Силна порака дека двете држави не смеат да отстапат од европскиот пат, потпишување Меморандум и заложба за изградба на Коридор 8 до 2030 година, но и договор за враќање на украдените икони од Струга, е епилогот од денешната, втора Меѓувладина седница на Владата на Северна Македонија и Владата на Албанија која се одржа денеска во Скопје.
Двете влади ја истакнаа заложбата за продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, но и важноста од продолжување на заедничкиот европски пат и продолжување на преговорите за влез во ЕУ кои годинава ги почнаа и двете држави.
Коментирајќи ги уставните измени кои треба да ги направи Македонија за да ги продолжи преговорите за влез во Унијата, а со кои треба да се внесат Бугарите во Уставот, албанскиот премиер Рама рече дека и Албанија познава многу малцинства, вклучително и бугарското. Тој забележа дека и сега македонскиот Устав има многу внесени малцинства, па ова е познат модел кој треба да се надополни.
„Ние имаме поинаков модел во Албанија, но во парламентот препознавме значителен број малцинства, вклучително и бугарското малцинство кое има свое скромно присуство, но постои во Албанија, и не изгледа дека ни се заканува некое малцинство. Напротив сметаме дека малцинствата се едно големо богатство“ рече Рама.
Ковачевски пак додаде дека земјава направи многу компромиси и тешки одлуки на оваа Влада за доближување на земјава кон ЕУ, но дека заложбата за влез во Унијата е заложба на голем дел од граѓаните.
„Знам дека сите 120 пратеници ќе донесат одлука со која ќе овозможат јасна визија дека земјата се движи кон полноправно членство во ЕУ, таму каде што припаѓа, а нема да го избере патот на изолација“, порача Ковачевски.
За да се промени македонскиот Устав потребна е согласност од еве третини од македонскиот парламент кој има 120 пратеници.
Премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама, истакна и дека двајцата лидери знаат што значи храбро и одговорно лидерство базирано на европските вредности.
„Денес ги поставуваме основите за тоа како ќе ги развиваме нашите две земји додеказаеднички чекориме на европскиот пат, за тоа како да ги направиме нашите држави подобро место за живеење, да дадеме потврда дека посветено работиме, но и да дадеме надеж дека утре ќе биде подобро. Од оваа криза ќе излеземе заеднички, солидарно, и никој нема да биде оставен сам“, изјави Ковачевски.
Двајцата премиери посебен осврт дадоа за меморандумите потпишани на денешната втора седница меѓу владите. Македонскиот премиер истакна дека кризата е можност за иновација и развој, со цел како што рече, земјава да стане „хаб на зелена енергија“ која понатаму со добар план и стратегија би го снабдувала и регионот и континентот со енергија од обновливи извори. Рама пак се осврна на договорите за договорите за меѓународен воден транспорт во Охридското Езеро, при што ја истакна потребата од изградба на т.н суво пристаниште во Струга, за да се подобри поврзувањето меѓу двете земји.
Како посебен сегмент беше издвоен Договорот за враќање на незаконски изнесените икони од земјава меѓу министерствата за култура, со коишто по завршената кривична постапка во Албанија, ќе започне постапка за нивно физичко враќање во државава. Се работи за 21 икона која беше украдена од Струга пред десетина години.
Притоа, како потврда на соработката една од овие икони денеска беше донесена во земјава. Иконите, според изјавите на Ковачевски, ќ ему бидат предадени на македонскиот архиепископ г.г. Стефан.
Во однос пак на заложбите и соработката за патното поврзување, двајцата премиери ја истакна на својата заложба за поврзување на целиот Коридор 8 до 2030 година, што беше потврдено со потпишување соодветен меморандум. Со него практично треба да се поврзат со патна, но и железничка инфраструктура пристаништето Драч и Скопје од едната страна, но и Бургас во Бугарија од другата страна. Со ова, истакнаа премиерите, целиот регион станува поконкурентен за странски инвеститори.
Исто така, беше потпишан и Договор меѓу двете Влади за формирање заеднички работни тимови во областа на безбедноста, како и Протокол помеѓу двете министерства за внатрешни работи за начинот на вршење или спроведување заеднички гранични проверки преминот „Ќафасан/Кафтане“. Како што појаснија од Владата, ова значи дека двете држави потврдуваат идна поинтензивна соработка и успех во заедничката борба со организираниот криминал, но и полесно преминувањето на патниците и пократко чекање на граница.
Првата Меѓувладина седница на двете држави се одржа во Поградец, Албанија на крајот на 2017 година. Тогаш македонската делегација ја предводеше поранешниот премиер Зоран Заев, а домаќин беше албанскиот претседател Рама.