Достапни линкови

Заев ќе бара нов мандат од граѓаните


Прес-конференција на премиерот Зоран Заев на која предложи одржување предвремени избори.
Прес-конференција на премиерот Зоран Заев на која предложи одржување предвремени избори.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е разочаран и лут поради одлуката на ЕУ да не одреди датум за пристапани преговори со С.Македонија. Заев вели дека во ваква ситуација граѓаните на брзи предвремени избори треба да го одредат патот на кој земјата ќе продолжи, најавувајќи дека ќе бара нов мандат.

Граѓаните треба да одредат на кој пат ќе продолжиме и затоа предлагам одржување на предвремени парламентарни избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата, по вчерашната одлука на Европскиот совет да не одреди датум земјата да ги почне пристапните преговори со Европската унија.

Оценувајќи ја одлуката на Унијата како исклучително лоша и неправедна, Заев посочи дека направиле се што можеле да биде одреден датум за преговори, но Унијата не го исполнила нејзиното ветување поради нејзини нерешени внатрешни работи.

ВИДЕО - Заев - граѓаните да го одредат идниот пат на земјата

Заев - граѓаните да го одредат идниот пат на земјата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

„Пред два дена во Брисел ни беше направена голема неправда. ЕУ не го испорача тоа што ни го вети, ние ги завршивме сите наши обврски, испорачавме резултати со реформите, ги решивме споровите со соседите, а тие не си останаа на зборот и не испорачаа. Тоа што ЕУ не успеа да донесе одлука за отворање на преговори со нас, е нивна историска грешка и тоа го потврдија сите европски лидери“, изјави Заев.

Според Заев, на брзите избори граѓаните треба до одлучат дали земјата, како што наведе, ќе оди по патот на демократски и европски вредности и развој, на градење партнерство со соедите и пријателите или патот на излоацијата, национализам, поделбите и конфликтите.

„Затоа почитувани граѓани одговорно се исправам пред вашата одлука. Сега е потребен вашиот став, немаме време за губење и затоа мојот предлог е организирање брзи предвремени избори, избори најбрзо што може, избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја и токму ова ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба кај претседателот Пендаровски“, рече Заев.

Ставот на Заев е дека земјата не треба да ја губи надежта за членството во ЕУ и оти треба да го продолжи патот кон ЕУ заради вредностите на Блокот. Тој истакна дека верува оти Франција во иднина ќе го промени својот став.

„Нашиот народ е тој кој ни дава мандати, ваква чест да водиме и тој ќе одлучи сега дали продолжуваме по тој пат. Ако продолжуваме по тој пат, јас ја барам и честа и мандатот - цел и чист и отворен за да продолжиме на тој пат“, рече Заев.

За одржувањете на предвремените избори, Заев рече дека опциите се отворени, дека планот се уште не е детализиран, а за терминот за одржувањето ќе се одлучува на утрешната лидерска средба. Пржинската влада ќе биде имплементирана штом се договориме со другите лидери, рече Заев додавајќи дека земјата ќе продолжи со реформите и покрај изборниот процес.

Во однос на тоа кога ќе поднесе оставка според обврските од Пржинскиот договор, тој рече дека тој ќе се имплементира за сите учесници во изборниот процес треба да бидат „сигурни и спокојни“ дека изборите ќе бидат демократски.

„Пржинската влада секако опстојува во нашите закони и ќе биде имплементирана штом се договориме со лидерите, и од владејачките партии и од опозициските“, изјави Заев.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера повика на средба на државниот врв на која ќе се дискутира за актуелната ситуација и за, како што вели, иднината на Македонија. Тој истакна дека народот, а и тој лично посакуваат предвремени избори.

На вчерашниот Самит во Брисел немаше согласност од сите земји членки Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ. Беше одлучено Европскиот совет да се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во мај следната година.

Европските лидери истакнаа дека, иако мнозинството од членките сакале, Франција, Данска и Холандија се земјите кои изразиле резерви и не биле подготвени за проширувањето, но сепак испратија порака до Македонија и Албанија да не се откажуваат.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG