Не е испратено такво упатство до персоналот на Обединетите нации со кое би се упатиле службите, наместо терминот македонски јазик да го користат терминот „јазик на Република Северна Македонија“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа од портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дјурачич.
„Употребата на референци од страна на Обединетите нации, вклучително и референци за придавки, за Северна Македонија се води според официјалната кореспонденција од Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Обединетите нации од 14 февруари 2019-та година, како што е рефлектирано и во UNTERM, јавно достапна терминолошка база на податоци на Обединетите нации. Секретаријатот на Обединетите нации, кој продолжува да го води персоналот на Секретаријатот, не издаде никакво друго упатство освен она содржано во UNTERM“, се вели во одговорот за РСЕ од седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.
Дневниот весник „Нова Македонија“ деновиве објави текст во кој посочува дека неименувани извори од ОН тврделе дека била донесена интерна одлука во Секретаријатот на Обединетите нации, со која на службите во Секретаријатот им се наложува наместо терминот „македонски јазик“, да го употребуваат терминот „јазикот на Република Северна Македонија (РСМ).
„Истите извори наведуваат дека без оглед што на официјалната страница на ОН сè уште пишува „македонски јазик“, во тек е постепено елиминирање на сите деривати произлезени од терминот „Македонија“, вклучувајќи и на јазикот, без оглед што тој во ОН како таков е признаен многу одамна. Понатаму се додава дека од оваа година категоријата „македонски јазик“ ќе се користи за „антички македонски јазик“, за што веќе Грците правеле напори да ги убедат ОН дека станува збор за дијалект на античкиот грчки јазик“, пишува Нова Македонија.
Од македонското министерство за надворешни работи велат дека тоа се шпекулации и дека во единствениот референтен документ на Организацијата на Обединетите Нации за главните обележја и податоци за земјите „UNTERM“ во делот на јазикот е конкретно наведено „македонски јазик“.
Во документот е наведено дека законска обврска за сите државни органи и институции, како и организации кои се финансираат со државни пари е да го користат официјалното име Република Северна Македонија или скратеното Северна Македонија. Во однос на другите придавки како „северномакедонски“ и „македонски “ не смеат да се користат во горенаведените случаи.
„Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на 6-те официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски). Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации“, се вели во одговорт на МНР.
Оттаму додаваат дека пријавените информации преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.
Професор Васко Наумовски, кој е и поранешен амбасадор во САД и екс вицепремиер за евроинтеграции за РСЕ вели дека се што досега е приложено во јавноста за статусот на македонскиот јазик во ОН е шпекулација.
„Македонскиот јазик беше официјално признаен во рамките на ОН дури во она време кога ние бевме под блокадата на Грција, уште кога бевме членки на ОН под привремената референца. Значи никогаш од страна на институциите внатре во ОН не било доведено во прашање постењето на македонскиот јазик. Тоа не е доведено во прашање во ниту еден од билатералните договори кои ги имаме склучени со нашите соседи. Мислам дека постоењето на една таква евентуална одлука би требало да се потврди и до тогаш не би можеле да коментираме“ вели Наумовски.
Според Преспанскиот договор кој беше потпишан во 2018 година официјалниот јазик е „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г..
Во членот 7 од договорот е наведено дека и македонската и грчката страна прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
Во однос на македонската страна во Преспанскиот договор, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).
„Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“, е наведено во Преспанскиот договор.
Во него е посочено дека ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.
Во демантот на МНР е наведено дека Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени документот „UNTERM“.