Вечерва на состанокот на лидерите на земјите членки на Европската унија ќе се разговара за пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија. Првите луѓе на 28 членки за тоа ќе разговараат на вечерата, јавува дописникот на РСЕ од Брисел.
По состанок во Тулуз, пак, на лидерите на двете земји членки на ЕУ кои се сметаат за најмоќни во Унијата, шансите за отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана изгледаат се помали. Претпладнево во германскиот парламент тоа го откри и канцеларката Ангела Меркел која повтори дека тие ги поддржуваат европските перспективи на Северна Македонија и Албанија.
„Имаше обиди да се уверат членките на ЕУ кои се уште имаат задршки за таквиот курс. Тие земји сакаат да го направат пристапниот процес по транспарентен. Како и да е, шансите за едногласна одлука на самитот на ЕУ кој почнува во четврток попладне не се добри“, рече Меркел.
Синоќа францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ја споделува истата геополитичка и стратегиска визија со германската канцеларка, дека сакал да испрати позитивен сигнал до лидерите, но сериозно погледнато морал да им каже: овој пат ние сме тие на кои им треба малку повеќе време за да ги направиме работите по правилен ред.
Инаку на агендата на самитот на лидерите во Брисел отворањето на пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија е едно од шесте прашања. На дневниот ред се и Брегзит, Турција, климатски промени, буџетот на ЕУ и стратегиските приоритети на Унијата.
Во Скопје- се уште надеж
Според политичкиот аналитичар Мерсел Биљаљи и покрај ваквите сигнали од Париз и Берлин, се уште има надеж дека земјава може да ги почне пристапните преговори.
„Јас се надевам дека таа ќе биде позитивна за Македонија, но најверојатно ќе биде со новата методологија претпоставува многу потешки и попринципиелни преговори“, вели Биљаљи.
Симонида Кацарска од Центарот за европска политика ЕПИ вели дека прашањето за отворање на преговорите треба да го гледаме како дел од сите други работи кои во моментов се решаваат во ЕУ, вклучително и назначувањето на новата Европска комисија која ,исто така, ќе биде предмет на одложување.
„Очекувам дека ќе се направи некакво балансирање меѓу барањето на Франција и давањето на позитивен сигнал за двете земји но дали дефинитивно ќе има вклучено во одлуката датум за првата меѓувладина конференција и односно почеток на преговорите, тука мислам дека веројатно шансите се намалуваат“, вели Кацарска.
Државниот врв лобира до последен момент
Претседателот Стево Пендаровски, пак, изјави дека државниот врв лобира до последен момент да се добие датум за преговри и формулација која ќе ги вреднува напорите на земјата во изминатиот период.
„Се прават последните напори околу формулациите кои ќе бидат употребени. Во овој момент јас не би одлел со сигурен став дека ќе биде ригидно одбиено нашето барање за почеток на пристапните преговори затоа што и премиерот Заев и министрите Османи и Димитров и јас лобираме до последен момент да добиеме формулација која навистина ќе ги вреднува нашите напори во изминатиот период“, изјави Пендаровски.
Во Брисел да лобира веќе неколку дена е и премиерот Зоран Заев, но на критики во дел од јавноста, пак, наидоа некои негови изјави дадени претходно во Виена. Тој во одделни изјави рече дека „ ако нема датум за преговори со ЕУ, владата може да падне“ и дека веруваме во европските вредности, понекогаш можеби повеќе веруваме од некои држави членки, споменувајќи ги Полска, Унгарија кои како што рече имаат проблеми со владеење на правото и други внатрешни проблеми. Овие две земји, пак, се силни поддржувачи на процесот на проширување.
„Јас не мислам дека дел од таа реторика е пресудна во овој момент. Ние несомнено имаме поддршка од скоро сите земји членки и за нас клучно е да ги градиме односите со сите нив. Во поширок контекст останува отворено прашањето колку е навистина целисходна поддршката на дел од Вишеградската група (Унгарија, Полска, Словачка и Чешка), бидејќи искуствата со дел од тие земји се дел од причините поради кои Франција а и некои други земји членки бараат построги критериуми за влез“, вели Кацарска.
Таа додава тоа е сепак дел од пошироката линија на борба која се развива внатре во унијата, на која нагласува дека државава не може да влијае.