Сонот на младата виолинистка Ева Богоевска се остварува благодарение на шансата која и ја дава Факултетот за музичка уметност во Женева (Haute Ecole de Musique de Geneve - HEM). Да се добие привилегијата за мастер студии кај Островски не е мала работа, туку неверојатен успех. Посебно бидејќи меѓу двесте пријавени виолинисти од целиот свет, повеќето сакале да го добијат единственото место во класата на славниот виолинист и педагог.
За 21-годишната Ева, чест и задоволство е тоа што ќе учи од професор од светски калибар, со фасцинантна биографија, од чија класа излегле најдобрите студенти по виолина, кои денес градат меѓународни кариери.
„Подготовките за прием во неговата класа беа напорни. Спремањето програм за аудиција не е нешто што инстант може да се подготви. Интензивните подготовки можам да кажам дека започнаа од јануари 2021, но и да споменам дека за прием во класа на еден ваков професор потребно е долгогодишно, континуирано вежбање, усовршување и надградување. Во таа смисла, благодарна сум и на мојот професор Олег Кондратенко кој долги години наназад го водеше мојот професионален развој“, изјави Богоевска за РСЕ.
Меѓу сите талентирани, Островски препознал нешто посебно во Ева, па ја охрабрил со силна поддршка како „ветер во грбот“.
„Морам да признаам дека пред да влезам во салата за полагање кога ја прочитав листата на кандидати почувствував возбуда. Но, во тој момент се сетив на последните зборови кои претходниот ден ми ги упати професорот после пробата со пијано соработникот. Ми рече: ,,Ева, има добри кандидати, но ти поседуваш исклучителна индивидуалност и јас сум сигурен дека комисијата ќе го препознае тоа“. Тие зборови ме охрабрија. Ете и во тоа се огледа големината на педагогот – да го охрабри и поддржи кандидатот кога е потребно зашто самодовербата е од исклучително значење кога се презентира дело на сцена“, додава виолинистката.
Идејата е родена во Њујорк
Можноста за соработка со Островски, се отворила за време на еден од нејзините интернационални настапи.
„Уште во 2017 година кога победив на Интернационалниот натпревар Рондо, во Њујорк, ми се роди желбата еден ден да бидам дел од класата на проф. Островски. Имено, после концертот што го реализирав во Карнеги Хол, нашата позната пијанистка и педагог Илинка Манова која живее и работи во Њујорк ми предложи дека би било извонредно за мене да можам еден ден да влезам во класата на проф. Островски. По нејзина препорака стапив во контакт со професорот Сергеј Островски, за што сум и многу благодарна“, вели Богоевска.
Со Островски работи од почетокот на оваа година, а се воодушевила од професионалниот пристап уште од првиот час. Заедно го подготвувале приемниот испит, а неговиот концепт за исполнување на делата за неа е близок и природен.
„Тоа што доаѓаш од помала земја може да биде мотив за поголеми успеси“
Во нејзината порака упатена кон младите луѓе со големи цели, како онаа што ја имала таа кога се охрабрила го побара свое место меѓу најдобрите, се чита одлучност, упорност и верба во себе.
„Би им препорачала на младите никогаш да не се откажуваат во борбата за остварување на нивниот сон. Кога ќе патуваат во странски земји каде има огромна конкуренција на кое било поле, никогаш да не чувствуваат несигурност поради тоа што доаѓаме од помала земја. Напротив, тоа да им биде дополнителен мотив да му покажеме на светот дека иако доаѓаме од мала земја можеме и заслужуваме многу. Тоа беше мојот мотив кој стоеше зад сите мои досегашни интернационални успеси“
Непредвидливиот тек на пандемијата ја остава неизвесноста во игра. Но извесно е дека Ева ќе го направи она што е потребно за да успее да ги комбинира работните обврски во Филхармонија тука, со магистерските студии таму, патувајќи повремено за Женева. Во следниов период, се очекуваат одлични вести од швајцарска адреса, за успесите нашата виолинистка, која полна со самодоверба се движи по патот кој води до светската сцена.