевски во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“.
Серијалот ќе биде заокружен со незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание) и „Лакримариј“, а во периодот што следува ќе бидат промовирани и книгите: „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Згора на тоа, во посебна едиција ќе биде објавена и книгата за деца „Шарам барам“.
“Реобјавувањето на делата на Петре М. Андреевски секогаш (ќе) претставува празник за македонската книжевност. Овој безвременски писател од третата генерација македонски зборотворци, се чини, го создаде рецептот за укинување на временските отсечки според кои книжевните појави ги квалификуваме како актуелни и анахрони. Неговата појава во втората половина на дваесеттиот век магнетски го привлече вниманието на проучувачите на националната книжевност и веќе прославени автори, со што ги стави на теориски маки. Навидум лесно восприемливата поетика се покажа мошне привлечна за многубројни релевантни толкувања, меѓусебно исклучиви, но истовремено и испреплетени. Главно, сите досегашни теории гравитираат околу фолклорните елементи во неговите дела, но секоја од нив користи различен толкувачки клуч во зависност од книжевните интереси на толкувачите. Но, токму тоа присуство, толку блиско до „народниот“ читач – ознака што не е временски условена, туку напротив, ја победува ограниченоста – е причина за сечија радост на ова поднебје кога повторно ќе се појави негово дело – ќе биде забележано во писменото соопштение од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Во него се вели и тоа дека главната причина што го прави посебно ова повторно враќање на Петре М. Андреевски и што им удира печат на ексклузивноста на овие нови изданија е визуелното „читање“ на неговите творби од страна на неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска. Дека „нејзиниот образуван уметнички потег има двојна цел: емотивно и естетско возбудување на поетските и прозните атоми од кои е изградена поетиката на Петре М. Андреевски кај неговата најнова генерација почитувачи и следбеници, што ова реобјавување има намера да го поттикне“.
Воскресија Андреевска
А, таа во својата изјава најнапред истакнува дека „лично и професионално и претставувало огромно задоволство што имала прилика да работи на ваков ангажман, конкретно поради тоа што се работи за книгите на Петре М. Андреевски, кои за неа се од огромно значење бидејќи, освен што станува збор за нејзин дедо, станува збор и за омилениот македонски писател“.
Дека дала сѐ од себе да ги прикаже импресиите што ги имаат оставено неговите култни дела врз неа и дека може само да се надева дека и самата, преку овие нови изданија, го споила својот печат со неговиот.
- Сите илустрации беа наменски работени за овој проект и нормално, беа инспирирани од неговото творештво. За мене беше важно преку моите цртежи да го отсликам и да го оживеам тој посебно богат свет на Петре, за повеќе да го доближам до читателите. Во визуелниот јазик не постои тешкотија или леснотија при творењето, постои меѓутоа во помислата на тоа дали ќе ја претставиш приказната на авторот онака како што и самиот тој ја опишува со неговите зборови. Интересно беше што, додека траеше процесот на создавање на повеќето од илустрациите за прозните дела, јас бев во родното село на Петре, во Слоештица, кое е негов главен, неисцрпен извор на инспирација. Секој лик во неговите книги е приказна сама по себе која влече корени од тие краишта и за мене тоа го направи креативниот процес позабавен и поинспиративен. Освен што се дружев со неговите ликови од книгите, јас и живеев во тој свет – вели Воскресија Андреевска.
Роден на 15 јуни 1934 година во село Слоештица, Петре М. Андреевски е поет, прозаист, драмски автор, литературен критичар и преведувач, кој со својот многудецениски опус афирмира творештво што го вбројува во најзначајните и најистакнати современи македонски писатели, чии дела – а особено стихозбирката „Дениција“ и романот „Пиреј“ – стануваат општопризнаени дострели на македонската современа книжевност и неодминливо четиво на генерации љубители на литературата.
Првата самостојна збирка песни, „Јазли“, ја објавил во 1960 година за издавачката куќа „Кочо Рацин“. По неа следуваат збирките: „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1976), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999).
Првото прозно дело, расказите „Седмиот ден“, го објавува издавачката куќа „Култура“ во 1964 година, а потоа следуваат и: „Неверни години“ (1974, раскази), романите „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1984), „Небеска Тимјановна“ (1989), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994), романот „Последните селани“ (1998) и романот „Тунел“ (2003).
Петре М. Андреевски ги напишал и драмите „Богунемили“ (1971), изведена во Драмскиот театар во Скопје, и „Време за пеење“ (1975), изведена во Народниот театар во Битола. Објавува и две книги поезија за деца: „Шарам барам“ (1980) и „Касни порасни“ (1992), а постхумно се објавени неговите раскази „Боемите“ и недовршениот роман „Бежанци“.
Вредноста на неговите дела ја потврдуваат и многубројните награди, како што се: наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, националната награда „11 Октомври“, Рациново признание, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија и други. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, а починал на 25 септември 2006 година во Скопје.
Погребан е во родното село, а во негова чест во демирхисарска Слоештица за празникот Голема Богородица се одржува културната манифестација „Славење на пирејот“.